Дилемата пред која повторно е исправена македонската јавност е дали некој намерно сака да ги поткопа македонските надворешни позиции во време кога е исклучително важно да се води зрела и мудра надворешна политика. Имено, во време на геостратегиски превирања кога македонската надворешна политика треба да ги препознае ризиците и можностите што произлегуваат од овие турбулентни времиња, апсурдно е да се испраќаат анонимуси на важни функции во исклучително моќни држави. Клучното прашање е до кога ќе се девалвира македонската дипломатија, иако претходно земјава наследи развиен дипломатски систем од поранешна Југославија, кој требаше само да продолжи да го практикува и во иднина бидејќи се покажа како исклучително функционален
Не престанува пополнувањето на амбасадорските и конзуларните позиции со нестручни кадри
Моќната дипломатија ѝ овозможува на секоја земја целосно да ги заштити националните интереси, да воспостави инфраструктура за економски развој на државата во поширок контекст, да издејствува подобри надворешнополитички позиции, но и да ја смести државата во одреден геостратегиски контекст со кој ќе биде гарантирана нејзината безбедност, но и нејзиниот просперитет и развој.
За жал, македонската јавност последните години е сведок на еден вид дегенерација на дипломатијата бидејќи се напушти добро воспоставениот кариерен систем и се пристапи кон пополнување на амбасадорските и конзулските места со луѓе што немаат никакво знаење за она што значи надворешна политика, уште помалку се способни да направат нешто во насока на подобрување на позициите на државата.
Погубувачките договори со Бугарија и со Грција, како и несреќниот „француски предлог“ се најдобрите докази за инфериорноста на дипломатската мрежа да издејствува подобри позиции за својата земја, да обезбеди сојузници кога е тоа најпотребно и преку нив да лобира земјава да ги избегне сите лоши предлози што ги доби последните години и поради кои се најде во подредена улога кон соседите, да мора да ги исполнува нивните желби и ултиматуми.
Партизацијата продолжува да ја урнисува дипломатијата
Причините за ваквите девастирачки состојби во дипломатија исклучиво може да се лоцираат во огромната партизација во оваа сфера, без да се води никаква сметка за квалитетите на кандидатите, било да се работи за амбасадори или, пак, за конзули.
Македонскиот дипломатски синдикат неодамна обвини дека повторно се прекршуваат внатрешните регулативи во Министерството за надворешни работи за назначување конзули. Според нивните сознанија, за генерален конзул во Мелбурн се предлага целосно анонимна личност, на која единствена квалификација ѝ е учество во безбедносниот тим на премиерот.
Дека ова е востановена практика наназад говори и фактот дека на иста функција во Њујорк и во Чикаго се испраќаа телевизиска водителка и син на политички аналитичар, кои воопшто немаат квалификации за ваква функција.
Дилемата пред која повторно е исправена македонската јавност е дали некој намерно сака да ги поткопа македонските надворешни позиции во време кога е исклучително важно да се води зрела и мудра надворешна политика. Имено, во време на геостратегиски превирања кога македонската надворешна политика треба да ги препознае ризиците и можностите што произлегуваат од овие турбулентни времиња, апсурдно е да се испраќаат анонимуси на важни функции во исклучително моќни држави. Клучното прашање е до кога ќе се девалвира македонската дипломатија, иако претходно земјава наследи развиен дипломатски систем од поранешна Југославија, кој требаше само да продолжи да го практикува и во иднина бидејќи се покажа како исклучително функционален.
Несоодветните кадри ги поткопуваат државните позиции
За познавачите на дипломатските состојби, ваквиот тренд на девалвирање на дипломатската функција е погубен за државата, која на овој начин наместо подобро да се позиционира во заштита на националните интереси, се доведува во ситуација да прави компромиси за работи што за секоја држава се свети и не се предмет на никакви преговори, а уште помалку на отстапки.
– Кога со години немаме амбасадори и конзули во клучни европски, но и светски држави, тоа говори многу за нас како држава. Ако вие во една Австралија праќате конзул што работел како обезбедување, а во Њујорк телевизиска водителка, тогаш за што зборуваме. Прво, најдрско ги навредувате тие земји со кандидатите што им ги испраќате. Таквите наши конзули или амбасадори, ниту некој ќе ги повика за нешто ниту пак ќе можат да издејствуваат нешто за Македонија. Ќе бидат само обични чиновници во амбасадата или конзулатот, ќе шетаат на државна сметка, ќе земаат убава плата, ќе одат по приеми и толку. Бенефицијата за државата ќе биде нула – истакнуваат поранешни дипломати со долгогодишно искуство.
Според нив, проблемот настана во оној момент кога и МНР почна да се партизира, па доброобучените дипломатски кадри беа ставени на страна за сметка на миленици на министерот.
– Доволно е само да видиме колку пати досега реагираше и предупредуваше Македонскиот дипломатски синдикат. Апелираа да се почитува системот на напредување и на служба да се праќаат обучени дипломатски кадри, а не анонимци за кои никој не слушнал. Ѝ се прави штета на државата. Го загубивме името, а како што тргнале работите ќе ѝ овозможиме и на Бугарија да ги реализира сите барања токму затоа што дипломатијата потфрли. А потфрли затоа што луѓето на клучни позиции немаа капацитет како подобро да ги заштитат националните интереси или, пак, што е уште пострашно, не беа засегнати од тоа бидејќи отстапките се на штета на народ на кој тие не му припаѓаат – потенцираат соговорниците.
Нестручните кадри не знаат што се државни интереси
Соговорниците понатаму говорат за штетите предизвикани од несоодветните кадри, кои во одреден момент беа вклучени во преговорите со Бугарија и со Грција.
– Доволно е само да се каже дека недостатоците на македонската дипломатија се директно поврзани со состојбата на македонската внатрешнополитичка сцена. Кога ќе го видиме распоредот на силите, узурпацијата врз институциите што ја прави еден политички субјект од една малцинска заедница, тогаш нормално ќе помине и Договорот со Бугарија и оној со Грција исклучиво на наша штета. Нема една точка во тие договори што е во наша полза, туку таксативно се наредени обврски само за Македонија. Жално е што ги гледаме илјадниците граѓани како мрзнат чекајќи да извадат лични документи, но тоа е резултат на неспособноста на дипломатијата во спогодбата од Нивици да обезбеди заштита на позициите. Зошто е прифатена точката „не подолго од пет години од потпишувањето на договорот“, кога претходно јасно стои дека имплементацијата треба да се одвива во согласност со отворањето на преговарачките поглавја. Ние не отвораме поглавја, тогаш зошто сега да ги изложуваме граѓаните и на трошок и на понижување. Ако имавме квалитетни амбасадори и конзули, сите тие ќе се растрчаа наоколу кај пријателските земји и ќе беа посоветувани што треба, а што не треба да се прави. Во тие земји требаше да се бараат сојузници, наместо на крајот да немаме ниту еден сојузник што ќе можеше да спречи бугарските барања да станат дел од преговарачката рамка – објаснуваат соговорниците.
Југословенскиот дипломатски систем беше светски стандардизиран, Македонија го напушти
Нивно мислење е дека Македонија погреши кога напушти еден развиен дипломатски систем оставен од поранешна Југославија и на тој начин буквално ја демонтираше и деградираше дипломатската мрежа.
– Југославија беше социјалистичка држава со еднопартиски систем, па од тие причини не можеше да му биде „симпатична“ на Западот. Но сепак, Западот ѝ помогна преземајќи ја на некој начин улогата на гарант на нејзината самостојност. Југославија не беше економски силна, беше во фаза на приближување да стане средно развиена земја, иако во некои години бележеше и импресивна стапка на раст. Капиталистичкиот Запад на таа Југославија системски ѝ помагаше, не со цел со кредити да ја фрли во должничко ропство, туку да ја зачува таква каква што беше, односно во улога на независен фактор на меѓународните односи, партнер, а неретко и сојузник. Југославија не беше импресивна воена сила што со примена на сила би ги придобивала „пријателите“. Имаше силна армија ориентирана исклучиво на одбраната на земјата. Само министерот за одбрана на една социјалистичка земја го посетил подземниот комплекс на противвоздушната одбрана на САД и Канада, тоа беше југословенскиот. Сето тоа беше резултат на разработената надворешна политика, на силните амбасадорски и конзуларни кадри, кои беа квалификувани луѓе, оние на кои секогаш и во секоја пригода на прво место им беше интересот на државата што ја застапуваа. Тие луѓе знаеја и во Советот за безбедност на Обединетите нации отворено со прст да им се заканат на амбасадорите на САД и СССР, порачувајќи им да „не си играат“, но имаа умешност и дискретно зад кулисите да преговараат и да се договараат, да примаат пораки и сугестии (никогаш наредби и диктати), да пренесуваат пораки кога ќе бидат замолени. Тоа беше вистинска дипломатија, која не беше само југословенска туку и светска. А видете сега кого сѐ испраќаме за конзули и амбасадори, со чесни исклучоци. За жал, тие луѓе не можат да создадат слика за Македонија како респектабилен партнер, кој знае кои се неговите интереси и кој е подготвен во секој момент да го брани своето достоинство, без оглед на големината на земјата со која разговара. За такво нешто се потребни обучени луѓе со интегритет, а не анонимуси што ќе го одработат својот мандат само колку во нивната биографија да стои дека биле амбасадори или конзули – заклучуваат дипломатите.