Современиот македонски поет Зоран Пејковски пишува долга поема од 25 пеења, со цел да му направи омаж на Петре М. Андреевски
Деведесет години од раѓањето на виртуозот на македонската литература
Деновиве во пресрет на 90-годишнината од раѓањето на виртуозот во македонската литература, големиот и бесмртен Петре М. Андреевски, од печат излезе поемата „Се умира ли од премногу сакање?!“ од македонскиот писател Зоран Пејковски, а посветена на Петре М. Андреевски. Рецензенти на ова поетско дело се: академик Катица Ќулавкова, Јордан Плевнеш и Владимир Илиевски. Издавач е познатата издавачка куќа „ПНВ-публикации“ од Скопје. Инаку, ова е прва објавена книга во 2024 година, и шеста поема од вкупно 65 книжевно-драмски, поетски, прозни, научни, публицистички и преведувачки остварувања на Пејковски.
– Поемата е составена од 25 (дваесет и пет) пеења. Поетот Зоран Пејковски го најавува широкиот тематски распон на поемата и нејзината воздигната трогателна и свечена патриотска и химнична интонација. Се работи за големата и трагична македонска историска приказна, која оставила свои траги во просторот и времето, во јазикот и преданието на Македонците, кои „Ги измешале небото и земјата (…) предавствата и херојствата“. Љубовта е засенета од презирот спрема предавствата, кои биле секогаш извор на најголеми лични и колективни страданија. Ако треба да се опишат македонското поднебје и македонската историја, тогаш треба да се потсетиме на тоа дека Тие, Македонците, ги мешале небото и земјата, сакралното и профаното, паганското и христијанското, минатото и сегашноста. Поетот зборува од дистанца, временска и вредносна, небаре е во улога на историчар и судија – пишува во својата рецензија академик Катица Ќулавкова.
Поемата на Пејковски е мелодраматична. Во далечината на последните неколку пеења се наѕира силуетата на Петре М. Андреевски, кој како хиперчувствителен и осамен боем им се предава на чувствата и го брани своето право на слобода.
– Во последните пеења се сугерира и една апокалиптична визија на Македонија. Останува само „црната кутија“ по падот на „авионот“, кутија што ќе сведочи за настаните што довеле до трагедијата. Интонацијата е траурна. Загубена е слободата. Зачуван е само сонот, но ни тој не е утеха – дополнува Катица Ќулавкова.
„Дениција“, како што е познато, е објавена во револуционерната година 1968 и нејзиниот познат стих од кој беа потресени повеќе балкански разузнавачки служби, кои ги пренесуваа своите „зони на опасност“ во светските центри на воената моќ, гласеше: „Кога ја љубев Дениција како да учествував во создавањето на првата македонска држава“!
– Всушност поемата на Зоран Пејковски „Се умира ли од премногу сакање?!“ низ призмата на Дениција е еден стамен поетски монументален запис, дека љубовта станува опасност во балканската и европската историја и нејзината „прекумерност“ го загрозува етаблираниот ред на нештата дури и е закана за Светскиот поредок – пишува рецензентот Јордан Плевнеш за поемата.
Писателот Зоран Пејковски со својот инспиративен творечки континуитет го дополнува корпусот на македонската книжевност со дела што длабоко навлегуваат во македонската историја и во македонската културна историја, истакнува рецензентот Владимир Илиевски.
– Во „Се умира ли од премногу сакање?!“ Зоран Пејковски ги открива местата каде што се кријат тајните на „мајсторлакот“ на Андреевски. Пејковски исто како и Андреевски се потпира на историскиот поттекст и успешно го пронаоѓа начинот на кој тој поттекст успева да се одвои од книжевното дело. Пејковски, и како автор, но и како човек, целосно го прифаќа искажаниот совет на Петре М. Андреевски. И за крај: поемата не се чита само еднаш, туку повеќепати се препрочитува. Причината за тоа не е двосмисленоста на искажаните ставови, туку во потребата понекогаш да се почувствува благата врелост на пријателската шлаканица за да се доотворат очите докрај пред несовршеноста на сегашноста – подвлекува Владимир Илиевски.
Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје. Автор е на 22 драмски дела, на шест сценско-драмски рецитали, на 21 збирка песни, шест поеми, еден роман, еден препев, четири научноистражувачки книги од театрологијата, три публицистички книги и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. С.Ј.