Карактеристики на партискиот систем во Македонија

Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани

Приказната за партискиот систем во Македонија колку што е интересна толку е и чудна и нелогична. Изминатиот пат на партиите од 34 години никако да се стабилизира и втемели во социјалните групи во општеството. Значи, денес сѐ уште зборуваме за недоволна политичка профилација на партиите и системот што го сочинуваат, а отсуствува и нивната социјална втемеленост.
Рамката на партискиот систем во Македонија е утврдена со Уставот на Република Македонија, Законот за политички партии, Законот за финансирање на политичките партии и Изборниот законик, Уставот ја дава темелната вредност на нашиот уставен и политички поредок, при што политичкиот плурализам и слободните и непосредни избори се темелот на системот на парламентарна демократија во Македонија. Законот за политички партии ги дефинира политичките партии како организирани групи на граѓани што се залагаат за учество во власта. Со вториот закон за политички партии, дефиницијата беше проширена во смисла дека тие се доброволни организации на граѓани формирани за остварување и заштита на политички, економски, социјални културни и други права и уверувања и за учествување во процесот на донесување политички одлуки на власта.
Најверојатно поради овие амбициозни цели во првите пет години од воведувањето на политичкиот плурализам се регистрирани пет пати повеќе политички субјекти наспроти следните пет години. Исто така подоцна следува нов бран на регистрирање политички партии, па, така, за 20 години, од 2000 до 2020 година, формирани се повеќе од 40 политички партии.
Вака утврдената рамка на партискиот систем овозможува слободен политички и изборен натпревар, но недоволно ги изразува интересите на социјалните групи и несоодветно ги трансформира во политички интереси. Една мала ретроспектива, со цел да ги допреме корените на ваквите состојби. Воведувањето и првичниот развој на партискиот систем во Социјалистичка Република Македонија се одвиваат од 29 ноември 1989 година до 8 септември 1991 година. Во овој период разликуваме три фази: фаза на изразен политички монизам – која трае до 29 ноември 1989 година; втората фаза, која е транзиција од политички монизам до политички плурализам, започнува на 29 ноември 1989 година и завршува на 13 април 1990 година; третата фаза е фаза на политички плурализам – почнува на 13 април 1990 година и завршува на 8 септември 1991 година.
Значењето на овие датуми е тоа што во тој период се одржува десеттиот конгрес на СКМ, од 27 до 29 ноември 1989 година. Потоа се донесува Законот за изменување и дополнување на општествените организации и здруженија на граѓани, на 13 април 1990 година. Следуваат измената на Уставот на СРМ од 1974 година и носењето на Законот за избори и отповикување пратеници и одборници, на 21 септември 1991 година. Процесот завршува со спроведување на референдумот за независност на Македонија од 8 септември 1991 година – со кој граѓаните конечно раскрстија со социјалистичкото минато и се определија за демократска, независна и суверена Република Македонија.
Целиот овој период започна со непартиски плурализам, предлаган и форсиран од конзервативното крило на СКМ. Потоа следуваше формирањето на комисијата на експерти (Гошева комисија) ,па напуштање на тој „куц“ односно „осакатен“ непартиски плурализам и воведување демократски политички плурализам. Најпрво срамежливо се формираа политички партии што во своите имиња ги имаа зборовите „движење“ и „лига“, а потоа следуваше формирање на политичките партии без вакви префикси и суфикси односно додавки. Следуваше вистинска експлозија на формирање нови политички субјекти, што доведе до формирање мноштво политички партии и атомизација на партискиот систем (Саво Климовски, Тања Каракамишева-Јовановска, Александар Спасеновски, „Политички партии и интересовни групи“, Фондација „Конрад Аденауер“, Правен факултет „Јустинијан Први“, Скопје, 2016).
Регистрирани политички партии во РМ за периодот од 1990 до 2008 година се: за приодот 1990-1994 вкупно 75; од 1995 до 2000 се регистрирани 25 п. партии; во следните четири години (2001-2005) тој број е 39 п. партии; за во 2005 вкупниот број на рег. партии да е 139. Во 2006 г. биле дерегистрирани 61 партија, а во 2007 г. се појавиле 14 нови партии, за во 2008 г. нивниот број да изнесува 92. Овие податоци се од билтени на ДИК 1990-2006, документација од регистарот на политички партии во Општински суд Скопје 2, Забелешка: Според измените за политички партии од 2006 година, во 2006 година се избришани од евиденција повеќе политички партии, што подоцна е ставено вон сила од Уставниот суд на РМ.

По 34 години плурализам, работата на големиот број политички партии во Македонија можеме да ја анализираме од два аспекта на политичко и општествено искуство: поволно/позитивно искуство и неповолно/негативно искуство.
Неповолното/негативно искуство се огледа во фактот што политичките партии носат рецидиви од поранешниот еднопартиски систем во својата партиска инфраструктура и политичко дејствување, што се изразува во желба за владеење преку една партија или една коалиција на партии; голем дел политички партии боледуваат од кадровска, организациска, патронажна рециклажа од искуството од претходниот политички систем. Партиите тежнеат кон еднопартиска доминација и етничка обележаност, што се суштинска спротивставеност на граѓанскиот плурализам, слободите, правата и интегритетот на граѓаните. Во програмските документи и политичката активност на политичките партии недоволно се втемелени социјалните и групните интереси, на општествените групи и слоеви во целост. Најголем дел политички партии боледуваат од партиократизам на една или неколку партии во политичкиот и севкупниот социјален и културен живот, а тоа е појава што ги поништува придобивките од демократскиот плурализам, како што се владеење на правото, права и слобода на граѓаните, еднаквост пред законите, правда и праведност и слично.
Поволното/позитивно искуство од политичките партии во демократскиот плурализам во Македонија најмногу се рефлектира во: нивниот придонес и улога во агрегацијата на социјално-групните и општествено-развојните интереси, како и во афирмацијата на заедничките интереси на граѓаните; придонесот што го даваат во политичката асоцијација на граѓаните и во создавањето на граѓанската политичка култура; значајниот придонес во системската преобразба и политичкиот поредок на земјата, плурализацијата, почитувањето на основните политички права на човекот, граѓаните и нивните групни социјални интереси и др. (Мирчев Димитар, Лидија Христова, „Модерна политологија – темелите на проучувањето на политичкиот живот“, Универзитет ФОН, „Култура“, 2008)

Така некако несигурно, но со голем ентузијазам и романтизам влеговме во системот на парламентарна демократија. Уставот што го донесовме како основен правен и политички документ промовираше и гарантираше либерални вредности (човекот и граѓанинот и нивните слободи и права и механизмите за нивна заштита). Овој највисок правен акт на државата Lex Superior ги афирмираше и социјалните вредности со кои Македонија беше дефинирана како социјална држава што ги прифаќа правото на работа, правото на социјална заштита, правото на синдикална организација, правото на штрајк, правото на трудот и капиталот како основа за управување со фирмите.
Бевме длабоко убедени дека со ваквата уставна рамка влегуваме во фамилијата на модерните демократии, недоволно свесни и подготвени да се соочиме со неколку големи предизвици: проблемите и пречките во врска со признавањето на сувереноста и државноправниот легитимитет во ООН и ЕУ, поради што битката за целосно меѓународно признавање траеше многу долго и ѝ нанесе големи штети на државата; со стопанска и изолирана позиција, во услови на постојано негирање на идентитетот, името, јазикот и независноста, економските перформанси на државата беа релативно неповолни, исто како и стандардот на населението; традицијата во модерен демократски и пазарно ориентиран поредок долго време не може да се ослободи од аграрното, назадното и деградирано социјалистичко општество и менталитет; високиот коефициент на етничка мешаност на населението заедно со различната социјална, материјална и културно развојна положба на етничките заедници ги направи меѓуетничките односи во општеството крајно чувствителни, политизирани и значајни за функционирањето на демократскиот политички поредок.

Сотир Костов

(продолжува)