Во законот има дел според кој, ако дојде до блокирање сметка на лице што било изземено од извршување, односно приход што не смее да се извршува, односно ако станува збор за социјални случаи, алиментација или хуманитарна помош, во тие случаи ниту банките ниту извршителитe нема да смеат да наплатат надоместоци
Измените на Законот за извршување, за кои разговараме со Министерството за правда, дефинитивно ќе бидат во полза на граѓаните, изјави вчера Зоран Димов, претседател на Комората на извршители, пред стручната расправа по предлог-законот за измена на Законот за извршување. Тој истакна дека извршителите досега не можеле да знаат кои физички лица се социјални случаи за да бидат изземени од системот на блокада.
– Ова ќе биде решено во рамките на Законот за извршување. Треба да останеме ефикасни, бидејќи од Законот за извршување не можат да се изземат доверителите, а должниците да не ги добијат своите социјални права. Ние имаме увид во тоа дали одредено лице е корисник на социјална помош, и тоа лице нема да биде предмет на извршување. Ќе има промени и кај оние категории граѓани што се со минимални плати, и кај нив да има намалување. Таму има граѓани за побарувања што потекнуваат од 1990-тите години, за кои извршителите не се виновни, тие предмети ги наследивме – рече Димов.
Тој објасни дека во согласност со Законот за извршување, во Комората правеле интерна анализа за бројот на предмети.
– Ние во годината кога сме имале најмногу предмети, во 2006 година, најчесто од комунална природа, тие предмети биле вкупно 120 илјади. По тие предмети до граѓаните се доставени вкупно 13 милиони сметки. Од сите нив, кај нас во систем на извршување влегле 120 илјади, што е само еден отсто. Значи 99 отсто од граѓаните сами ги исплаќале сметките за комунални услуги. Како и да е, системот мора да опстои, зашто тој систем досега донел една милијарда евра, пари вратени кај доверителите. Инаку, во Македонија има 98 извршители, а приходите кај сите извршители се драстично паднати. Точна сума не знам, тоа е предмет на секоја завршна сметка, но ви гарантирам дека се драстично паднати – изјави Димов.
Министерката Рената Дескоска истакна дека во однос на Законот за извршување се водат повеќе расправи, на кои се разгледуваат аргументи за одредени законски решенија.
– Бараме решение што ќе значи заштита на правата на граѓаните, како и грижа за социјалната сфера. Предлог-законот е во собраниска процедура, се надевам дека во наредниот период ќе помине, за да се усвои. Потоа ќе има носење подзаконски акт, кој се однесува на тарифата на извршителите, се надевам дека ќе добиеме поддршка од Комората на извршители во процесот на намалување на трошоците зашто навистина е недозволиво граѓаните да плаќаат за долг што го направиле пред повеќе години по дваесет пати повеќе од основниот долг – рече Дескоска.
Освен кај извршителите и нотарите, некои невладини организации бараат да се намалат и трошоците кај банките за блокирање и одблокирање сметки што влегуваат во делот на извршување, но некои извршителите имаат проблеми со блокирање сметки на социјални случаи и бараат измени во Законот за платен промет, каде што социјалната помош ќе стигнува само на една сметка и таа да не може да биде блокирана.
– Ние ставивме во законот дека ако дојде до блокирање сметка на лице што било изземено од извршување, односно приход што не смее да се извршува (дали се социјални случаи, дали е алиментација или хуманитарна помош), во тој случај ниту банките ниту извршителитe нема да смеат да наплатат надоместоци – појаснува министерката Дескоска.