Соочени со заканата од напади од Јемен, сè поголем број бродски компании ги пренасочуваат своите бродови низ Африка. Таа маршрута е подолга за шест илјади наутички милји, или најмалку дополнителни три недели пловидба ако бродовите пловат низ Црвено Море и Суецкиот Канал. На пат околу Африка тргнаа и танкери што превезуваат нафта од Блискиот Исток во Европа. Ете една силна причина за објективно да може да се очекува значително зголемување на цената на нафтените деривати на европскиот пазар!
Уште едно безбедносно жариште во светот со потенцијал за сериозни глобални безбедносни, економски и политички нарушувања
Нападите врз трговските бродови во Црвено Море, околу теснецот Баб ел Мандеб, може да предизвикаат голема светска криза, многу поголема од кризата во Појасот Газа и од војната во Украина. Доколку се остварат заканите на јеменските бунтовници „Ансар Алах“, со мнозинството приврзаници од племето Хути, за масовни напади со противбродски ракети и дронови камикаѕе врз трговски бродови, економската штета за Европа ќе биде огромна. Таквите напади ќе доведат до целосен прекин на протокот на бродови низ Баб ел Мандеб и источниот дел на Црвено Море. Последните тврдења на Белата куќа се дека Иран е директно вклучен во планирањето, а извршувањето на нападите на Хутите врз трговските бродови значително ја зголемува опасноста кризата да се прошири во Персискиот Залив.
„Волстрит журнал“ објави напис заснован на американско разузнавање, во кој се тврди дека „Хутите добиваат информации од ирански разузнавачки бродови за движењето на бродовите во областа“. Според истиот извор „најмалку еден ирански шпионски брод им доставува информации на Хутите, бидејќи тие не располагаат со сопствени радари“, пишува во текстот објавен во американскиот весник.
До 21 декември беа потврдени најмалку 12 напади, од кои многу беа спречени од американски и француски воени бродови. Откако пропаднаа обидите на „Ансар Алах“ директно да го нападне Израел со балистички и крстосувачки ракети и дронови камикаѕе, тие ја променија својата стратегија во средината на ноември. Наместо директно да го нападнат Израел, тие решија да нападнат трговски бродови во Црвено Море. Иако првично најавија дека ќе напаѓаат само израелски бродови, бродови во сопственост на Евреи и бродови што превезуваат стока до и од Израел, набрзо стана јасно дека сакаат да го прекинат сообраќајот преку Црвено Море што се одвива преку Суецкиот Канал.
Компаниите ги пренасочуваат бродовите, следува зголемување на трошоците и на цените…
Соочени со заканата од напади од Јемен, сè поголем број бродски компании ги пренасочуваат своите бродови низ Африка. Таа маршрута е подолга за шест илјади наутички милји или најмалку дополнителни три недели пловидба ако бродовите пловат низ Црвено Море и Суецкиот Канал. На пат околу Африка тргнаа и танкери што превезуваат нафта од Блискиот Исток во Европа и може да се очекува значително зголемување на цената на нафтените деривати на европскиот пазар, сега кога дефицитите веќе не може да се надоместат со зголемување на увозот од Русија.
Обвинувањата на Белата куќа дека Техеран стои директно зад нападите во Црвено Море во голема мера ја комплицираат ситуацијата. Од претходно беше познато дека главен спонзор на „Ансар Алах“ е Иран, кој ги финансира и вооружува. Меѓутоа тоа се сметаше за локален проблем, кој главно се однесува на Саудиска Арабија, и затоа Западот не реагираше. Освен што американските воени бродови одвреме-навреме пресретнуваа ирански пратки на оружје за Хутите, значителен дел од запленетото оружје и муниција заврши во Украина. Сепак, огромното мнозинство на оружје испратено од Иран стигна до северен Јемен и сега претставува закана. Познато е дека „Ансар Алах“ е вооружен со ирански копии на кинески противбродски ракети „Ц-801“ и „Ц-802“. Сите проектили се наоѓаат на мобилни крајбрежни фрлачи (теренски камиони) и многу тешко се откриваат и уништуваат.
Хутите сметаат дека САД нема да интервенираат!?
Не е првпат Хутите да напаѓаат бродови во Црвено Море. Тие уште во октомври 2016 година се обидоа да го потопат американскиот разурнувач „УСС Мејсон“ со противбродски наведувани проектили. Хутите успеаја сериозно да оштетат логистички брод на морнарицата на Обединетите Арапски Емирати со противбродски проектили. Тогашниот американски претседател Барак Обама реши да не одговори со одмазднички напад, препуштајќи ѝ го средувањето на ситуацијата во Јемен на коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Саудијците не можеа да ја завршат работата, па оттогаш „Ансар Алах“ само зајакна.
Хутите се впуштија во оваа авантура проценувајќи дека, како и во 2016 година, актуелниот американски претседател и овој пат нема да ги води САД во нова војна. Најмногу затоа што има нецела година до претседателските избори.
Безбедната пловидба низ Црвено Море и Суецкиот Канал има огромно значење за светската економија. Секоја година преку тој воден пат минуваат повеќе од 19.000 трговски брода. По истите маршрути минуваат и американските воени бродови што одат од Атлантикот и Медитеранот до Индиски Океан. Кога контејнерскиот брод „Евер гивен“ го блокира преминот низ Суецкиот Канал шест дена и седум часа во март 2021 година, вкупната штета беше повеќе од 10 милијарди долари.
Одговорот на Западот на заканите на „Ансар Алах“ е формирање коалиција, како и поморската операција што беше официјално започната на 18 декември, иако поморската група сѐ уште се формира. Покрај САД, во операцијата засега официјално ќе учествуваат и Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Канада, Бахреин и Сејшелите. Своето учество потоа го потврди и Грција.
Најголем број воени бродови ќе обезбедат американската (најмалку три разурнувачи) и британската морнарица (разурнувач и фрегата). Грција најави испраќање на фрегата, а тоа најверојатно ќе го направи и Франција. Другите земји ќе ја поддржат операцијата со работна сила, иако останува отворена можноста норвешката и холандската морнарица последователно да испратат по една фрегата.
Германија, најголемата економска сила во Европа, чија економија е многу зависна од непречениот тек на поморските патишта, сè уште ѝ не се приклучила на коалицијата. Црвено-жолто-зелената коалиција на канцеларот Шолц има тешкотии да донесува многу поедноставни одлуки отколку да испраќа воени бродови во војна. Сепак, германските медиуми јавуваат дека владата на Шолц е склона да се вклучи.
По правило, Бундестагот одобруваше само мисии што беа под покровителство на Европската Унија, НАТО или Обединетите нации. Јавна тајна е дека состојбата на германската морнарица е алармантно лоша и дека оние бродови што можат да пловат немаат доволно жива сила и муниција.
Операцијата „Просперитет гардијан“ ќе има доволно сила да се спротивстави на активноста на Хутите во Црвено Море. Ако Хутите ги исполнат своите ветувања дека во случај на американска интервенција целосно ќе го прекинат сообраќајот низ Црвено Море, на располагање се американски носачи на авиони. И како последна опција копнена интервенција.