Античкиот разбој со автентични тегови е дел од изложбата „Десет години археолошки истражувања на локалитетот Градиште, село Градец“, поддржана од Министерството за култура и од Општина Крива Паланка, отворена во Крива Паланка. Имено, во галеријата на Градскиот музеј во Крива Паланка се изложени артефакти, фотографии, археолошки и историски материјали, дел од десетгодишните археолошки истражувања на локалитетот Градец, Кривопаланечко, каде што тим истражувачи работеа посветено во изминатата деценија, пронаоѓајќи значајни артефакти од праисторијата до средниот век. Од музејот велат дека Градец сублимира една богата збирка артефакти од различни историски времиња.
Според директорот Драган Величковски, локалитетот може да се смета за 10-15 отсто истражен, така што останува, како што нагласи, да се продолжи со посветената работа и во иднина.
Локалитетот Градиште се наоѓа во селото Градец, на падините на планината Билино, во палеовулканската област Градечки Чуки, стара над 30 милиони години вулканска структура.
Дел од оваа изложба е и репликата на антички разбој направена од камените тегови што биле дел од ваков разбој, пронајдени на археолошкиот локалитет Градиште, Кривопаланечко. На теговите им е даден нов живот да ја продолжат традицијата. Идејата е на Милан Митовски, магистер археолог, кој веќе десет години врши археолошки истражувања на локалитетот во Градец и кој направил нова презентација на пронајдоците, многубројните тегови со кои луѓето од доцноантичкиот период ги ткаеле своите килими. Идејата била да се создаде простор, амбиент од некоја античка куќа во која веројатно некоја жена или маж во минатото ткаеле. Вработените од Градскиот музеј ја реализирале неговата идеја и направиле реплика на разбојот од дрво и јажиња на кој се прикачени камените тегови.
– Најпрвин мислевме дека оваа реплика ќе биде само експонат, кој на практичен и визуелен начин ќе ги прикажува вредните пронајдоци. Но некои од вработените се обидоа и успеаја да докажат дека разбојот може и да функционира и на него да се ткае – вели директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски, за „Куманово њуз“.