Наспроти постојаните препораки од ЕУ за намалување на бројноста на администрацијата и зголемување на нејзината функционалност и ефикасност, куриозитетните примери, како „пропуштање рокови“ за обезбедување услови за дејствување во кризни ситуации (гасење пожари), или замена на документи на граѓаните поради обврски од билатерални договори што ги презела државата, наведуваат на сосема спротивен заклучок – администрацијата се зголемува, ефикасноста се намалува
Апсурдите на државната управа
Навидум „малиот пропуст“ со неинформираноста или несоодветната процена за пензионирањето на пилотите во Дирекцијата за спасување и заштита потсетува на уште еден „спореден“ случај на административна неодговорност во почитување на роковите и законските прописи. Сепак, во голема мера оваа „збрка со роковите“ за распишување оглас за вработување нови пилоти во ДЗС неизбежно асоцира на актуелната збрка со издавањето на личните документи и наведува на проблеми со дисциплината, одговорноста и функционалноста на функционерите во администрацијата, главно распоредени според партиско-коалициски договор.
Административна неодговорност во спроведувањето на законските прописи
Во евроинтегративниот процес во кој е влезена Македонија, од нас постојано се бара реформа во администрацијата, а се чини дека „реформите“ се движат во обратен правец – кон губење на дисциплината и одговорноста во администрацијата. Барањата и очекувањата од европските институции и реалноста на состојбите во македонската администрација го поставуваат прашањето: Какви реформи на администрацијата треба да бидат приоритет од оние што ги бара ЕУ?
– Ситуацијата во која е доведена Дирекцијата за спасување и заштита, да биде оставена неколку месеци без пилоти на два од трите авиона за гасење пожари, практично носители на дејноста на оваа институција, е грешка во работата на одговорното лице, да речеме – старешината на организацијата. Постапката за вработување во државните институции и јавните претпријатија е законски јасно регулирана и одговорност на „старешините“ е да ја планираат работата на институцијата и да ја следат и да се придржуваат до процедурата. Одговорниот на институцијата секако треба да знае кога се пензионираат вработените и да планира навремено да ја започне процедурата за нови вработувања според Законот за администрација и Законот за вработување во јавниот сектор. Планот за вработување во јавниот сектор, вообичаено, се подготвува една година порано, според потребите за систематизација во институцијата, и се доставува до Министерството за администрација и информатичко општество, кое потоа бара согласност од Министерството за финансии. Кога станува збор за потребата за вработување во јавниот сектор оваа година, се знаеше уште минатата година дека пролетва нѐ очекуваат избори, а познати се и предизборните законски ограничувања во поглед на вработувањата – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.
Реформите на администрацијата се движат во обратна насока?
„Инцидентите“ во функционирањето на администрацијата, кои сѐ повеќе личат на „хронична состојба“, создаваат амбиент за аргументи дека реформите во овој сектор, што како неопходна задача ги бара Европската Унија, се движат во обратна насока. Наспроти постојаните препораки од ЕУ за намалување на бројноста на администрацијата и зголемување на нејзината функционалност и ефикасност, куриозитетните примери, како „пропуштање рокови“ за обезбедување услови за дејствување во кризни ситуации (гасење пожари), или замена на документи на граѓаните поради обврски од билатерални договори што ги презела државата, наведуваат на сосема спротивен заклучок – администрацијата се зголемува, ефикасноста се намалува.
– Не би сакал да бидам во право, но ми се чини дека во септември нѐ очекува најлош извештај на Европската комисија во последниве 15 години, за реформите во администрацијата, односно за 23-то и 24-то поглавје на преговарачката рамка. Четири закони поврзани со реформите во администрацијата: Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за администрација, Законот за обуки во администрацијата и Законот за информатички развој во јавниот сектор, најверојатно ќе останат на стендбај во собраниската процедура, т.е. за новиот собраниски состав. Предлозите на законските текстови со европско знаменце влегоа во Собранието и ја поминаа расправата во Комисијата за европски прашања, но неизвесно е дали до изборите ќе поминат во Законодавноправната комисија и на пленарна седница. Како да нема политичка волја за овие реформски измени, особено за законскиот текст за задолжителна обука на административните работници, преку еден вид академија, со полагање испити, според принципот на Академијата за судии и јавни обвинители. Таквиот систем се чини не им одговара на партиите, на кои јавната администрација им е „терен“ за вработување на своите партиски кадри и клиенти – вели професорот Борче Давитковски.