Фото: „Нова Македонија“

Ова прашање не се однесува само за Хрватска. Овој проблем длабоко ги тангира и Македонија и нашето домашно земјоделско производство,
и тоа по повеќе основи. Одговорноста на производителите кон консументите е огромна, па било тоа да се граѓани од ЕУ, од регионот или
пошироко или, пак, тие да се граѓани од нашата република што ги купуваат земјоделските производи од локалниот домашен пазар.
Пестицидите не избираат жртви

Хрватска

Хрватските официјални органи пред извесно време ја информираа јавноста дека повторно е стопирана пратка со зеленчук од Македонија, затоа што е утврдено дека содржи опасни пестициди. Токму оваа информација ја отвори повторно темата за безбедноста на храната во Хрватска, особено за земјоделските производи. Ова прашање редовно се актуализира кога на граничните контроли ќе се констатира дека некоја пратка не ги исполнува соодветните критериуми. Но прашањето не се однесува само за Хрватска. Овој проблем длабоко ги тангира и Македонија и нашето домашно земјоделско производство, и тоа по повеќе основи. Одговорноста на производителите кон консументите е огромна, па било тоа да се граѓани од ЕУ, од регионот или пошироко или, пак, тие да се граѓани од нашата република што ги купуваат земјоделските производи од локалниот домашен пазар. Пестицидите не избираат жртви.

Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската Унија (РАСФФ) алармира за Македонија

Со последниот случај, Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската Унија (РАСФФ) објави дека од Македонија во Хрватска во период од нецела година биле откриени вкупно четири пратки со зеленчук што во себе содржеле голема доза штетни пестициди. Поради ова, пратките не ги поминале контролите на хрватската граница, а на страницата на РАСФФ стои дека тие добиле етикета како „потенцијално ризични“ по здравјето на граѓаните.
Притоа се наведува дека последниот ваков случај е евидентиран на 19 февруари, 2024 година и станува збор за мешана салата, која во себе содржела „хлорпирифос“, пестицид опасен по здравјето, кој според последните истражувања, објавени на страницата на РАСФФ, доколку се консумира, кај децата може да придонесе за нарушувања во развојот на мозокот, како и зголемена хиперактивност. Количеството хлорпирифос што било откриено во спорната пратка изнесувало 0,055 милиграми во еден килограм, а дозволеното количество на овој пестицид во одреден производ, според европските стандарди, е нула. Случајот го потврдуваат и македонските власти.
– Пред извесно време имаше информација од РАСФФ дека во една пратка од нашава држава биле откриени остатоци од „хлорпирифос“, пестицид што не е дозволен и кај нас и во ЕУ. Па затоа пратката била поништена веднаш на самата граница – изјави за македонските медиуми директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски.

Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на ЕУ укажува дека ова е веќе трет случај годинава

Она што згрижува е фактот дека, според системот на РАСФФ, ова е веќе трет ваков случај годинава со македонски земјоделски производи, поточно со зеленчук наменет за Хрватска. Првиот бил на 22 јануари, кога на хрватската граница е пресретната и уништена пратка со мешана салата (овошје и зеленчук), која во себе содржела остатоци од пестицидот „хлорпирифос-етил“. Количеството на откриените пестициди во оваа пратка изнесувало 0,068 милиграми во еден килограм, а во ниту една од пратките не е прецизирано колкаво било нивното вкупно количество, односно колку килограми зеленчук биле наменети за хрватските пазари.
Следуваше блокирањето пратка со свежи моркови, испратена за Хрватска на 15 февруари годинава, која во себе содржела остатоци од пестицидот „хлорпирифос-етил“ во количество од 0,049 милиграми во еден килограм.
Хрватските медиуми потсетуваат дека покрај овие три случаи во првите три месеци од новата година, во РАСФФ стои дека досега од страна на Хрватска била вратена уште една пратка со зеленчук од Македонија, која во себе содржела недозволени пестициди. Станува збор за пратка со пиперки, која во септември 2023 година била регистрирана како „опасна“ од страна на цариниците на хрватската граница и не добила зелено светло за влез во оваа земја.
Податоците на РАСФФ покажуваат дека вакви спорни пратки со стока од Македонија биле откриени и уништени само на хрватската граница, не и во други земји. Но затоа, пак, Турција лани и годинава во 11 наврати се обидела да извезе најразлични видови овошје и зеленчук во Хрватска полни со опасни пестициди, но стоката била уништена на самата граница. Според податоците на РАСФФ, на хрватската граница биле откриени и две спорни пратки со домати и млад кромид од Албанија. Во најголем дел од случаите кај овие пратки станувало збор за пестицидот „хлорпирифос“ – забранет од ЕУ во 2020 година поради неговиот генотоксичен потенцијал и развојната невротоксичност кај цицачите.

Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска