Фото: инстаграм профил / Зеленски

Светот одеднаш стана многу понесигурно место за мирен и достоен живот на луѓето. Воени жаришта или тешки воени судири се присутни на сите континенти. Во Европа, тоа е војната во Украина, на Блискиот Исток – во Газа, а воени судири зачестија и на африканскиот континент. И сето тоа со огромни материјални штети, предизвикани повеќеслојни кризи, кои се развиваат од локални кон глобални размери, драстично се намалува квалитетот на живеењето, но пред сѐ и над сѐ се регистрираат сѐ поголем број човечки жртви што предизвикуваат тешки човечки трауми и семејни несреќи. На пример, во 2022 година во Европа имало 82 илјади загинати во оружени конфликти, што е најголем број од крајот на Втората светска војна!

Зошто светот во кој живеат луѓето добива сѐ понегативни епитети од човештвото?

Војната во Украина е единствено одговорна за зголемувањето на бројот на човечките жртви на тлото на Стариот Континент – Европа. За разлика од едното, големо воено жариште во Европа, на т.н. Црн Континент – Африка, ситуацијата во однос на смртните случаи во оружени конфликти произлегува од низата помали, но пораспространети воени конфликти и судири. Тие воени конфликти се распространети на поголемиот дел од континентот. Така, на пример, во 2022 година во Африка имало 113 илјади жртви од оружени конфликти. И таму, во Африка, тоа е и највисока бројка од крајот на Втората светска војна!
Што се однесува на целиот свет, во 2022 година загинале вкупно 204 илјади луѓе во конфликти. Имено, воените конфликти каде што имало толкав број жртви биле окарактеризирани како: меѓудржавни (помеѓу две или повеќе држави), внатредржавни (држава против една или повеќе политички или етнички групи во државата) и екстрасистемски (меѓу државата и етничка или криминална група лоцирана надвор од државната граница). И оваа бројка на загинати во 2022 година е највисоката од 1987 година.

Нагло зголемување на бројот на загинати во конфликти

Дека ова не е случајност, туку долгорочен тренд, говори и податокот дека во периодот од 2013 до 2022 година во светот во просек годишно гинеле 91,5 илјада луѓе во воени конфликти во кои била вклучена државата барем на едната страна.
Во периодот од 2003 до 2012 година годишниот просек на починати бил 28 илјади, а меѓу 1993 и 2002 година 43 илјади. Од 1983 до 1992 година е регистриран најнасилниот период, со просечни 155.000 смртни случаи годишно. Споредувајќи ја 2022 година со првата најсмртоносна година во минатото, 1986 година, јасно е дека континентите со најмногу смртни случаи се промениле. Во 1986 година Европа беше целосно безбеден континент без војни, а во 2022 година почна војната во Украина.
Исто така, има сѐ повеќе загинати во воени конфликти во Африка, најмногу поради војната во Етиопија, но и поради десетици други конфликти низ континентот. Блискиот Исток е исто така невралгичен со многу жртви, но, сепак, многу помалку споредбено со периодот на 1980-тите години, особено во споредба со периодот од 1980 до 1988 година, кога се одвиваше војната меѓу Иран и Ирак.

Динамично се зголемува бројот на оружени конфликти во светот

Зголемен е и бројот на оружени конфликти, кои се поделени на меѓудржавни (меѓу две или повеќе држави), внатредржавни (меѓу држава и една или повеќе вооружени групи), недржавни (меѓу две вооружени групи, ниту една не е држава) и еднострана (држава против цивили).
Во 2022 година во светот имало дури 182 оружени конфликти, над двојно повеќе од 1989 година. Во последните децении расте бројот на оружени конфликти, иако има години на опаѓање, но јасно е дека во ниту една година од 2014-та немало помалку од 140 воени конфликти во ниту еден момент.
Спротивно на тоа, од 1989 до 2013 година, ниту една година не биле забележани повеќе од 130 конфликти во една година. На пример, во Африка во моментов се водат над 30 оружени конфликти. Таа бројка е фрапантна! Војната во Украина и општата воена состојба во Африка се статистички најодговорни за растот на воените конфликти во светот.

Постојани воени судири во Африка: Кој перманентно работи на предизвикување и поттикнување на воените судири?

– Централноафриканската Република е во состојба на општа граѓанска војна меѓу државните власти и неколку бунтовнички групи, и тоа од 2012 година.
– Јужен Судан, најмладата земја во светот, исто така е во состојба на постојана војна меѓу неколку различни фракции од нејзиното основање во 2011 година.
– Во Камерун, од 2017 година, има и оружен конфликт меѓу властите и неколку сепаратистички групи.
– Нигерија, Мали и другите источноафрикански земји не успеваат да стават под контрола големи делови од нивната територија што се преземени од исламистичките групи како „Боко Харам“ и африканскиот разгранок на ИСИЛ.
– Конго, Сомалија, Нигер, Буркина Фасо, Мали и многу други земји се зафатени од воени конфликти со различен интензитет, а континентот се претвора во едно широко и пространо воено жариште.


Војните и другите воени конфликти се одговорни за многу мал дел од смртните случаи. Во 2022 година загинале околу 60 милиони луѓе, така што 200 илјади од оние што загинале во воени конфликти претставуваат помалку од 0,35 отсто од вкупниот број на смртни случаи. Убедливо најголем „убиец“ се незаразните болести, првенствено срцевите болести (секое трето лице во светот умира од нив) и ракот (причина за нешто помалку од секоја петта смрт)

Контратеза: Војните и другите воени конфликти се одговорни за многу мал дел од смртните случаи на глобално ниво

Ако судиме според трендовите, последната деценија на 20 век и првата деценија на 21 век беа најмирните во историјата на светот. Периодот на релативен светски мир заврши околу 2013 година, а прашање е кога повторно ќе се врати.
Сепак, работите треба да се стават во поширок контекст. Иако бројот на смртни случаи во воените конфликти е зголемен, сепак тоа е незначителна причина за смрт во светот. Војните и другите воени конфликти се одговорни за многу мал дел од смртните случаи. Во 2022 година загинале околу 60 милиони луѓе, така што 200 илјади од оние што загинале во воени конфликти претставуваат помалку од 0,35 отсто од вкупниот број на смртни случаи.
Убедливо најголем „убиец“ се незаразните болести, првенствено срцевите болести (секое трето лице во светот умира од нив) и ракот (причина за нешто помалку од секоја петта смрт).
Но, треба да се знае и дека влошувањето на безбедносната ситуација во светот води до повеќе смртни случаи од другите причини поради сè полошата исхрана предизвикана од зголемувањето на цените на храната, потешката борба против заразните болести (на пример, маларија и туберкулоза) и едноставно помалку трошење за здравство поради потребата за финансирање на зголемените трошоци за одбрана.
Трошоците за здравствениот систем во секоја земја сочинуваат многу поголем дел од вкупните државни трошоци отколку војската. Поради планираното зголемување на средствата за воени цели, во целиот свет ќе се намали и зголемувањето на издвојувањата за други цели, меѓу кои и за здравство.
Затоа, една земја нема потреба да биде директно вклучена во воени конфликти за да го почувствува индиректниот негативен ефект на светот, кој почна да се вооружува и да војува.

Подготви: Даниела Трајковска Здравеска