Фото: „Нова Македонија“

Некои од цените сѐ уште се непроменети бидејќи набавките биле направени во текот на февруари кога важеа мерките. Но дел од маркетите и пазарите веќе алармантно ги зголемија цените на прехранбените производи, па граѓаните се загрижени дека и во иднина неконтролирано ќе растат. Кој е реалниот ефект од досегашните антикризни мерки? Како да се заштитат граѓаните од ценовниот шок? Како ќе влијае законот за забрана на нефер трговски практики?

По укинувањето на мерката гарантирани цени

По истекувањето на мерката на Владата за гарантирани цени, „Нова Македонија“ во текот на претходниве денови излезе на терен за да ја провери фактичката состојба со цените на основните производи, откако престанаа да важат антикризните мерки со кои беа опфатени лебот, брашното, млекото, сирењето, кашкавалот, тестенините, јајцата, оризот, овошјето и зеленчукот и многу други производи.

Алармантно покачување на цените

Дел од маркетите направија нови ценовни корекции на прехранбените производи, од 1 март повеќе не важат ни одлуките за намалување на царинските тарифи за 10 отсто за земјоделските производи увезени од странство. Тоа значи дека новите резерви на домати, краставици, пиперки, марули, кромид, морков, брокула, модри патлиџани, праз, карфиол и тиквички ќе се наплаќаат за 10 отсто повеќе од претходната царина. Тоа директно ќе влијае на поскапување на зелените пазари. Некои од цените сѐ уште се непроменети бидејќи набавките биле направени во текот на февруари кога важеа мерките. Но дел од маркетите и пазарите веќе алармантно ги зголемија цените на прехранбените производи, па граѓаните се загрижени дека и во иднина неконтролирано ќе растат. Кој е реалниот ефект од досегашните антикризни мерки? Како да се заштитат граѓаните од ценовниот шок? Како ќе влијае законот за забрана на нефер трговски практики?
Универзитетскиот професор Зоран Ивановски смета дека нема никаква потреба да се задржува мерката за замрзнати цени.
– Мерката замрзнување на цените мора да биде краткорочна и да се применува селективно, само за краткорочно стабилизирање на цените. Долгорочната примена на ваквите административни мерки создава фундаментални дисторзии на пазарот и креира амбиент за зголемување на сивата економија или појава на недостатоци на стоки и услуги на пазарот – објаснува Ивановски.
Според Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија, од искуството од минатото се очекувале поскапувања по отстранувањето на мерката.
– Мерката требаше да се продолжи и прошири за да се одржи постигнатата стабилност, спречувајќи натамошно осиромашување. Сметам дека гарантираните цени требаше да останат до завршувањето на изборите. Додека цените првично се намалуваа, кога започна оваа мерка забележавме дека прехранбени производи што не беа на листата за замрзнати производи продолжија да растат, што влијаеше на граѓаните при секое пазарење – посочува Лончар Велкова.

Правилна мерка, погрешна мерка… што е важно тоа кога граѓаните плаќаат сега многукратно поскапо?!

Според Сојузот на стопански комори на С. Македонија, пазарот треба да ги одреди цените, тој е финалниот регулатор. Како што велат оттаму, замрзнувањето на цените била погрешна мерка, начинот на справување со кризата со замрзнување на цените бил комплетно неправилен.
– Ние сметаме дека беше потребна друга солуцијата, да се одредеа целни групи што вистина се засегнати и имаат помали финансии, па наместо со 1.500 – 2.000 денари месечна заштеда, како досега, да се опфатат со 10 илјади денари месечно за оние граѓани што навистина немаат големи месечни примања, бидејќи не му значат секому тие 1.500 – 2000 денари, и така ќе имаше многу поголем импакт, а наедно немаше да има замрзнати цени. И доколку на ваков начин се реагираше во кризата, тогаш немаше да бидат погодени само прехранбените производи – посочуваат од сојузот.
Генерално ставот и информациите што доаѓаат од сојузот се дека нема да има сериозна корекција на цените, ќе има корекција на одреден број производи, бидејќи се дојдени во позиција компаниите да бидат непрофитабилни.
– Конкретно за лебот, можеме да тврдиме дека ќе остане истата цена. Во однос на она што трговците го прават, тоа е еден посебен сегмент и тоа е во рамките на законот за забрана на нефер трговски практики, и тој е многу значаен закон, кој ќе регулира многу важна област – објаснуваат од сојузот.


Не е прашање дали мерката треба да биде до избори, по избори, пред избори… туку едноставно, за граѓаните да се направат трајни и ефикасни политики

Антимонополската комисија да се фати за работа и да почне да го следи пазарот, бараат експертите откако завршија мерките за замрзнати цени. Професорот Ванчо Узунов вели дека таа има механизам да ги казни сите што ја злоупотребуваат пазарната позиција.
Замрзнувањето на цените до избори, според него, не е ништо освен популизам, со оглед на тоа што кога-тогаш тие ќе мора да се одмрзнат. Тој вели дека законот за забрана на нефер трговски практики требало да биде донесен уште многу одамна за да се заштитат цените на неопходните производи.
– Не е за сѐ исто, дали растат цените или не. Туку за оние производи или услуги што се битни за животниот стандард на граѓаните, оние за кои кога ќе се качи цената не може да не ги купиш. Тие треба да се заштитат. И тоа не е прашање дали треба да биде до избори, по избори, пред избори, туку едноставно, трајна политика. Ама сега граѓаните што да прават во дадениот момент? Ако навистина почнат многу цените да се качуваат, мислам дека ќе се реагира, ама не е во ред тоа – нагласува Узунов.
Министерството за економија подготвува листа на 2.000 производи чија маржа нема да биде повисока од 10 отсто. Производите што ќе се најдат на оваа листа ќе станат познати дури откако пратениците ќе го донесат законот за забрана на нефер трговски практики. Но, според експертите, тоа главно ќе бидат неопходни прехранбени и земјоделски производи.
Законот вчера беше на второ читање на комисија во законодавниот дом.
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство вели дека законот не бил приоритет на власта. Но говорејќи за земјоделските производи, прстот го вперува кон досегашното раководство во министерството бидејќи смета дека морало да воспостави систем за да ги заштити и земјоделците, но и крајните потрошувачи.
– Требаше министерството да реагира, да воспостави систем од примарниот производител до крајниот потрошувач. Гледаме дека откупната цена на сите земјоделски производи е далеку под рентабилноста, додека граѓаните плаќаат далеку поскапи производи. Едноставно, онаа измеѓу категорија наречена трговци и маркети го користи овој простор за да ги зголеми маржите – вели Цветан Трипуновски.
И додека македонските граѓани чекаат на државата да почне да се справува со високата инфлација, соседна Грција преку четири владини мерки ги намали цените на 3.000 производи, и тоа од 12 до 18 отсто. Станува збор главно за средства за чистење, производи за лична хигиена, земјоделски производи…