Како еден од првите чекори што треба да се направат, а на кој укажуваат експертите, е да се започне процес за окрупнување на земјоделските површини. Според нив, една од главните причини за ниското и неефикасно земјоделско производство и најголем ограничувачки фактор за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство се малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на парцелите
Македонското земјоделие од година на година се наоѓа во сѐ полоша состојба. Тоа го зборуваат експертите, аналитичарите, директните актери – земјоделците, но и официјалните бројки. Според извештаите на Државниот завод за статистика и годишните извештаи на Министерството за земјоделство, во 2016 година во Македонија под пченица биле некаде околу 80.000 ха, во 2022 година површините паѓаат на 70.000 ха, што значи 10.000 ха помалку. Истата таа 2016 година сме произвеле 306.000 тони пченица, а во 2022 година некаде околу 224.000 тони пченица, што значи дека, покрај површината, се намалува и произведената пченица.
Она што особено загрижува е податокот дека драстично се намалува бројот на земјоделци што се занимаваат со земјоделство и во регистрите, но и во теренската активност. Како резултат на тоа, Македонија станува сѐ повеќе увозно зависна од храна, за што најдобра потврда се статистичките податоци што ги води државата во смисла на потрошени средства за увоз на храна на сметка на домашното производство, кое е многу намалено. Експертите со кои се консултиравме само ја потврдуваат ваквата ситуација со конкретни примери и алармираат дека Македонија станува сѐ повеќе увозно зависна од храна, односно онаа домашна квалитетна храна, која некогаш сме ја имале за сопствените потреби и најголем дел одел за извоз, што значело девизен прилив за државата, денес се движи во сосема обратен правец.
Бројките велат дека ако пред десетина години имало над 95.000 земјоделци апликанти за поддршките што МЗШВ ги имало во тоа време, во 2023 година имаат аплицирано некаде околу 65.000 земјоделци, што е сериозно намалување на бројот на земјоделци што се занимаваат со земјоделство.
Земјоделството на спореден колосек
Од осамостојувањето на земјава, македонското земјоделство беше запоставувано, а тоа е клучната стопанска гранка што е есенцијална за да се обезбеди самоодржливост во снабдувањето со храна. За жал, како што потврдуваат официјалните статистики, од година на година драстично се намалуваат површините што се обработуваат во речиси сите сектори, што резултира со намалени приноси, а наедно рапидно се намалува и бројката на земјоделци активно вклучени во овој сектор.
Дополнително ни се случува сериозно намалување на сточниот фонд во Република Македонија, па се најдовме во ситуација млекото што се продава во нашите продавници речиси целосно да е од увозен карактер. Иста е ситуацијата и кај млечните преработки. Ништо подобри не се ниту бројките што ни ги презентираа познавачите на состојбите во тутунопроизводството. Ако некогаш Македонија произведувала над 30 милиони килограми, денес реколтата е преполовена, а да не заборавиме дека зборуваме за квалитетен тутун, кој е баран секаде низ светот.
Од каде да почне заздравувањето на македонското земјоделство
Повеќе од две децении македонското земјоделство се соочува со огромен број предизвици. Со цел унапредување во земјоделско-прехранбениот сектор, потребно е преструктурирање за, меѓу другото, тој да може да се справи со конкуренцијата од европскиот пазар кон кој цели, да ги примени европските правила, да антиципира, планира, организира и да спроведе мерки во сите фази на земјоделското производство (вклучувајќи и пласман и откуп) со активна партиципација на државата, но и да се стимулираат младите земјоделци да останат во земјата.
Политиките на Европската Унија во делот на земјоделството се насочени кон обезбедување доволно храна за сите жители на ЕУ. Политиките во делот на руралниот развој се насочени кон обезбедување развој на руралните средини, како и обезбедување услови за развој, модернизација и за зголемување на производството на храна.
Од Стопанската комора велат дека во насока на брзи приспособувања на земјоделско-прехранбениот сектор кон новонастанатите услови, но и барања, потребно е да се трансформираат земјоделско-прехранбените системи, во насока на подобро производство, подобар квалитет, подобра животна средина и на подобар живот.
Притоа се укажува дека едно од клучните барања е да се започне процес за окрупнување на земјоделските површини. Според Комората, една од главните причини за ниското и неефикасно земјоделско производство и најголем ограничувачки фактор за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство се малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на парцелите.
– Една од клучните мерки во создавањето конкурентен земјоделски сектор се однесува на земјишната политика, чија основна цел е да се консолидира земјиштето и да се регулира земјоделското земјиште, особено кога станува збор за државното земјоделско земјиште. Доколку државата не го направи тоа во процесот на преговори со ЕУ или обезбедувајќи дополнителен транзициски период, тоа ќе биде откупено од странските компании по многу пониски цени на штета на домашните производители и компании – истакнува Васко Ристовски од Стопанската комора.
Формирање посебна агенција за развој за зголемено производство
Поранешниот стопанственик Ѓоко Савов исто така се залага за комасацијата, но оди и чекор понатаму во размислувањата за унапредување на македонското земјоделство, па се залага за плански и долгорочен развој поддржан и овозможен од државата, во кој максимално ќе биде вклучен и приватниот бизнис.
– Потребна е реализација на проект за висок развој! Тој би бил можен пред сѐ со формирање посебна агенција за развој, која ќе биде одговорна пред Собранието и ќе биде ослободена од политичкото расположение во земјата. Агенцијата би иницирала проекти, би ги синхронизирала во контекст на сите општествени промени, за истите тие да бидат со потребниот позитивен ефект за процесот на општо зголемено производство. На пример, за земјоделството ќе ја реализира потребната комасација, ќе обезбедува анализи од пазарот што да биде годишниот план за производство по сорти и количества на земјоделските производи, ќе обезбедува финансиска помош за купување опрема, ќе обезбедува техничка помош – вели тој.
Потоа, како што додава Савов, со комбинација на приватен и државен капитал ќе обезбедува откуп и преработка на вишокот производи.
– Агенцијата ќе врши откуп и на однапред недоговорените количества вишоци во земјоделството низ целата територија на државата. За тоа ќе ѝ требаат ладилнички и преработувачки капацитети. Очигледно сликата за улогата на агенцијата е убава. Но таа мора да биде моќна и авторитетна – потенцира Савов.
Нашите соговорници потенцираат дека во ситуација кога државата преку агенцијата ќе ги откупува земјоделските производи, таа ќе може да ги продава во земјите од блиското соседство, а за таа цел ќе можат дополнително да се активираат и македонските транспортни компании, така што придобивките за домашното стопанство повеќекратно би се зголемиле во однос на сегашната состојба. Е.Р.