Фото: Пексел

Од она што успеа да го провери екипата на „Нова Македонија“ кај приватните продавачи на елки, цената за елка во висина од два метра изнесува осум илјади денари. Цената за оние помалите, со висина од 130 сантиметри, изнесува од 2.000 до 4.000 денари, а според кажувањата на продавачите, неделава ќе ги спуштат цените, само за да успеат да ги продадат

И годинава цената на природните елки ги натера граѓаните да купат вештачки

Граѓаните не го изгубиле интересот за природни елки, и покрај тоа што е зголемен интересот за вештачките елки, кои траат со години. Иако јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ преку своите продавници за продажба на садници годинава во својата понуда нема природни елки, приватните препродавачи на новогодишните дрвца велат дека интересот од година на година е сѐ помал.

ПРИРОДНИ ЕЛКИ ИМА СЀ ПОМАЛКУ

Сепак, и покрај значително намалениот интерес за природни елки, граѓаните и годинава, наместо вештачки, украсуваат природни елки.
Она што е интересно е фактот што некои од нив успеале да ги зачуваат минатогодишните елки, кои лани ги купиле со значително помала големина, па годинава истите повторно им служат за украсување.
– Минатата година купив доста мала елка, едвај да имаше метар и триесет сантиметри. По украсувањето ја пресадив во малку поголема саксија и, еве, истата елка ја украсувам и годинава. Чувството е навистина убаво, бидејќи ниту една вештачка елка не може да ги замени изгледот и мирисот на природната елка – вели Сузана Христовска.
Таа вели дека, сепак, нејзина пријателка во обид годинава да купи природна елка едвај успеала да најде, бидејќи во ЈП „Паркови и зеленило“ годинава немале елки на продажба, а секако тоа добро им дошло на приватните продавачи на садници, кои, пак, поради тоа ги качиле цените.
Од она што успеа да го провери екипата на „Нова Македонија“ кај приватните продавачи на елки, цената за елка во висина од два метра изнесува осум илјади денари. Цената за оние помалите, со висина од 130 сантиметри, изнесува од 2.000 до 4.000 денари, а според кажувањата на продавачите неделава ќе ги спуштат цените, само за да успеат да ги продадат. Некои од вработените неофицијално ни истакнаа дека годинава ги качиле цените и дека причината што неделава ќе ги спуштат се токму премногу високите цени, а елките најмногу се купуваат сега, па на сопствениците им е важно да ги продадат пред новогодишните празници.
– Некои навистина претераа со цените на природните елки, па мојата пријателка едвај купи природна елка со, ете, да речеме некоја понормална цена. Секоја година купувам природна елка, затоа што тоа ме потсетува на моето детство, на еден многу поубав, побезгрижен период, кога растевме ние. Зборувам за периодот пред повеќе од 25 години, кога новогодишните празници имаа многу поинакво значење од она што го имаат денес. Украсуваме природна елка, која ја наводнуваме за да не ни се исуши, а по завршувањето на празниците, ја засадуваме во дворот, како спомен и сведоштво на уште една измината година – вели таа.

Природно си е природно

Недостигот од природни елки во продажната мрежа, како и нивната висока цена онаму каде што може да се набават, наведува на едно размислување. Имено, се наметнува прашањето зошто надлежните претпријатија како „Паркови и зеленило“, па зошто да не и „Македонски шуми“, не размислат за драстично намалување на цените на природните елки, така што тие би биле подостапни за граѓаните. Но истовремено да се поведе и иницијатива, откако ќе завршат празниците, елките повторно да се засадуваат на соодветни локации. Се разбира, локацијата би можела да ја одреди секоја општина и на тој начин најмладите граѓани би ги воспитувале во еколошки дух, затоа што би можеле заедно со своите родители да го засадат новогодишното дрвце, а потоа да се грижат за него, да го гледаат како расте.
На тој начин и градот би имал добивка, со тоа што голи површини би се облагородувале со зимзелени дрвја. Ваквото одговорно однесување кон природата би можело да стане своевидна традиција, па луѓето да се грижат да не ја оштетуваат елката кога ќе ја купат, туку да внимаваат да ја засадат според соодветна процедура.

ОГРОМНИ РАЗЛИКИ ВО ЦЕНИТЕ

Сепак она што е забележително е фактот што секоја година, во поглед на украсувањето новогодишни дрвца, се појавуваат нови модели на елки и нови трендови на украсување.
Сега во полн ек се снежните вештачки елки, кои годинава навистина го разбудија интересот на граѓаните.
– Елка од метар и 80 сантиметри купив шест илјади денари. Се тешев со фактот дека ќе ми трае со години. Ми се допаѓаат новите трендови, меѓутоа за да може човек да ги следи, навистина треба да има многу пари, бидејќи понудата на лампиони, светилки и украси е навистина голема, а продавачите се обидуваат да заработат покачувајќи ги нивните цени – вели Благица Митровска.
Она што особено вреди да се истакне е големата разлика во цените од продавач до продавач, а тоа е најевидентно кај оние што продаваат вештачки елки.
Митревска вели дека истата елка што таа ја купила, на друго место ја видела за двојно пониска цена.
– Значи, ако сакате да купите елка, треба ден-два прво да го истражите пазарот, бидејќи, ете, јас навистина бев во шок кога истата елка што ја платив шест илјади денари ја најдов за пониска цена, а за истата цена се продаваше елка од 220 сантиметри – вели таа.


Кој ги украсува новогодишните елки?

Иако некои можеби сѐ уште веруваат дека фабриките за играчки и други подароци на Дедо Мраз се кријат на Северниот Пол, сепак некој друг ја врши тешката работа кога станува збор за новогодишните украси.
Според статистиките од базата на податоци „Комтрејд“ на Обединетите нации од 2020 година, Кина учествува дури со 70 проценти во глобалниот извоз на светилки за новогодишните елки и 83 проценти во извозот на други новогодишни украси, со исклучок на свеќи и природни елки.
Како што покажуваат официјалните бројки, ниту една друга земја ни приближно не го носи празничниот дух во нашите домови како Кина. Со вкупна извозна вредност од 6,47 милијарди долари во 2019 година, индустријата за божиќни и новогодишни подароци на Кина значително ги надмина идентичните индустрии на второ и треторангираните Холандија и Камбоџа.


Предноста на природните елки

Според оние што работат во хортикултурата, предноста за набавка на природни елки од професионални садници е во тоа што се одгледани од сертифициран семенски материјал, во контролирани услови, засадени на површина определена за садници – да израснат до одредена големина поволна за транспорт и за продажба, а садниците поседуваат сертификат за здравствена состојба. Таквите садници имаат правилно развиена крошна и коренов систем, поради што може да се чуваат во контејнер извесен период, додека траат празниците за да се украсуваат и потоа да се засадат во почва, во своите градини, паркови и друго.

[email protected]