Во подготовката на целокупниот опширен извештај „Транснационален октопод“ на Волтер Кемп активно учествувала и Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОЦ) на Опсерваторијата за граѓанско општество за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа (СЕЕ-Обс)
Дел од извештајот „Транснационален октопод“ од авторот Волтер Кемп, кој се однесува на Западен Балкан како светско криминално жариште
Еден од поинтересните заклучоци на гореспоменатиот обемен извештај што би го издвоиле на почетокот е дека „не постои единствен центар од странство што ги координира активностите на различни криминални групи од Западен Балкан“.
Имено, се констатира дека „не постои ниту една земја на Западен Балкан што е седиште на криминалот, ниту постои единствен главен организатор во регионот зад активностите на различните криминални групи на Западен Балкан“.
Но, исто така, се констатира дека „овој регион има такви историски и социоекономски услови што придонеле да се појават околности што предизвикуваат криминалните активности да се преселат во странство“.
Исто така, една од битните карактеристики за издвојување од извештајот е дека постои „поврзаност на власта со криминалот, а сето тоа придонесува за создавање фактори на рециклирање на криминалните активности, развивање мрежи и перењето пари од незаконски стекнати придобивки“.
Логистиката главна врска меѓу светските центри на криминалот и Балканот
Една од главните врски помеѓу светските криминални жаришта и Западен Балкан е поврзана со – логистиката. Балканскиот Регион е позициониран на таков начин што отсекогаш бил важен крстопат за, на пример, шверц на хероин преку балканската маршрута или, на пример, главен центар за шверцување мигранти. Некаде од 2010 година, регионот стана главен центар за шверц и на кокаин. Во текот на изминатата деценија имаше повеќе заплени во црногорските и албанските пристаништа, како Бар и Драч, што укажува на тоа дека овие пристаништа се користат за претовар на кокаинот што доаѓа од Латинска Америка, кој потоа се испраќа на големите пазари во Италија и Централна Европа.
Друга важна причина е перењето пари од криминалните активности во целиот регион. Се чини дека ова има особено влијание врз недвижностите и градежништвото: со зголемување на цените, и покрај тоа што нема зголемување на приходите!
Други популарни методи за перење пари се преку туристичката индустрија, коцкањето, телефонските центри, менувачниците и трансферите на пари од странство. Ова е прашање што бара дополнително истражување. Понатаму, во врска со перењето пари, карактеристика е што некои криминални групи испраќаат пари во кеш во своите земји (каде што нема да се бара потекло на тие пари), во пакети скриени во специјално направени прегради (т.н. бункери) во автомобили и џипови. Исто така, постојат индикации дека некои од пософистицираните групи ги перат своите приходи директно во Западна Европа, во офшор-засолништа или во криптовалути.
Попусто постоењето законска регулатива, кога таа не се применува
Иако земјите од Западен Балкан адаптираа 70 отсто од законите против перење пари и нелегални финансиски текови, за да ги исполнат европските стандарди, во пракса ситуацијата често се опишува како сосема спротивна. Ќе биде интересно да се види влијанието на овие пари врз економиите – особено во Западен Балкан – доколку се појави криза со ликвидност како резултат на пандемијата на ковид-19. Целосно е јасно е дека балканскиот „екосистем на корупција, неказнивоста во политичките кругови и лошо спроведуваниот кривичноправен систем на Западен Балкан создаваат покрив што штити некои од големите играчи“.
Во разгледувањето на извештајот, исклучително е интересна констатацијата дека некои од соговорниците интервјуирани за потребите на извештајот велат дека „за криминалните групи некогаш е побезбедно и полесно да водат бизнис надвор од регионот на Западен Балкан, каде што не мора да се грижат за контролата и заштитата на локалните власти или изложеноста на локални криминални групи“. Можеби изгледа изненадувачки, но се чини дека има случаи каде што политичкиот чадор за покривање за кој се смета дека е толку важен во жариштата на организираниот криминал во Западен Балкан може да биде товар за групите што успешно работат во странство.
Без оглед на тоа колку се блиски или намерни врските меѓу криминалните групи од Западен Балкан што дејствуваат во странство и главните организатори дома, во регионот, угледот на земјите од Западен Балкан страда поради активностите на криминалните групи во жариштата низ светот. Многу од клишеата со кои овој регион мораше да живее во текот на 1990-тите сè уште постојат денес, делумно поради активностите на балканските криминални групи во странство. И навистина, се констатира во извештајот дека „заканата од криминалците од Западен Балкан во некои земји, како што е Холандија, беше искористена како аргумент против влезот на земјата во ЕУ“!
Регионот на Западен Балкан познат по феноменот „сезонски криминал“
Според извештајот, постојат индиции за т.н. сезонски криминал, каде што членовите на криминалната група или организација патуваат за да извршат конкретни задачи, а потоа се враќаат дома. Некои од најуспешните криминалци од Балканот (како Дарко Шариќ) се чини дека ги искористија мрежите во „југосферата“ на Западен Балкан во комбинација со можностите што ги даваат глобалните жаришта. Друг пример е Насер Кељменди (косовски Албанец со босанско државјанство). Криминалната организација на Кељменди беше вмешана во трговија со дрога (особено хероин), шверц на цигари и перење пари. Јадрото на криминалната група на Кељменди го сочинуваат членовите на неговото блиско семејство (на пр. синови, братучеди и неговите соработници). Се верува дека оваа организација има значително влијание во Косово и Босна и Херцеговина, како и во Црна Гора, Македонија, Хрватска, Србија, Германија и САД. Основниот суд на Косово поднесе обвинителен акт против Кељменди по различни точки за сторени кривични дела (вклучувајќи и тешко убиство), но во 2018 година тој беше осуден на само шест години затвор за трговија со дрога.
Криминалците што се активни во жариштата покажуваат тенденција да се вратат на Западен Балкан. Забележано е дека некои од членовите на „Пинк Пантер“ се повлекле во Западен Балкан во меѓупериодот од грабежите, како и дека некои платени убијци од Западен Балкан се враќаат дома по завршувањето на работата. Има и случаи кога криминалците се враќаат од странство за да останат скриени, избегнуваат откривање од страна на органите на прогонот во жариштето каде што се активни, ги елиминираат своите противници или наоѓаат безбедно засолниште откако биле обвинети во странство. Спротивно на тврдењето на Варезе, некои од нив, кои кариерата ја започнаа во жешките точки, повторно се преселија на Западен Балкан.
Бумеранг-ефект
Земјите од Западен Балкан, секако, би можеле да вложат поголеми напори за да им ги отежнат враќањето и заминувањето на бараните криминалци. Дополнително, постои ризик групите од Западен Балкан, кои работат во глобалните жаришта, да донесат со себе дел од проблемите, но и знаење и заработка. На пример, странските партнери би можеле да бараат да инвестираат на Балканот – дали тоа можеби ќе привлече погрешен вид странски инвестиции и погрешен тип луѓе?
Понатаму, ако дел од парите се перат во Западен Балкан со инвестирање во бизнис што не е доволно регулиран со закон (на пример, туризам, казина и забавната индустрија), дали тоа ќе создаде средина во која другите актери би го следеле примерот. Дали би станал магнет за криминалните групи од Азија, Блискиот Исток, Турција или од Русија? Или за сомнителни странски инвеститори, кои би можеле да ги искористат ограничените механизми на законско регулирање – како што беше нагласено во студијата на случај на Чешката Република во раните 1990-ти?
Исто така, треба да се запрашаме дали дигиталната средина може еден ден или наскоро да стане (виртуелна) глобално жариште за криминалците од Западен Балкан. Конечно, иако некои криминални групи профитираа од војната на Блискиот Исток, преку трговијата со оружје и шверцот на мигранти, тоа имаше и бумеранг-ефект, имајќи предвид дека постои општо незадоволство од зголемениот број мигранти, како и загриженоста за враќањето на странските борци и радикализацијата.
Во иднина ќе биде важно да се следи не само како организираниот криминал од Западен Балкан се извезува на глобално ниво туку и дали (и на кој начин) организираните криминални групи се преселуваат од странство во Западен Балкан.
Д.Т.З