ТАЛЕНТИ: Сергеј Станковиќ, млад шахист од Куманово

Шестгодишниот Сергеј Станковиќ првпат почнал да игра шах кога имал само три години, а со наполнети пет години станал и активен член на Младинската школа на шаховскиот клуб Куманово.
Како член на клубот, Сергеј тренира трипати неделно под будното око на тренерот Жарко Митковски, кој е повеќекратен сениорски шаховски првак на Куманово. Исто така, тој се вбројува меѓу најдобрите кумановски шахисти.
Инаку, шахот е традиција во семејството на Сергеј, во кое тој е шахист од четвртата генерација. Пред него шахисти биле и неговиот прадедо Јаков, дедо му Синиша и татко му Срѓан. Тој како шахист во категорија до 18 години во 2002 година, на Поединечното првенство на Македонија, го освоил второто место. Истата година победил на Поединечното првенство на градот Куманово.
Малиот Сергеј својот шаховски талент го покажа уште на својот прв официјален настап на Екипното првенство на Македонија што се одржа во училиштето „Јахја Кемал“ во Скопје во ноември минатата година. Ова умно шестгодишно дете настапи како член на ШК Куманово во категоријата на младинци до осум години и успеа да го освои третото место и да го добие првиот медал во неговата, се надеваме, долга шаховска кариера.

Во почетокот на јануари тој настапи на уште еден шаховски турнир што се одржа во неговиот роден град, по повод одбележувањето 90 години од постоењето на ШК Куманово. Сергеј на ова натпреварување доби уште еден медал.
Интересен момент во животот на малиот Сергеј е што благодарение на шахот, тој уште на предучилишна возраст ги научил сите броеви и сите букви од азбуката, а малку подоцна научил и да чита.
Инаку, Сергеј е ученик во прво одделение во општинското основно училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово, каде што е добар ученик, а како шахист успешно настапува за училишната екипа.

Т.Д.


Дете

Во челото-белината,
во очите-светлината,
во погледот-топлината,
во снагата-планината,
во устата-вистината,
во душата-мајковина,
во срцето-татковина.

Тоа носи едно дете,
толку мало, а цел свет е!

Сашо Бетоски


Дали сте знаеле дека Грците и Римјаните не го познавале шахот

Шахот е древна стратегиска игра, за која се верува дека потекнува од Индија. Играта се игра меѓу два спротивставени играчи на дрвена табла во форма на квадрат со 64 полиња (8 х 8). Целта е преку движење на фигурите, според одредени правила, да се зароби противничкиот крал, односно да се „матира“. Името на играта потекнува од истоимениот персиски збор што значи „крал“.
Не постојат сигурни податоци за времето на настанување. Најверојатно играта се појавила пред повеќе од 2.000 години. При археолошки ископувања во Узбекистан биле најдени две фигури изработени од слонова коска, идентификувани како шаховски фигури, а датирани во времето на владеењето на царот Хувишке (II век).
Во V век во Индија настанала посебна воена игра на дрвена плоча, која на санскрит го носи називот чатуранга, а што значи четириделен. Чатуранга, далечниот предок на денешниот шах, била игра што го одразувала поредокот на тогашната индиска војска, а која ја сочинувале четири рода: пешадија, коњица, слонови и борни коли, а во средината се наоѓаат раџа (крал) и неговиот советник мантрин (денешна кралица). Движењето на фигурите се одредувало со фрлање коцка. Во VI век играта била прифатена од Персијците (чатранг), а од нив во VII век ја презеле Арапите и, нарекувајќи ја шатранџ, во IX век ја пренеле во Шпанија. Според некои истражувачи, шахот води потекло од Кина или Средна Азија.
Во новиот век била создадена легендата според која шаховската игра му се припишува на грчкиот јунак Паламед. Според легендата, тој ја измислил играта за време на Тројанската војна за да ја разбие досадата во текот на десетгодишната опсада. Сигурно е дека Грците и Римјаните не го познавале шахот.

(Википедија на македонски јазик)