Во денешниот број на „Колибри“ објавуваме неколку песнички во спомен на македонскиот романописец, поет и писател за деца Александар Поповски, кој почина на 28 декември во Скопје.
Поповски е роден во 1932 година во Приштина, Косово. Основно образование и гимназија завршил во Кавадарци и во Скопје. Студирал книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје и светска книжевност на Универзитетот во Љубљана. Работел како новинар во Радио Скопје, „Трудбеник“ и „Вечер“, како и во „Детска радост“, како главен и одговорен уредник на „Развигор“. Потоа беше главен и одговорен уредник на издавачката дејност „Александар и Александар“ во Скопје.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 година. Автор е на дваесетина дела за деца и возрасни, како и на три антологии. Добитник е на две награди на РТВ Скопје и на признанието „Младо поколение“. Во 2016 година беше награден со книжевната награда за деца и млади „Ванчо Николески“.
ТВ-ДЕФЕКТ
Без врева да крева,
Мачката на Крапче,
Крај самата антена,
Демне итро врапче.
Врапчето ми скокна,
Мачката се вплетка,
Телевизор молкна,
Снема звук и глетка.
Дедо мустаќ сучи,
Сучи лев и десен,
Бељата се случи,
Стана лут и бесен.
Баба глупа мачка,
Со метлата брка,
Крапче страв и плачка,
Молчи, чорба срка.
Леле, кутар дедо,
Среде ТВ-криза!
До кога ќе гледа,
Мрачен телевизор?
ВОДЕН ЦВЕТ
Детенце бубалка фати,
Сака крилца да ѝ скрати.
– Пушти ме, мило, ова лето,
Да го разгледам јас светот!
Само ден ќе леткам така,
Дури да се спушти мракот.
Кога утрово те сретнав,
Мислев цветец ти си цветнат.
Денови ти имаш полно:
Детство долго: среќно, волно.
Дозволи и јас да крилам,
Цел свој живот, дете мило!
ДА БЕВ СЛИКАР
Да бев сликар, талент голем, што ќе сликав?
Што ќе се видеше на мојата слика?
На сликата ќе ми го видевте ликот:
Од каде сум, кој сум
и како се викам!
Кој ме сака, кого сакам,
по што пекам;
Кого барам, кој ме чека,
кого чекам.
Каде сум бил, каде одам,
кај ќе одам;
Преку река, преку море,
каде бродам.
Мила мајка, мојот татко,
баба, дедо,
Колку радост, колку грижа – вредно чедо!
За секого четка имам,
боја, платно –
Восклик, копнеж во моето
дело златно.