Високите температури во текот јануари и февруари позитивно се одразија врз потрошувачката на огревно дрво кај граѓаните на Кичево. Тие ќумбињата ги палат во доцните попладневни часови, па така потрошувачката на огревно дрво им е драстично намалена. Благодарение на топлото време ќе можат да заштедат одредена количина огревно дрво за следната зима.
– Оваа зима беше крајно дарежлива за нас бидејќи надворешните температури во јануари и февруари повеќе наликуваа на пролет отколу на зима, а тоа ни овозможи да престојуваме во домовите без целодневно затоплување. Се надеваме дека и во март времето ќе биде потопло, што ќе значи и дополнителна заштеда на огревно дрво. Временските прилики ќе ни овозможат, ако ништо повеќе, да заштедиме барем кубик – два дрва, кои ќе бидат добредојдени за следната зима – вели Томе Коруноски.
Слично искуство ни предочија и повеќемина негови сограѓани кои домовите ги загреваат со дрва. Тие се надеваат дека временските прогнози ќе се остварат и во март со помала количина на дрва ќе имаат топли домови, а залихите на дрва ќе ги префрлат за следната зима.
-Топлото време за нас е најголем подарок од природата. Ноќните температури се над нулата, а тоа ни помогна без да трошиме поголеми количества огревно дрво да го протуркаме периодов. Времето ни оди во прилог и ако се има предвид дека дрвата се скапи и потешко се доаѓа до нив, овие временски прилики се навистина нашиот најголем сојузник – вели пензионерот Драги Тренески.
Покрај заштеда на огревно дрво граѓаните на Кичево дишат и нешто почист воздух, бидејќи главниот загадувач на градот е токму чадот од ќумбињата. З.А