Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април) ви ги претставуваме досегашните циклуси (во претходните продолженија ги претставивме турнирите во Цирих во 1953 година, Амстердам во 1956-та и во СФРЈ Југославија во 1959 година)

ИСТОРИЈА НА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ (3)

Турнирот на кандидатите, последниот тест што шахистот мора да го помине за да го предизвика светскиот шампион во шах, има богата историја, која датира од 1950 година. Овој настан се појави како одговор на потребата од систематски пристап за одредување на предизвикувачот на светскиот првак. Пред 1950 година, кандидатите мораа да се движат низ лавиринтот од преговори директно со шампионот, да обезбедат финансирање и да организираат меч, односно процес што немаше структура и конзистентност, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април) ви ги претставуваме досегашните циклуси (во претходните продолженија ги претставивме турнирите во Цирих во 1953 година, Амстердам во 1956-та и во СФРЈ Југославија во 1959 година).

ПРЕДИЗВИКОТ НА КАРИБИТЕ (1962 ГОДИНА, КУРАСАО)

Повторно светски шампион стана Михаил Ботвиник. Како и Смислов, Таљ ја држеше титулата само една година пред да му ја врати на Ботвиник, кој го доби реваншот со 13-8. Следниот предизвикувач на 50-годишниот Ботвиник требаше да се одреди на Карибите. Форматот со четворокруг на осум играчи помина уште еден тест, а Тигран Петросјан, Ефим Гелер, Паул Керес, Роберт Фишер, Виктор Корчној, Пол Бенке, Михаил Таљ и Мирослав Филип требаше да останат на тропскиот остров два месеца. Поради здравствена состојба, Таљ се повлече по 21-то коло. Сите очи беа вперени во настапот на Фишер (19), но тој уште не беше подготвен да се спротивстави на советската шаховска машина. Петросјан го освои турнирот без ниту една загубена партија и стана деветти светски првак во историјата.

ЕРА НА МЕЧЕВИ (1965 И 1968 Г.) И ДОМИНАЦИЈА НА ФИШЕР (1971 Г., РЕЈКЈАВИК)

Турнирите на кандидатите во 1965 и во 1968 година беа златната ера на Русинот Борис Спаски, кој победи на двата турнира. На првиот, Тигран Петросјан ја задржа титулата за еден поен, победувајќи со 12,5-11,5, но во втората средба, три години потоа, тој загуби со 10,5-12,5 од осум години помладиот ривал, Спаски.
Следниот циклус влезе во историјата на шахот како крешендо на доминантните победи на Роберт Фишер, кулминирајќи со познатиот дуел во Рејкјавик (Исланд) против Спаски во 1972 година, наречен „Меч на векот“. Извонредните победи на Фишер во партиите на Турнирот на кандидатите, против Марк Тајманов (6-0), Бент Ларсен (6-0) и Петросјан (6,5-2,5), му го отворија патот да се соочи со Спаски. Во тој меч, Фишер го симна Спаски од тронот со 12,5-8,5 и стана 11-ти светски шампион. Барајќи посебни услови за игра, Фишер потоа целосно се повлече од активното играње. Во 1992 година, на 20-годишнината од првиот меѓусебен дуел, токму Фишер и Спаски одиграа пријателски меч во Црна Гора. Победи Фишер со 10-5 и 15 ремија.
(Идната недела: Хаос и стабилност за повторно обединување)