Фудбалската асоцијација, по брегзит, предлага на клубовите во Премиер-лигата да им се дозволи да потпишуваат договори со кој било странски фудбалер, но и да имаат само 13 играчи што не потекнуваат од матичната средина
Како и политичарите, брегзит го подели и англискиот фудбал. На четири месеци од разделбата на Велика Британија со Европската Унија (ЕУ) и непостоењето консензус во врска со условите околу тоа заминување, постои неизвесност и околу фудбалерите што во иднина ќе можат да ги ангажираат клубовите во Премиер-лигата.
Според „прагматичното“ решение на Англиската асоцијација (ФА), по брегзит на клубовите во Премиер-лигата ќе им биде дозволено да потпишуваат договори со кој било странски фудбалер. Но, се предлага на клубовите да им биде дозволено да имаат само 13 играчи што не потекнуваат од матичните клубови. Таа бројка е просек, базиран на 262 играчи во 20 тима, кои не се домашни. Играчите од европскиот континент би можеле да станат предмет на истите барања за имиграција во Велика Британија како и за нивните колеги од остатокот на светот.
Моментно ФА спроведува визен режим за неевропски играчи во соработка со Министерството за внатрешни работи. Доколку не се постигне договор помеѓу ФА и Премиер-лигата, може да се случи тој визен режим по брегзит во март 2019-та да се применува за секој странски играч.
Играчите од првите 50 земји на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) добиваат работни дозволи доколку исполнуваат неколку услови. Потребно е да имаат одиграно 30 отсто од натпреварите во период од две години во репрезентациите од првото до 10-то место на листата, односно 75 отсто во селекциите од 31-то до 50-то место на ранг-листата на ФИФА. Според истражувањето на ФА, кое го пренесува „Асошиејтед прес“, 65 отсто од фудбалерите од Европа, кои сега играат во Премиер-лигата, не ги исполнуваат тие критериуми.
Повеќето од 20-те екипи во моментов не ја користат максималната квота од 17 играчи што не се израснати во домашните клубови. Според истражувањето на ФА, кое минатата недела им беше претставено на премиерлигашките клубови, ограничувањето на 13 домашни играчи, во минатата сезона би влијаело на само 42 настапи на фудбалери (24 биле стартери во тимовите) од вкупно над 10.000 настапи.
Ограничените можности за настап во премиерлигашките тимови за младите англиски надежи беа илустрирани преку примерот на Џејсон Санчо (18), кој лани го напушти Манчестер сити и замина во Германија, во Борусија Дортмунд. Санчо таму доби шанса да игра со репрезентацијата до 17 години победи на СП, а неодамна заигра и во најдобрата селекција на Англија. Адвокатите се сомневаат во основаноста на предлогот на ФА.
– Тоа е во спротивност со остатокот од имиграцискиот систем, кој им дозволува на работодавците да ангажираат работници само на одредени нивоа на плати и тие да имаат академски квалификации или вештини. Нефудбалските работодавци ја немаат слободата да ангажираат кого сакаат според некои нумерички критериуми – вели Ендрју Озборн, шефот за имиграција во лондонската адвокатска фирма „Луис Силкин“.
Моментно на клубовите во Премиер-лигата, како и на оние во Европа, дозволено им е да ангажираат играчи на 16 и 17 години меѓу земјите во регионот, надвор од регулативите на ФИФА. Но по брегзит, на британските клубови ќе им биде дозволено да потпишуваат договори со странски играчи на возраст над 18 години, како што е и во остатокот од светот.