По заминувањето од европската политичка сцена на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, Макрон некако се наметна како прв лидер во ЕУ што ги поставува визиите и плановите за иднината на Унијата. И од таа лидерска позиција постојано испраќа двосмислени пораки за проширувањето, односно критериумите што треба да ги исполнат земјите кандидати. Со таквата биполарност на критериумите и условите во пораките што ги испраќа францускиот претседател, Македонија заглави на патот кон ЕУ со нешто што мошне карактеристично се нарекува „француски предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија“
Да се биде почитуван Европеец од збор
По завршувањето на самитот на ЕУ, кој веројатно ќе остане запаметен по кафе-преседанот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, за да успее гласањето за почеток на преговорите на Унијата со Украина, францускиот претседател Емануел Макрон испрати поучна порака до Орбан дека „не смее да му се дозволи да ја држи ЕУ како заложник“. Таквата морална поука, Макрон ја аргументираше со тоа дека Орбан бил почитуван за време на разговорите, но дека за возврат мора да ја почитува ЕУ. Имено, Орбан излезе од состанокот на Советот на ЕУ за да се изгласа со „консензус“ почетокот на преговорите со Украина, но категорично остана на позицијата дека нема да поддржи нов пакет помош на Европската Унија за Украина сè додека Брисел не ги исплати средствата наменети за Унгарија замрзнати од Европската комисија.
Вербалните дофрлања во Брисел меѓу лидерите на ЕУ, очигледно се со многу послоевити пораки и интереси, од морализирање за европски бонтон во однесувањето и почитувањето.
Од друга страна, самата ЕУ, па и францускиот претседател Макрон, во повеќе ситуации покажале дека совршено ја владеат во практика девизата на прагматичната хипокризија: „Слушај што зборувам, не гледај што правам“. Неодамна самиот Макрон беше критикуван за лицемерство во неговиот монолог на КОП 28, кога бараше повеќе одговорност од сите актери на состанокот во спроведувањето на зелената агенда, односно прашањата поврзани со климатските промени. Но францускиот претседател беше опоменат дека со тоа што се спротивставува на граѓанската одговорност за мултинационалните компании што не ги исполнуваат своите обврски за климата како дел од ЦСДДД, Франција се обезбедува граѓаните да не можат да ги изведат пред суд ако не ја испочитуваат нивната обврска за заштита на климата и колективната иднина на светот. Освен тоа, му беше укажано на Макрон дека на другите им е познато дека Франција се залага да им се даде лиценца на мултинационалните корпорации за „зелено перење“, додека тие слободно жнеат милијарди од нивните активности за уништување на климата. Впрочем и понатаму останува дискутабилно тоа што Макрон ја прогласи нуклеарната енергија за „зелена“.
По заминувањето од европската политичка сцена на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, Макрон некако се наметна како прв лидер во ЕУ што ги поставува визиите и плановите за иднината на Унијата. И од таа лидерска позиција постојано испраќа двосмислени пораки за проширувањето, односно критериумите што треба да ги исполнат земјите кандидати. Со таквата биполарност на критериумите и условите во пораките што ги испраќа францускиот претседател, Македонија заглави на патот кон ЕУ со нешто што мошне карактеристично се нарекува „француски предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија“. За разлика од Украина, на која не ѝ е ниту подготвена преговарачка рамка според која би требало да се водат пристапните преговори, кои формално се започнати, Македонија треба да исполни целосно нестандардни услови за менување на својот устав по барање на земја членка на ЕУ (Бугарија), само за да се активира преговарачката рамка, која сѐ уште е во статус на „француски предлог“. Според изјавите на македонскиот претседател Пендаровски, заедно, лично тој и францускиот претседател Макрон работеле на финалната верзија на францускиот предлог. Според тој предлог на преговарачката рамка ѝ се прикачени и два билатерални меѓувладини протоколи со Бугарија, од кои произлегуваат особено еднострани асимилаторски услови за Македонија во преговарачкиот процес.
Пред оваа фаза на македонските евроинтеграции дефинирана со условите на францускиот предлог, Македонија беше и директно блокирана од Франција за започнување на преговорите, во 2019 година, кога Макрон се сети дека треба да се менуваат критериумите за проширување, односно начинот на преговарање и декларираше дека „ЕУ прво треба да се реформира, па да се проширува“.
Декларирањето на таквата позиција на францускиот претседател беше директен удар на хипокризија врз Македонија, особено што се случи веднаш по спроведувањето на Преспанскиот договор и менувањето на името на државата со додавање географска одредница. Бараните реформи на Макрон во тој миг ја имаа тежината на хипокризија зашто самиот тој преку видеопорака апелираше во македонската јавност за прифаќање на Преспанскиот договор, ветувајќи дека со промена на името на државата ќе се отворат вратите на европската иднина за „нашата земја“.
Метафорите со кои се користат политичарите, особено европските, се чини се добра манипулативна маска и изговор за хипокризијата во ветувањата што ги даваат. Но и покрај сите метафори и изговори, основниот критериум да се биде почитуван Европеец, политичар, лидер… е да се биде човек од збор.