Јулијана Величковска и Славе Ѓорѓо Димоски, автори
„Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ е збирка на песни во која се застапени 114 поетеси од повеќе етникуми. Јулијана Величковска и Славе Ѓорѓо Димоски заеднички ја подготвија во издание на „Поетска ноќ во Велестово“. Изданието содржи песни од 114 поетеси што живееле/живеат и твореле/творат во Македонија од времето на преродбата до денес.
Како потeкна идејата за „Самодиви“, што ве инспирираше да направите еден епски спој на жените поети?
Ј.В.: Идејата настана уште пред околу пет години, кога по јубилејното 30-то издание на „Поетска ноќ во Велестово“ веќе размислувавме каков поетски портрет сакаме да претставиме за следното јубилејно издание. И тогаш, имајќи на ум дека во рамките на фестивалот, но и воопшто, поезијата пишувана од жени беше значајно нерамноправно претставена, одлучивме да направиме една значајна промена во тој однос, па не само што во меѓувреме со поетски портрет ја претставивме поезијата на Лидија Димковска и не само што одлучивме тој тренд да го негуваме и во следните изданија на фестивалот, сакавме да приготвиме и едно издание што ќе биде траен сведок на поезијата пишувана од жени од најстарите авторски песни во нашата книжевна историја, сѐ до најновите гласови што денес ни ветуваат блескава поетска иднина на македонската книжевност. Потоа следуваа конципирањето на изданието, долго читање и исчитување, истражување, собирање и одбир на песните што ќе влезат меѓу кориците, и денес пред нас е оваа убава и значајна книга.
Како ги селектиравте песните, каква компилација спакувавте меѓу корицата на Никола Пијанманов?
С.Ѓ.Д.: Изборот „Самодиви“ е од панорамски вид, што е видливо од големиот број застапени поетеси. Секоја поетеса е претставена со по една до четири песни. Секако, при работењето на изборот, при селектирањето на песните, главно се водевме од естетски принципи, но големо внимание им дававме и на генерациската застапеност и поврзаност, со цел попрегледен да е еволуцискиот развој на македонската поезија пишувана од жени, кој опфаќа голем временски период, од над 150 години. Бевме водени од традиционалните вредности, од линијата на нашите сеќавања, па до прагот на иднината што поетите ја насетуваат. Тоа е навистина тешка работа, особено при изборот на поетесите од времето на преродбата, бидејќи тешко е да се излачи нешто од она што е народно, фолклорно, а сепак е и авторско. Тоа во предговорот убаво го образложи Славчо Ковилоски. Но задоволни сме што меѓу кориците на оваа книга, со импозантната слика на Пијанманов, е собрано едно скапоцено македонско лирско азно чии зраци од естетски, поетички, емоционален, лирски, рефлексивен итн. карактер го осветлија женскиот гениј во македонската поезија.
Збирката во себе содржи различни стилови, теми… Како избиравте кои поетеси и стихови да ги вклучите?
Ј.В.: Секој од нас работеше на одбир на песни од поетеси чијашто поетика веќе подолго време ја следи и ја познава. Застапивме песни од авторки што веќе објавиле барем по една стихозбирка, такви што во минатото оставиле трага како поетеси, но и такви што денес се познати и како поетеси, но и со своите други улоги во општеството, а сепак се актуелни и значајни на книжевната сцена. Па така, се трудевме во изборот да внесеме песни што можеби се и најзначајни, најпопуларни нивни творби, но и такви што едноставно ги задоволуваат нашите лични естетски критериуми. Имавме предвид дека оваа панорама треба да биде и убаво четиво, но и извесен преглед за развојот и на нивната лична поетика, но и општо, нешто што можеби ќе ги поттикне книжевните критичари за анализа.
Го опфативте творештвото на 114 поетеси. Кои имиња може да се прочитаат, чии стихови се испишани на страниците на „Самодиви“?
Па, од Митра Миладинова, Депа Каваева, преку Даница Ручигај, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Светлана Христова-Јоциќ, Катица Ќулавкова, Весна Ацевска, Лилјана Дирјан, Пунторие Муча-Зиба, Сеида Бегановиќ, Виолета Танчева-Златева, Елизабета Баковска, Лидија Димковска, Линдита Ахмети, Николина Андова Шопова, Лејла Шериф Емин, Славица Гаџова Свидерска, Ана Голејшка Џикова, Ива Дамјановски, Павлина Атанасова, Ивана Јовановска, Викторија Ангеловска… Ова се само дел од сите 114 застапени поетеси од сите генерации, од современичките на Прличев до нашите најмлади поетеси што веќе градат интернационална кариера. Секоја од застапените авторки остава своја автентична трага во македонската книжевност.
Од какво значење е постоењето на една ваква збирка? Какво сведоштво е за поезијата, книжевноста, литературата…?
С.Ѓ.Д.: Секое издание на книга на јазик со мал број говорители е полезно од повеќе аспекти, а пред сѐ од културен и историски аспект. Но, сфаќајќи ја поезијата како есенција на еден јазик, како највисок степен на изразната моќ на јазикот, го делам и мислењето дека во книжевната уметност сите јазици се рамноправни, сите текови на светската поезија се слеваат во една моќна река наречена Голема Песна. Во тој контекст, панорамите (и антологиите) се прават да бидат читани, но и да даваат информации собрани на едно место. Намерата ни беше под поднасловот „македонска поезија создавана од жени, од преродбата до денес“ да не се подразбере прост збир на авторки и песни, туку да се согледа еден корпус на поетски форми и искуства што кај нашите поетеси силно еволуирале од преродбата до денес, намерата ни беше да се даде една рамка во која секоја авторка и секоја песна ќе си ја најде својата мера, во таа рамка да се види секоја поетеса поединечно, но и да се види дека некаде некои и се дополнуваат, односно да е видливо дека од поетеса до поетеса, од песна до песна книгава расте, се разгранува и станува посјајна и посилна. Сто и четиринаесетте поетеси што ја сочинуваат оваа панорама претставуваат поетски венец исткаен од нивните тенките лирски нишки во повеќе од век и половина на македонскиот поетски растеж. Оваа панорама има цел да укаже на моќната вертикала на поетскиот глас на македонските поетеси, на нејзиниот раст што, еве и во двете и кусур децении на дваесет и првиот век, силно граби кон освојување нови поетски простори, притоа цврсто потпирајќи се и врз богатото поетско наследство на своите претходнички. Во тоа е вредноста на ваквите изданија, бидејќи истовремено се и книжевно сведоштво и навестувачи на нови поетски гласови.
Во збирката се опфатени и нови и веќе етаблирани имиња… Како мислите дека оваа збирка може да придонесе кон поддршката на младите поетеси, истовремено негувајќи и вреднувајќи го делото на добропознатите авторки?
С.Ѓ.Д.: Рековме дека ова е еден вертикален пресек на македонската поезија пишувана од жени во временски распон од речиси два века (ако условно се земе од 1850 до 2023) и во рамките на тој пресек се обидовме да претставиме едно поголемо поетско дело на македонските поетеси. Ако, условно, пак, земеме дека претставничките на преродбата повеќето им биле придружнички на собирачите на македонскиот фолклор, тогаш го имаме оној сјаен блесок на македонската поезија од ослободувањето до денес, на кој неминовно се надоврзуваат и најмладите поетеси. Тие, најмладите, веќе газат на цврсто поетско тло што го поставиле нивните претходнички, и имајќи го тоа цврсто и сигурно тло, имаат слободни и широки можности да ги развијат своите поетски пориви, да го внесуваат својот нов поетски глас во бујниот развој на новата македонска поетска мисла, да бидат автентични и достојни наследнички на извишените врвови на современата македонска поезија денес, а на увид ќе имаат што се случувало пред нив и кои се дотогашните достигнувања.
Секоја поетеса има свој глас и стил. Има ли заеднички елементи што ги поврзуваат стиховите, без оглед на разновидноста на стиловите?
Секако дека има многу заедничко во поезијата на овие авторки, прво твореле и творат на ова поднебје, во одредените околности, па може да се забележи блискоста во однос на темите и влијанијата во согласност со времето во кое творат. Некои од нив се блиски и во однос на светогледот, некои од нив пишуваат рефлексивна поезија, лирска, родољубива и љубовна поезија, некои пишуваат и остра критика на општеството кај нас и пошироко. Ја сликаат реалноста низ своето будно око и ја врамуваат во својата лична естетска рамка составена од стихови.
Каков осврт давате вие на македонската поезија пишувана од жени, каков еволутивен процес бележи? Стануваат ли жените посилни во изразот, похрабри во стиховите, побројни, попродуктивни, покреативни?
С.Ѓ.Д.: Оваа панорама ќе нѐ увери дека поезијата пишувана од жени има исправен светлосен хоризонт; станува збор за тоа, преку еден панорамски пресек, да се исцрта релјефната основна линија на движењето на поезијата пишувана од жени во Македонија од преродбата до денес и да се насочи посветено внимание на нејзините изразни вредности и непроценливата убавина. Во застапените стихови блескаат нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина. Поетесите што со својата природна дарба ги исткале овие стихови го барале (и го бараат) највозвишеното и најдоброто нешто во своето поетско умеење.
Сите поетеси се станари во една куќа наречена „Самодиви“, тие стануваат под ист покрив, под покривот на македонскиот јазик: поетот се раѓа од зборовите и, капејќи се во мајчиниот јазик, тој гори во желба да го одгатне јазикот во секој збор. Тие го отвораат јазикот, дишат во него, живеат за него, треперат до онаа мера до која и јазикот трепери; македонските поетеси ја откриваат онаа дискретна внатрешна состојба, водејќи нѐ нас, како читатели (но и нас составувачите) во согласност со расположението, од стих до стих, од песна до песна. Зачудувачки е фактот колку се меѓу себе различни, а колку се и слични. Внимателно читајќи ја панорамава, ќе се воочи дека нашите поетеси имаат смисла за единство на Едно и Сѐ, дека се поклонуваат пред убавината на зборот, дека секоја песна е мала оживеана вселена, за што сведочи ова одбрано поетско поле, омеѓено меѓу кориците на оваа книга. Значи „Самодиви“ е заснована на ставот дека повеќе е целина отколку распоред, дека не е само збир од над сто вредни поетеси и песни туку и процес на творење, создавање и зреење на македонската поезија пишувана од жени во подолг временски распон. Со ова сакам да кажам дека нивната поетска сила веќе дејствува, освојува.