Повод: 112 години од смртта на македонскиот великан Пере Тошев
Пере Тошев е манифестација на македонската револуционерна совест, совест што го трасираше правилниот пат кон самостојност и независна Македонија. Секој негов чекор, секоја негова револуционерна дејност е во насока на заштита на македонските интереси, а низ годините Тошев се оформил како морален компас на македонското револуционерно движење и чистотата на македонската борба
На 4 мај се одбележуваат 112 години од смртта на македонскиот великан Пере Тошев, македонски национален херој и водач на македонското револуционерно движење од крајот на 19 век. Доколку се споредат неговиот лик и дело со другите македонски великани, како што се Гоце Делчев и Јане Сандански, може да се добие впечаток дека Пере Тошев е во нивна сенка, но тој е една од најмаркантните личности во македонското револуционерно движење, личност што остави вечна трага во македонската национална историја, како човекот што бескомпромисно ги заштитуваше националните и политичките интереси на македонскиот народ. Доколку внимателно се проучи многубројната историска литература, како и спомените на неговите блиски револуционерни сопатници, неизбежен е заклучокот дека денешната современа македонска држава ќе беше невозможна без Пере Тошев. Не случајно Пере Тошев во националната меморија на македонскиот народ е запаметен како апостол и совеста на револуционерна Македонија.
Морален компас на македонската кауза
Се вели дека совеста обезбедува егзистенцијална свест за нашите морални обврски, односно дека совеста ѝ овозможува на личноста да има морално знаење, односно како треба да се постапува во одредена ситуација. Во оваа смила, совеста е внатрешен морален компас, компас што на човековите суштества им овозможува да прават разлика помеѓу доброто и погрешното, компас што го води човековото одлучување и влијае врз човековото однесување.
Исто така се вели дека совеста е суштинска за растот и развојот, бидејќи ја поттикнува потрагата по морален интегритет. Доколку совеста се разбере на тој начин, тогаш не треба да нѐ зачудува фактот дека Пере Тошев е запаметен како совеста на револуционерна Македонија. Пере Тошев е манифестација на македонската револуционерна совест, совест што го трасираше правилниот пат кон самостојност и независна Македонија. Секој негов чекор, секоја негова револуционерна дејност е во насока на заштита на македонските интереси, а низ годините Тошев се оформил како морален компас на македонското револуционерно движење и чистотата на македонската борба.
Повеќе од една деценија Пере Тошев во името на Македонската револуционерна организација (МРО) остварувал контакти со голем број фактори што можеле да го помогнат македонското движење. Настојувал да ги оствари интересите на македонската кауза, а во тој контекст се и неговите разговори со проегзархиската групација во Солун, која била антагонистички настроена кон македонските револуционери, или одредени бугарски политички кругови од Софија што се обидувале да им го наметнат своето влијание во македонските револуционерни средини. Пере Тошев секогаш бил подготвен за соработка, но штом ќе почувствувал дека се загрозени македонските интереси, одлучно се спротивставувал.
Во тој контекст Ѓорче Петров вели: „Другите видни водачи, вклучувајќи го и Гоце Делчев, одамна беа пишани во црната книга на бугарските фактори. Пере единствен се користеше со нивната доверба и поради тоа, по нивно настојување, тој беше преместен во Солун. Кога Пере го кажа својот решителен збор за самостојноста на организацијата, за нив беше изгубена сета надеж за преземање на калето одвнатре и тие се помирија со положбата“.
По Илинденското востание, кога настапува разочараност во македонските револуционерни средини, разочараност што бугарските политички фактори се обидуваат да ја исползуваат за преземање на македонското револуционерно движење, Пере се пројавува како бранител на независноста на македонската кауза и се спротивставува на сите замешателства на бугарската влада. Затоа Ѓорче Петров вели: „Политичкиот живот во Бугарија не му се допаѓал на Пере и тој не бил во состојба да завладее со неговата душа. Пере јасно сфаќал дека моралните опстојувања на политичкиот живот се во целосно разидување со неговите сфаќања за моралот, за целите на политичките борби. За него имало само еден принцип, односно принципот дека во општествената дејност немаат место побудите на личниот живот… Со Димитар Ризов ги зачувал старите врски за лична доверба, која била калена во многу неволји, кои ги преживеале заедно. Другите стари политички пријатели, Пере избегнувал да ги сретнува кога ја посетувал Бугарија“.
Најмистериозната личност во македонското револуционерно движење
Пере Тошев е најмистериозната личност во македонското револуционерно движење. Секој што се занимаваа со проучување на македонското револуционерно се соочил со неговата молчеливост, молчеливост што оневозможува подлабоко разбирање на неговата личност. Во голем број собири, советувања или разговори, кога се донесувале значајни одлуки, Пере Тошев бил молчелив и се држел резервирано, но тоа не значи дека бил индиферентен.
Перевата молчеливост има еден образец, образец што постојано се повторува. Доколку внимателно се проучат достапната документација и литература, може да се увиди дека доколку концептот или ставот за кој се залагал во разговорите или советувањата има мнозинство од присутните, Пере не учествувал во дискусиите и секогаш оставал другите да говорат, држејќи се навидум резервирано. На тој начин не можел да биде обвинет дека поддржува една наспроти друга страна. Своето мислење го искажувал пред присутните кога мнозинството не се согласувале со неговите погледи.
Така постапил на советувања што му претходеле на Илинденското востание. Пере се држел навидум резервирано, оставајќи да говорат Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Но неговиот став го дознаваме при неговата средба со членовите на Главниот штаб (Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев), кога побарал одложување на Илинденското востанието.
Што кажаа за него?
Ѓорче Петров во својата „Беседа за Пере Тошев“ вели: „Се сметам за извинет кај оние слушатели што се надеваат дека ќе чујат сензационални работи и прикаски за бурните делувања. Херојските подвизи со надворешен блесок, ако претходно изјавам дека такво нешто не го краси Перевиот живот, затоа што сѐ што правеше го правеше во конспирација, невидливо вистинско македонско подземје. За него прилега да се каже оваа одлика отколку да се пишуваат поеми…“
Симеон Радев (македонски новинар, виден публицист, историчар и дипломат) вели: „Пере Тошев е меѓу најголемите македонски дејци, најнепознатиот. Тој живееше во самотија и умре незабележано. Неговиот тивок и меланхоличен образ беше полн со ретка и скапоцена фасцинација. Кај никого меѓу неговите соборци внатрешниот живот не беше толку чист, згуснат и пребогат со духовно богатство како кај него“.
Според Христо Силјанов (македонски револуционер и историчар), Пере како индивидуалист секогаш ги боготворел личните подвизи и не можел да се помири со мислата за народно востание: „За него само личноста воопшто има значење, бидејќи таа ја твори историјата, а не масите. Анархистичките дејства-бомбаџилукот, ја беа завладеале неговата душа. Секое друго средство за него беше неефикасно за борба против Турците и поради таа причина тој настојувал час поскоро да се пратат луѓе во странство за да се изучат на тоа искуство“. Силјанов го вели и следното: „Тошев е неповторливо оригинален меѓу револуционерните првенци. Кај никого меѓу неговите соборци внатрешниот живот не беше толку чист, згуснат и пребогат со духовно богатство како кај него. Руската литература извршила врз него големо влијание, но тој ги имаше сите црти на една словенска душа: добрина, нежност, свртеност кон духовен живот. А заедно со тоа, како и секој Словен, и недостаток на волја, што го забавуваше неговото дело и го ограничи неговото влијание во духовните кругови на македонското движење“.
Константин Кондов забележува дека Даме Груев по идеи клонел кон руското народништво и се наоѓал под влијание на Александар Херцен и Степњак. Не беше социјалист, ниту пак некогаш бил поклоник на Карл Маркс. Пере Тошев се наоѓал „под влијание на Лавров и Бакунин“.
На патот кон вечноста
Во 1912 година станало јасно дека Младотурската револуција е само еден заблудувачки потег на младотурците, за зачувување на интегритетот на Османлиското Царство, оттука Пере Тошев се вратил во Софија. Во престолнината на Бугарското Царство живеел во крајна беда и, наспроти тоа, не ги прифаќал предлозите за негова издршка. Пере знаел дека секоја прифатена услуга на крајот ќе се одрази врз интересите на македонското револуционерно движење. Тој интерес секогаш го ставал над личната благосостојба. Имало денови кога Пере гладен скитал низ софиските улици, страден за една цигара. Во тие денови Софија живеела со трепет од претстојниот двобој помеѓу балканските сојузници и Империјата. Засилената дипломатска активност и воени подготовки ја навестувале претстојната буна.
Пере Тошев бил прекршен од гладот и мизеријата, а дипломатската поделба на Македонија на спорна и неспорна зона го убила неговиот дух. Светозар Тошев истакнува: „Верен на сопствените зборовите ’нема поголема среќа за мене да ги положам коските во родната земја’, брза да си замине. Претчувствата за тажниот исход на српско-бугарскиот сојуз не му даваат спокојство. Тој веќе ја гледа својата земја во канџите на новиот и многу покрвожеден владетел. Напразни се усилбите на неговите другари да го отклонат од фаталното решение. Пере Тошев одмавна со раката збогувајќи се со животот, одговарајќи: ’еден пат се умира’“.
Откако османлиското комесарство во Софија му издало патен лист, Пере заминал за Македонија. Уште во престолнината на Бугарија бил следен од членовите на турската анархистичка организација Црвените браќа. На 4 мај 1912 година во Дреновската Клисура, во близината на железничката станица Градско, бил убиен во заседа. По пет дена роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле неговото тело да биде погребано во Прилеп. Под засилен надзор, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во селото Фариш, Тиквешко.