Иако почитуваниот колега и наш дописник Тони Гламчевски многу педантно и прецизно го пренесе четврточното обраќање на францускиот претседател Макрон од големиот амфитеатар од „Сорбона“, чувствувам обврска и од друг агол, оној што ја тангира нашата држава Македонија, да го дополнам мозаикот на информации, во функција на добивање поцелосна слика за нашите читатели и за граѓаните. Во таков контекст, ќе дадам само краток вовед и резиме на обраќањето на Макрон, врз основа на што ќе ги градиме тезите во консултација со релевантни соговорници

Европа и да (не) умира, Македонија треба да има своја долгорочна единствена сенационална политика

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на „француски начин“, со провокативна индискреција се наметна како своевиден идеолог за визиите, но и актуелното функционирање на Европската Унија. Од почетокот на својот прв мандат како француски претседател, пред седум години, практично го запре процесот на проширувањето, инсистирајќи прво Унијата да се реформира, а сега ја постави дијагнозата дека „Европа може да умре“.
Иако почитуваниот колега и наш дописник Тони Гламчевски многу педантно и прецизно го пренесе четврточното обраќање на францускиот претседател Макрон, чувствувам обврска и од друг агол, оној што ја тангира нашата држава Македонија, да го дополнам мозаикот на информации, во функција на добивање поцелосна слика за нашите читатели и за граѓаните. Во таков контекст, ќе дадам само краток вовед и резиме на обраќањето на Макрон, врз основа на што ќе ги градиме тезите, во консултација со релевантни соговорници. Имено, во своето обраќање на универзитетот „Сорбона“ во Париз (од каде што обично ги испраќа своите „визионерски“ гледишта за светот), францускиот претседател Макрон констатираше дека „постои ризик Европа да умре“. Но истовремено повика да се воспостави пообединета, суверена и демократска Европа, наспроти, многубројните геополитички и економски предизвици. Битката за изградба на силна Европа, според Макрон, е далеку од завршена и посочи дека таа ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија. Тој цени дека САД се повеќе окупирани со нивните внатрешни проблеми, како и со односите со Кина, отколку што се заинтересирани за состојбата во Европа. Макрон предупредил дека правилата на игра се сменети, но и дека Европа не е вооружена, како што додал, да се соочи со ризиците. Според него, опстанокот на Европската Унија зависи само од изборите на земјите членки на ЕУ. Во говорот вели и дека ја поддржува и политиката за постигнување „стратегиска автономија“ за која се залага Брисел.
– Европа мора да покаже дека не е вазал на САД и дека знае да разговара и со сите други региони во светот – е една од поентите на Макрон.

Македонија мора да ги чита сигналите на глобалните текови и да се грижи над сѐ за своите национални интереси!

Драматичната реторика на Макрон, на своевиден начин покажува дека тој како лидер е подготвен за ризични пресврти за иднината на ЕУ, а Македонија во овој свој внатрешнополитички пресвртен миг треба да има лидерски капацитет да биде прочитана пораката и конечно својата надворешна политика да ја приспособи во согласност со сигналите што водечките европски земји јасно ги испраќаат. Тоа значи дека мора да се внимава на потезите што се прават денес, односно да не се загрозат националните интереси, оти последиците ќе ги чувствуваме во иднината. Слепата послушност и прифаќањето на сѐ што ни се нуди, води по патот кон несигурна иднина и пласирање нови и нови бесконечни услови во Европа, која можеби е на умирање и која можеби ќе се трансформира во една поинаква Европа. Во таа насока, добро е ние предвреме да ги позиционираме нашите интереси во согласност со новите трендови, а не да жртвуваме нешто за застарен проект што е пред умирање.
– Суштината на постоењето на државите и нивниот суверенитет е примарно да создаваат услови за градење на нешто што претставува заеднички (национален) интерес.
Задачата на секоја влада е да ги штити интересите на државата и нејзините граѓани. Тргнувајќи од тие базични премиси, градењето на надворешната политика треба да тргнува првенство од националните интереси, секако со антиципирање на меѓународните тенденции, сигнали и политики. Треба да се биде дел од меѓународниот либерален институционализам, но и да се заштити националниот интерес. Проблемот во Македонија е што се чини дека ние не сме стасале да ги изградиме, или барем да ги дефинираме националните интереси. Во надворешната политика се однесуваме поводливо по разни ветувања, без анализа и поширока општествена дебата за можните импликации. Ние влеговме во НАТО само зашто ни рекоа дека тоа е чекор за членство во ЕУ. Членството во ЕУ и понатаму ни е далеку, со голем број нестандардни и непринципиелни условувања, а тука ни се и сериозните финансиски обврски што ги носи членството во НАТО, со издвојување 2 отсто од националниот БДП за вложување во одбранбените капацитети. За националните интереси треба постојано да се дискутира на општествен план меѓу политичките чинители (што не се само политички партии) и тоа да резултира со еден општествен договор. Националните интереси не се водат според тоа што ќе ни каже или вети со половина уста некој светски лидер – вели Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.

ЕУ „умира“ од антиевропските практики (занемарување на изворните европски принципи) на европските лидери

Се чини дека Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ, во последните седум-осум години својата надворешна политика ја подреди исклучиво на евроинтеграциите, некритички прифаќајќи ги сите услови што доаѓаа од европските лидери (па и од самиот Макрон), дури и на штета на националните интереси. Во политички миг кога Македонија одлучува на избори за правецот на својата европска иднина, францускиот претседател, кој стои зад фамозниот „француски предлог“ како услов за македонските евроинтеграции, кажува фаталистички прогнози за Европа.
– До дијагнозата на Макрон дека „Европа умира“, ЕУ стигна благодарение на лидери (како него) што сѐ повеќе ја користат Унијата како продолжена рака за дејства од нивен (национален) интерес, често во насока на одржување на некогашната колонијална моќ. Таквите постапки се спротивни на духот на заедништво втемелен во идејата за постоење на Европската Унија. Таквите, во суштина, антиевропски политики и наративи на лидерите се штетни и за самата Унија, но и за сите што гравитираат кон неа. На бизарен начин, Македонија се соочува со таквите антиевропски наративи на европските лидери, во францускиот предлог за преговарачката рамка, каде што на мошне циничен начин ѝ се поставени услови, кои практично се негација на сите декларирани европски вредности и принципи – вели професорката Ида Мантон.


Држави како Франција постојано го подриваат идеалот на Шуман, а ние многу добро ги знаеме тие средновековни политики на „развиените демократии“, оние што Борел ги смета за „градина“, тука во „џунглата“, во која со европски „амин“ се поддржуваат многу штетни, криминални и коруптивни практики – непочитување референдум, вадење парламентарци од затвор, криење лидери што нашата држава ги гони, а ЕУ ги крие. Оружје и посилни армии нема да помогнат да ги исполниме ветувањата што им ги должиме на многу дипломати што ја изградија Европската Унија, на грбот на КЕБС и на Обединетите нации

Ида Мантон: Стратегиски партнерства врз почит и принципи, да не се напуштаат по првични тешкотии

„Европа може да умре, а тоа зависи само од изборите што ги правиме“ е политичка, предизборна флоскула и не само што не помага туку сее страв, бара политики што ќе се носат од позиција на страв и наместо да се менаџираат и смалуваат конфликтите, ваквите повици водат кон милитаризација и повеќе жртви. Театарската уметност нѐ учи, а тие што го читале Чехов ќе знаат, дека секој елемент во приказната мора да е неопходен, а ирелевантните елементи (текст, монолози, ликови и реквизити) треба да се отстранат. Тој вели дека ако авторот воведе пиштол на сцена, мора да е тоа со причина, што значи дека ќе има истрел подоцна во претставата.
Макрон не е набљудувач, туку напротив, тој е еден од најважните столбови на Унијата. Негова и на неколкумина други лидери во Европа беше задачата да го менаџираат домаќинството, што по долги години преговори, судења и казнувања на фашистите, им го оставија способни лидери и дипломати во доверба дека ќе ги бранат слободите и човековите права, дека ќе ги доизградат институциите, кои ќе бидат контролен механизам за да не се повторат ужасите од Втората светска војна. Затоа градевме мултилатерален систем и дипломатија на мир. Завчера беше светскиот ден. Наместо да се вооружуваме до заби требаше да ги градиме мостовите од Хелсинки (1975) и Париз (1990). Токму во Париз се заложија Митеран и Горбачов дека времето на војни е зад нас. Но сите тие заложби, сите документи станаа само како референца и фуснота во јалови нови документи. Држави како Франција постојано го подриваат идеалот на Шуман, а ние многу добро ги знаеме тие средновековни политики на „развиените демократии“, оние што Борел ги смета за „градина“, тука во „џунглата“, во која со европски „амин“ се поддржуваат многу штетни, криминални и коруптивни практики – непочитување референдум, вадење парламентарци од затвор, криење лидери што нашата држава ги гони, а ЕУ ги крие.

Оружје и посилни армии нема да помогнат да ги исполниме ветувањата што им ги должиме на многу дипломати што ја изградија Европската Унија, на грбот на КЕБС и на Обединетите нации. Наместо да им ги зголемиме капацитетите, овие супранационални платформи се користат за политички пресметки, санкции и повик за зголемување на јазот меѓу Европа и многуте други титани. Јас се согласувам со Макрон дека Европа каска и би додала дека веќе долго време е реактивна и постојано бара лесни и краткорочни решенија. Ама за да си обезбеди место на светската мапа, Европа мора да престане со овие постколонијалистички наративи, со конфликтна реторика, со дипломатска офанзива и санкции и да работи на својата одбрана и економска независност. Не може да ја караат Кина за нееколошка свест, а сите да ја користат како глобална работилница. Војната во Украина ги откри многуте колаборационисти на кои Путин не им сметал многу долго време, туку напротив, заедно си профитирале. Е сега ќе се вооружуваме. Европа ќе преживее, што се тие слогани Vive la Europe? Преживеала многу војни, но прашањето е во каков свет и која Европа ќе се вклопува по овие тектонски промени. Нормално малите држави ќе имаат големи дилеми, но се плашам дека ЕУ сѐ помалку нуди примери за следење и со тоа се релативизира на ниво – нашиот избор да не е етички, вредносен и идеолошки, туку да е пресметан, краткотраен и флуиден. Денес со едни, утре со други… За да е поинаку, мора да знаеме дека стратегиските партнерства ќе бидат тука за нас кога ќе ни притребаат, дека се темелат на почит и принципи, а не дека ќе нѐ фрлат во првиот ендек поради нивни интерни тешкотии.