Поради геополитичка нестабилност, отежнат поморски сообраќај, недостиг од контејнери, возачи на камиони и работници во магацини и проблеми во индустриското производство, годинава се предвидуваат нови нарушувања во глобалните синџири на снабдување, како и можни недостиг од храна и зголемена инфлација. Храната што би можела да поскапи на глобално ниво во 2024 година е: месото (говедско, телешко, свинско и во помала мера живина), млечните производи, мастите и маслата, шеќерот, слатките, оризот, преработеното овошје и зеленчук, безалкохолните пијалоци. Храната што треба да остане на исто ниво или да стане поевтина вклучува: јајца, риба и морски плодови, овошје и зеленчук, житарки и пекарски производи.
Ненадејните шокови и промени во текот на годината ќе претставуваат предизвик за испраќачите, пристаништата, шпедитерите, превозниците, логистичките компании и земјите што ќе треба да ги прераспределат своите ресурси во согласност со пренасочувањето на товарните текови и амбивалентноста во побарувачката
Анализа: Предизвиците во 2024 година
Ако во 2023 година некои од луѓето можеа да го купат барем она што го сакаа доколку имаа пари, во 2024 година би можело да дојде во прашање дури и тоа. Со ваква констатација, аналитичкиот медиум „Геополитика“ почнува една од своите нови анализи, во која се обидува аргументирано да ги антиципира предизвиците во 2024 година, токму, во средината на првиот месец од новата година, кога се препознаваат и одредени индикатори за тоа што ќе следува или што ќе продолжи како појава или проблем и годинава…
Анализата предвидува немаштија од
поголеми размери…
Поради неповолни геополитички околности (војни, конфликти, трговски војни), густ поморски сообраќај преку транзитни тесни грла, климатски неволји, недостиг од контејнери, недостиг од возачи на камиони и магацински работници, проблеми во индустриското производство (недостиг од микрочипови и друга опрема), присутни негативни последици од пандемијата, нови нарушувања во глобалните синџири на снабдување веќе се случуваат и може да се случат. Овој проблем, според логиката на домино-ефектот, генерира недостиг од стоки за широка потрошувачка на полиците на продавниците и ја зголемува инфлацијата.
Според процените на ОЕЦД, ММФ и рејтинг-агенцијата „Ес енд Пи глобал“, инфлацијата на глобално ниво во 2024 година би требало да изнесува 4,7 отсто без избувнување на нови конфликти или интензивирање на постојните конфликти. За жал, се чини дека кризните жаришта нема да стивнат, туку поизвесно е дека ќе се разгорат. Се очекува раст на светскиот БДП од само 2,9 отсто.
Според сондажата на „Геополитика“, актуелните политички, економски и климатски трендови во светот и прогнозите на експертите покажуваат дека 2024 година би можела да биде година на тешки глобални текови на стоки и недостиг од храна, енергија и други стоки. Така, во 2024 година, обичните луѓе би можеле да продолжат да ја губат куповната моќ поради заканувачка галопирачка инфлација и во исто време да не можат да купуваат основни прехранбени производи (бидејќи тие нема да бидат на продажните полици).
Велика Британија би можела да биде особено погодена од недостигот. Таа ја напушти ЕУ во 2020 година, а од годинава важат нови закони за увоз на храна од ЕУ. Ако на ова конто се додаде и горливиот проблем на недостигот од возачи на камиони, тогаш работите во Обединетото Кралство излегуваат мошне комплицирани за годинава.
Две клучни точки на светскиот поморски сообраќај и светската
трговија каде што се загрозени глобалните синџири на снабдување
Глобалните синџири на снабдување во текот на 2024 година ќе бидат загрозени на две клучни точки на светскиот поморски сообраќај и светската трговија. Според анализата на „Геополитика“, станува збор за Суецкиот и Панамскиот Канал.
1. Суецкиот Канал овозможува да се скрати пловидбата помеѓу источниот брег на С. Америка и Европа од една страна и Африка и Азија од друга страна. Наместо да пловат околу јужниот брег на Африка (’Ртот на Добрата Надеж), бродовите го користат Суец како побрз и поевтин пат. Каналот е од клучно значење за транспорт на нафта и гас од регионот на Блискиот Исток до европските и пазарите на Далечниот Исток. Годишно низ Суец минуваат околу 25.000 брода и превезуваат 12-13 отсто од светската трговија и 30 отсто од светскиот контејнерски сообраќај. Пловидбата низ Суецкиот Канал е загрозена поради технички и (гео)политички причини. Техничките тешкотии се јавуваат поради прекумерниот сообраќај и релативно малата ширина (205 м) и длабочина (24 м) на каналот. Поради тоа каналот понекогаш станува тесно грло. Во март 2021 година, каналот беше блокиран шест дена поради контејнерскиот брод „Евер гивен“, кој се заглави на средината на водниот пат поради силните налети на ветерот и го блокира сообраќајот. Блокадата на еден од најпрометните трговски патишта во светот значително ја забави трговијата. Најмалку 369 брода чекаа на ред за да поминат со стока вредна 9,6 милијарди долари. Ако се повтори тоа, повторно ќе има недостиг од храна, енергија, разни материјали и инфлација во погодените земји.
Геополитичките закани за Суец се многу поопасни. Во потесна смисла тоа е војната меѓу Израел и Хамас, во нешто поширока смисла тоа е конфликтот меѓу Израел и арапскиот и исламскиот свет. Во глобална смисла, навигацијата низ Суец е загрозена од геополитичките тензии меѓу САД и ЕУ со Русија и Кина.
Иако Египет е муслиманска земја, тој ги нормализира односите со Израел во 1980 година и има одлични односи со Западот и Истокот. Меѓутоа, во последно време, за време на владеењето на претседателот Абдел Фатах ел-Сиси од 2014 година, односите со Москва и Пекинг доживеаја драстичен подем. Ако властите во Каиро поради некоја причина се радикализираат и ги влошат односите со Израел и Западот (на пример, доаѓањето на власт на Муслиманското братство) и го затворат Суецкиот Канал за западните бродови, тоа ќе биде промена од тектонско значење. Дури и ако властите само ја забават пловидбата во Суец, тоа ќе има силно негативно влијание врз глобалните стоковни текови и ќе има недостиг од храна и други потреби во Европа, Азија, С. Америка и на други места. Војната во Газа на крајот ги зголеми цените на природниот гас во декември. Обновените стравувања дека војната би можела да се прошири во регионален конфликт помагаат да се зголемат цените на бензинот.
Транзитната маршрута низ Суец веќе е загрозена од нападите на јеменските Хути врз западните бродови во Црвено Море како одмазда за израелската кампања во Појасот Газа. Поради нападите на Хутите, многу големи бродски компании веќе го откажаа пловењето по Црвено Море во декември – „Хапаг лојд“, „Евергрин лајн“, „Маерск“, ЦМА ЦГМ и МСЦ – и ги пренасочија своите пловидби кон ’Ртот на Добрата Надеж. „Маерск“ и ЦМА ЦГМ повторно почнаа да пловат во Црвено Море, а другите бродари се под знак прашалник, иако меѓународната воено-поморска операција „Чувар на просперитетот“ беше започната под водство на САД за нормализирање на пловидбата во Црвено Море. Трошоците за испорака ќе продолжат да растат без оглед на тоа дали испраќачите го користат Црвено Море или испраќаат бродови на подолгата, поскапа маршрута низ Јужна Африка. Во последниве денови „Маерск“, ЦМА ЦГМ и „Хапаг лојд“ објавија нови цени за превоз на стоки по многу од најпрометните трговски маршрути во светот. Повисоките цени на товарот значат повисоки цени на стоките.
2. Панамскиот Канал витален транзитен пат во ризик
Исклучително е важен и Панамскиот Канал. Тој е клучна точка што ги поврзува Атлантски и Тихи Океан. Каналот е стратегиска транзитна точка, која овозможува побрз и поекономичен транспорт на карго помеѓу индустрискиот источен брег на САД и Азија, без потреба од бродови да пловат околу Јужна Америка и нејзиниот најјужен дел на ’Ртот Хорн и Огнената Земја (Теснецот на Магелан). Исто така, каналот го олеснува доаѓањето на стоката во Европа од западниот дел на Јужна Америка. Низ каналот годишно минуваат 14.000 брода, што претставува 6 отсто од светската трговија. Улогата на каналот дополнително се зголеми во услови на тешки глобални синџири на снабдување за време на кризата поради коронавирусот и трговската војна меѓу САД и Кина. На каналот му се заканува ниско ниво на вода за време на суши поради климатските промени, што беше евидентно минатото лето. Управата на каналот беше принудена да го ограничи бројот на бродови што пловеа низ каналот.
Покрај климатските проблеми, функционирањето на Панамскиот Канал може да биде загрозено и со заострување на односите меѓу САД и земјите од Латинска Америка, главно поради растечката миграциска криза на границата меѓу Мексико и САД.
Панама е транзитна земја за мигрантите што сакаат да одат во САД. Ако од која било причина пловидбата во каналот биде нарушена или прекината, тоа може да доведе до недостиг од храна и други потреби во САД, Европа и можеби Азија. Се разбира, растот на цените на суровините е неизбежен, како и инфлацијата.
Важноста на стратегијата за кризна логистика
Оние компании што развија нова стратегија за кризна логистика за време на пандемијата се поспособни за нови тешкотии во синџирите на снабдување поради политички, економски, климатски или други причини.
Стартап и етаблирани компании создаваат нови логистички маршрути засновани на употреба на обновливи извори на енергија и алтернативни горива (електрични и хибридни возила, етанол, биодизел, одржливо воздухопловно гориво – САФ, водород…). Нарушувањето на стоковните текови ги принудува компаниите да направат промени во своето работење за да ги направат одржливи и отпорни на нарушувања во трговијата.
Нарушувањата во глобалните текови на стоки (од стоки за широка потрошувачка до полупроводници) веќе влијаат на товарните текови и на националните синџири на снабдување. Компаниите ги преместуваат своите стоки од пристаништа во фабрики и пазари на мало. Стоката не може да остане долго во пристаништето бидејќи го попречува и блокира сообраќајот и мора да се премести. Успешните компании воведуваат диверзификација на своите синџири на снабдување со кризна логистичка стратегија на ум. Тие наоѓаат повеќе извори на опрема и суровини, го зголемуваат бројот на производствени центри, градат фабрики поблиску до пазарот, ги подобруваат односите со доставувачите и давателите на логистички услуги за да се постигнат мобилност и флексибилност. Некои земји реагираат на негативните околности со воведување на концептот на „поддршка на пријателите“ и интензивирање на соработката со земјите со кои споделуваат заеднички вредности. На пример САД и Канада или Кина и Русија. Овој концепт подразбира способност за брзо приспособување на транспортните операции и маршрути како одговор на пазарните промени, природните катастрофи или геополитичките промени. Преку флексибилни договори со доставувачи, локални и регионални производители и микросинџири за снабдување, компаниите и земјите стануваат подготвени да се справат со прекините во глобалните синџири на снабдување.
Цените на храната во 2024 година и очекуваниот позитивен развој во
синџирите на снабдување
Храната што би можела да поскапи на глобално ниво во 2024 година е: месото (говедско, телешко, свинско и во помала мера живина), млечните производи, мастите и маслата, шеќерот, слатките, оризот, преработеното овошје и зеленчук, безалкохолните пијалаци. Храната што треба да остане на исто ниво или да стане поевтина вклучува: јајца, риба и морски плодови, овошје и зеленчук, житарки и пекарски производи.
Но не е сѐ така темно и има добри прогнози. Според процените, во 2024 година вештачката интелигенција ќе продолжи да ги оптимизира синџирите на снабдување, при што централното место ќе го заземат напредокот на машините и предвидувачката аналитика. Тоа треба да ги намали трошоците, да ги подобри ефикасноста и способноста за откривање и решавање на проблемите пред да ги нарушат глобалните текови. Влијанието на вештачката интелигенција ќе вклучува интелигентни извори, управување со резерви и оптимизација на логистичките маршрути. Глобалната природа на современите синџири на снабдување ги прави ранливи на сајбер-закани што ги надминуваат географските граници. Затоа, сајбер-безбедноста ќе биде клучна годинава. Компаниите ќе ги интензивираат инвестициите во ИТ-инфраструктурата за да ги заштитат оперативните перформанси и интегритетот на податоците. Синџирите за снабдување ќе станат сè поинтелигентни.
Во синџирите на снабдување на мало, следливоста, следењето и видливоста ќе достигнат нови нивоа во 2024 година. Вештачката интелигенција и паметните машини ќе понудат увид во реално време и ќе предвидуваат идни настани, помагајќи им на бизнисите да избегнат одложувања и тесни грла.
Планирањето на маршрутата за електрични возила во голема мера ќе ја подобри последната фаза од синџирот на снабдување: ќе ја намали потрошувачката на гориво и ќе го забрза времето на пристигнување. Предностите на користењето на вештачката интелигенција вклучуваат софистицирана видливост на стоката за време на транспортот, зголемување на ефикасноста на работата во магацинот и намалување на транспортните трошоци.
Заклучок
Поради геополитичка нестабилност, отежнат поморски сообраќај, недостиг од контејнери, возачи на камиони и работници во магацини и проблеми во индустриското производство, годинава се предвидуваат нови нарушувања во глобалните синџири на снабдување, како и можен недостиг и зголемена инфлација.
Ненадејните шокови и промени во текот на годината ќе претставуваат предизвик за испраќачите, пристаништата, шпедитерите, превозниците, логистичките компании и земјите што ќе треба да ги прераспределат своите ресурси во согласност со пренасочувањето на товарните текови и амбивалентноста во побарувачката.