Дали е можна заедничка воена структура во рамките на БРИКС? БРИКС стана најголемиот предизвик за Западот досега, дури поголем и од оној на СССР од времето на Студената војна, чија економска моќ на својот врв не беше ни блиску до онаа што ја има БРИКС сега. Како ќе му пристапи Западот – од позиција на конфронтација (која е крајно ризична според сите сметки) или со нудење „помирувачка рака“ подготвена да соработува според некои нови правила на игра – останува да видиме. За второто, за жал, не сум убеден, пишува Зоран Метер на „Геополитика њуз“
Фељтон: Омаловажувањето на БРИКС би можело да му се врати на Западот! (2)
Кога на импресивната листа на новопримени земји ќе се додадат „земјите на чекање“, меѓу кои се и други големи имиња, како Индонезија, Малезија, Алжир, Нигерија, Виетнам, Пакистан, Турција, Казахстан итн., може да се види колку се зголемени привлечноста на БРИКС и интересот за пристап до него.
Тоа е дефинитивно директна последица на американската политика на воспоставување целосна глобална доминација спроведена од администрацијата на Бајден, на која „остатокот од светот“ сè поотворено се спротивставува. До пред само една година, БРИКС беше „некој глобално неважен таму“, но војната во Украина промени сè. Го динамизираше процесот на преструктурирање на светот во сите сегменти, па БРИКС доби неочекуван замав. Особено откако сфатија дека огромното мнозинство од земјите од глобалниот југ одлучија да останат неутрални во однос на украинската војна и не сакаа да се приклучат на антируските санкции.
Последното проширување несомнено може да се смета како противење на БРИКС на американската иницијатива за одржување состаноци во Копенхаген и саудиска Џеда за наоѓање мир за Украина врз основа на „мирната формула“ на Володимир Зеленски. Русија беше исклучена од тие средби, иако тоа првенствено зависи од неа. Според тоа, Вашингтон не го сака самиот мир толку многу колку целосна меѓународна изолација на Москва.
Но од проширувањето на БРИКС, такво нешто формално стана невозможно. Дотолку повеќе што сите членки на БРИКС се согласија следниот самит да се одржи во Русија (според воспоставениот ред) под претседателство на Владимир Путин.
Проширувањето не дојде лесно
Тешко е да се каже дали гореспоменатите зборови на Саливан помогнале за проширувањето, но сигурно е дека оние што се одлучиле за проширувањето (а бил потребен консензус на сите членови) секако слушнале за нив и дека не прифаќаат воведување раздор во сите редови. Во таа смисла, Индија направи изненадувачки исчекор, за што ќе стане збор понатаму во текстот.
Имено, огромното мнозинство аналитичари од земјите на БРИКС сметаа дека проширувањето сè уште нема да се случи, иако токму тоа беше една од двете главни теми на самитот, со оглед на тоа што имаше несогласувања за тоа. Долго време Русија и Кина беа главните поборници за проширувањето, додека Индија и Бразил беа против.
На Индија повеќе ѝ одговараше една потесна структура, каде што има важна улога и каде што е полесно да се преговара, отколку да се „разводни“ и да се претвори БРИКС во „нови Обединети нации“. Затоа Њу Делхи побара да се усвојат прецизни критериуми за членство на нови држави (што ги доби на овој самит).
Бразил, од друга страна, не беше толку цврсто против проширувањето како Индија, но сепак го уживаше својот привилегиран статус како единствен претставник на Јужна Америка.
Друга клучна тема на самитот во Јоханесбург беше дискусијата за воведување заедничка валута во рамките на членките на БРИКС. Тоа беше единственото предложено на самитот од бразилскиот претседател Лула да Силва, со додавање дека ќе бидат задржани и националните валути. Другите членки сметаа дека сѐ уште не е време за таков потег и претпочитаа да се договорат за натамошно зајакнување на меѓусебните трговски односи со помош на нивните национални валути. Тие исто така не одлучија да создадат сопствен платен систем, пандан на западниот СВИФТ, иако на пример Кина веќе има свој платен систем во функција.
Претпоставувам дека тука преовладаа два елемента.
Прво Индија повеќе не сака да биде „втора виолина“ во ништо, дури ни во БРИКС, и да се согласи на усвојување или на кинескиот јуан како заедничка валута или на кинескиот платен систем како универзален во рамките на БРИКС. Индија сака рамноправен статус без да доминира некој, а тоа важи и за нејзиното членство во „американскиот“ формат на КВАД (каде што не дозволува да се турка во конфликт со други земји (читај Кина) заради туѓи интереси.
На крајот на краиштата, целта на постоењето на БРИКС е да се прекинат доминацијата и еднаквоста во полицентричниот (мултиполарен) свет – така што овој став на Индија е многу разбирлив и всушност за пофалба.
А вториот елемент, радикално отстапување од доларот како главна светска резервна валута и од СВИФТ, би бил преголем товар за сите земји што сакаат да му се приклучат на БРИКС, а ги има повеќе од 30, бидејќи сите тие сè уште се целосно врзани за нив – практично од повоениот систем на Бретон Вудс и неговите монетарни правила на игра, кога како елементи беа формирани Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Меѓународната банка за обнова и развој (ИБРД), како елементи на Групацијата на Светската банка.
Всушност, единствената земја во светот што сега отворено се спротивстави на тој систем и која веќе го диверзифицираше својот монетарен и платен систем од Бретон Вудс е Русија. Односно, некој ќе рече дека е случајно поради антируските санкции (за кои не сум сигурен), но затоа Русија сега всушност стана единствената имуна на какви било глобални финансиски шокови што би дошле од САД, како што беше во последната голема финансиска криза од 2008 година.
Во случајов, очигледно, во рамките на БРИКС преовладуваше клучниот руско-кинески интерес за проширување на форматот, на кој на крајот се приклучи Индија. Тоа, се разбира, не значи дека БРИКС се откажа од сопствената валута и од својот платен систем. Но, таквата сложена работа сигурно нема да оди брзо, а можеби нема да се оствари ниту на среден рок.
(Продолжува)