Повеќе европски аналитички центри веќе работат на профилирање на идејата Македонија и земјите од регионот да се убедат да прифатат пристап до заедничкиот европски пазар како замена за полноправно членство во Унијата, кое, како што тврдат експертите од тие лоби-групи, би можело да се случи во оној момент кога Унијата ќе биде целосно реформирана и ќе може да функционира и со многу повеќе членки од сегашните. Според нив, реформата на Унијата ќе потрае и не може да се прецизира датумот кога ЕУ ќе биде вистински подготвена за нови проширувања
Заедничкиот европски пазар алтернатива за полноправно членство во Унијата
Класично проширување на Европската Унија со нови земји, особено со земјите кандидати од Западен Балкан, во скора иднина нема да има, така што сите инсистирања за брзи уставни измени стануваат целосно беспредметни во светлината на новите геостратегиски поместувања, како во регионот, така и пошироко во светот.
Во оној момент кога Франција го блокира почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, иако земјата претходно го смени уставното име откако ѝ беше ветено дека тоа е последна пречка за евроинтеграциите, стана јасно дека процесот на проширување е замрзнат на неодредено време и дека во меѓувреме ќе се бараат начини како да се задржи европскиот фокус кај земјите кандидати.
Она што францускиот претседател Емануел Макрон го замисли и веќе го турка, тоа е Европската политичка заедница (ЕПЗ) востановена во 2022 година, кратко по руската инвазија врз Украина, во која членуваат сите земји од Западен Балкан, од ЕУ, а дополнета со Украина, Грузија, Ерменија, Азербејџан, Молдавија, Исланд, Норвешка, Швајцарија, Турција и Велика Британија. ЕПЗ одржа два самита досега и функционира за земјите кандидати и за оние што излегоа од Унијата или, пак, не се дел од неа, како замена за полноправно членство во класичната ЕУ, но и можност заеднички да се работи на европските политики.
Од тие причини САД веќе ја гледаат прагматичноста на една ваква широка заедница како најдобра опција да се задржи европскиот курс кај земјите што претендираат да бидат дел од ЕУ, така што ќе им се понуди поблиска асоцијација со Унијата наместо полноправно членство.
– На државите од Западен Балкан им е потребна економска интеграција, бидејќи голем дел од нивното население се сели во Европа и во други места – посочи помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, на брифинг со новинарите.
Според него, земјите кандидати наместо да инсистираат на полноправно членство, подобро би било да пристапат на заедничкиот европски пазар и на тој начин да ги почувствуваат бенефициите слично како да се полноправни членки.
– Во основа ќе им овозможат на нивните луѓе да ги имаат четирите слободи: слободата на движење на ЕУ, слободата на капитал, слободата на услуги, слободата на стоки, и тоа е критичен чекор што ја отвора секоја од овие земји и секое од овие општества го отвора за прекугранична соработка во рамките на Западен Балкан, но и за ангажман со единствениот европски пазар. Ова оди подалеку од она што може да го обезбеди кој било пакет помош. Тоа е фундаментална промена во начинот на кој овие земји се ангажираат со нивните соседи и со Европа и е достапна веднаш штом секоја влада ќе преземе реформи. Така, ние ќе ги поддржуваме напорите на Европската Унија да се движи по овој реформски пат и да ги испорача тие придобивки од пристапот до единствениот пазар што е можно поскоро – рече О’Брајан.
Изјавата на О’Брајан е на иста линија со она што пред извесно време го истакна и еден од најголемите лобисти за проширување на ЕУ, Австриецот Гералд Кнаус, за кого нема дилеми дека процесот на проширување во блиска иднина не е реален и дека треба да се разгледаат и поинакви алтернативи за приближување кон Европа.
– Тоа значи веднаш да се побара пристап до заедничкиот европски пазар и да уживаат во четирите слободи, како слободата на движење во ЕУ, слободата на капитал, слободата на услуги, слободата на стоки. Да појаснам, тоа за вашите граѓани ќе значи како да се дел од ЕУ и без полноправното членство во многу краток период – советува Кнаус.
И повеќе европски аналитички центри веќе работат на профилирање на идејата Македонија и земјите од регионот да се убедат да прифатат пристап до заедничкиот европски пазар како замена за полноправно членство во Унијата, кое, како што тврдат експертите од овие лоби-групи, би можело да се случи во оној момент кога Унијата ќе биде целосно реформирана и ќе може да функционира и со многу повеќе членки од сегашните. Според нив, реформата на Унијата ќе потрае и не може да се прецизира датумот кога ЕУ ќе биде вистински подготвена за нови проширувања.
– Не треба да заборавиме дека во ЕУ нема ентузијазам за проширување со ниту една земја. Ако имате една слика за состојбата на демократијата во одредена земја, тоа може да ви послужи како одлично алиби да го блокирате проширувањето. Тие ќе кажат дека работат на проширувањето, но повторно ќе истакнат дека кандидатите не се подготвени. Лично сметам дека ЕУ треба да се прошири на сите земји од Западен Балкан, но во стварноста не гледам волја да се направи тоа. Сметам дека засега ќе остане оваа статус кво ситуација околу проширувањето – вели професорот на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Загреб, Дејан Јовиќ.
Според него, клучен тест дали ЕУ ќе се посвети на класичното проширување или ќе турка некои други форми на поблиски врски со земјите кандидати ќе бидат скорашните европски избори и новиот состав на Европска комисија.
– Клучно прашање е дали во новата ЕК ќе има комесар за проширување и, ако има, дали тој ќе биде од некоја помала и маргинална земја или ќе биде од некоја силна и моќна европска земја членка. Ова што во сегашната ЕК комесарот за проширување беше од Унгарија, тоа беше некое полурешение. ЕУ ќе го промени ставот за прием на нови членки тогаш кога комесарот за проширување ќе биде од некоја голема земја, а тоа, за жал, засега не го гледам – констатира професорот Јовиќ.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека Македонија ќе чека што ќе ѝ кажат другите за да знае како да се постави во однос на прашањето на проширувањето, но и за други прашања.
– Ние немаме никаква опција освен она што ќе ни го кажат странските партнери. Немање интегритет, амбиција, способност и визија води кон тоа други да мислат и да одлучуваат за нас, што е поразително. Ги немаме одликите на лидерство во државава, преземање чекори од сеопшт национален интерес, како и преземање одговорност за тие чекори – посочува Пекевски.
Коментирајќи дали препораките на американскиот помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан за тоа дека Македонија и земјите од регионот треба да се фокусираат на пристап кон единствениот европски пазар како замена за полноправно членство и како единствен реален дострел, Пекевски не е оптимист ниту околу нашите вистински можности да ја достигнеме дури и оваа цел.
– Целокупниот систем е руиниран. И оној што каков-таков го наследивме пред да се осамостоиме, стравотно еродира. Сега секогаш чекаме некој да ни каже или тој некој да ни ја заврши работата… Ние не размислуваме, туку сме свртени само кон лична бенефиција, а не кон општа национална или, пак, државна. Работата треба да ја фатиме отпочеток, да се рестартираме како систем и национална држава, со функционални институции – потенцира Пекевски.