Компанијата „Спејс-екс“ ги испрати и прими првите текстуални пораки испратени преку „Т-мобајл“ со користење Д2Д (direct-to-device) со помош на неодамна лансираните сателити „Старлинк“.
Како што првпат беше објавено во август 2022 година, целта на проектот е да се овозможи сателитско поврзување на интернет со стандардните мобилни телефони за корисниците на мрежата на „Т-мобајл“ да можат да останат онлајн дури и кога се во „земјените мртви зони“.
„Т-мобајл“ соопшти дека планира да лансира текстуални услуги годинава, додека услугите за глас, податоци и ИоТ (internet of things – IoT) ќе бидат достапни од 2025 година. На глобално ниво, „Спејс-екс“ соработува со канадската „Роџерс“, австралиската „Оптус“, јапонската КДДИ и други компании. Шемата вклучува поголеми специјализирани верзии на сателитите „Старлинк“ со способности Д2Д, а „Спејс-екс“ го лансира првиот од нив на втори јануари и спроведе рани тестови без никакви проблеми.
– На осми јануари ги испративме и примивме нашите први пораки користејќи немодифицирани мобилни телефони на Земјата и нашите нови сателити во вселената, како и мрежата на „Т-мобајл“. Сите индикации се дека системот работи – соопштија од „Спејс-екс“.
Кога беше најавен планот, извршниот директор на „Т-мобајл“, Мајк Сиверт, ја спореди новата технологија со поставување кули за предаватели на небото. Тој додаде дека на тој начин еден ден би можеле да се елиминираат „мртвите“ зони, што ќе им овозможи на луѓето лесно да воспостават контакт меѓу себе дури и кога се среде океанот.
„Спејс-екс“ наведува дека системот, кој користи ЛТЕ/4Г (не протоколи 5Г), е нешто покомплициран од „кулите на небото“. Со оглед на тоа што сателитите се движат со десетици илјади километри на час во однос на Земјата, преносот на податоци мора да биде беспрекорен.