Речиси секојдневно полни автобуси со млади од Кичево го напуштаат градот и се упатуваат на печалба во поранешните југословенски републики Хрватска и Словенија, а не е мал ни бројот на оние кои заминуваат нешто подалеку, поточно во Австрија и во Германија. Според бројноста на млади од Кичево кои се вработуваат или веќе работат во Хрватска е најголем, и оваа поранешна југословенска република е најголемиот работодавец за најголем број кичевски гастарбајтери.
Ако овој тренд продолжи, за не повеќе од година до година и пол, градот речиси целосно ќе се испразни.
– Во изминатите две децении променив повеќе работи, се занимавав со угостителство, со автотакси превоз и што уште не, но сите тие работи беа малку платени ако се имаат предвид цените на сите производи и услуги, и единствено што ми преостана беше да ја побарам среќата во странство. Така во изминатите неколку месеци работев во Хрватска и можам да бидам наполно задоволен од примањата кои таму ги имав и кои беа далеку повисоки од оние кои можев да ги обезбедам во нашиот град. Планирам во текот на пролетта повторно да се вратам назад и да продолжам со работа на одредено или неодредено работно време. Се зависи од условите и договорот со газдите – вели Горан Велкоски, жител на Кичево.
Безмалку сите оние кои заминале на работа во оваа земја, на почеток планирале да останат неколку месеци и потоа да се вратат во земјава, но откако увиделе дека нивните приходи се повеќе од задоволителни, се определиле да се вратат назад и на подолг рок да продолжат во оваа земја.
– Кога отидов за првпат во Хрватска планирав да останам три-четири месеци. Но поучен од веќе стекнатото искуство и желбата на газдата да ме задржи на работното место, одлучив да се вратам назад и да продолжам со пекарството во истата фирма каде што почнав и со работа. Бидејќи бев задоволен од примањата, а сопственикот од мојата работа и одговорност, ми ја зголеми платата, што беше одлучувачко за мене да продолжам со работа во оваа земја и чинам дека во Хрватска ќе останам до крајот на својот работен век – вели Јане Тренески, помлад жител на Кичево, кој во родниот град променил повеќе работи.
Слична е приказната и на преостанатите наши соговорници кои би се вратиле назад во земјава, ако платите бидат приближно исти како во Хрватска, бидејќи со приходите што ги остваруваат во земјава не можат да врзат крај со крај, а цените се приближно исти со оваа приморска земја. Покрај приморјето, наши работници има и во внатрешноста на земјата, а зачудува и фактот што нее мал ниту бројот на граѓани кои и покрај сигурната работа во јавниот сектор, се определиле да заминат на печалба, што пред две децении беше незамисливо.
Заминувањето на печалба може и визуелно да се потврди ако прошетате низ градот. Бројот на минувачи е се помал, како и бројот на ученици во сите училишта, а бројот на новороденчиња е драстично опаднат. Слична судбина ја имаат речиси сите градови во земјава. З.А.