Светската промоција на француското издание на драмата „Кирил и Методиј кои сте вие“ од Јордан Плевнеш, во издание на Куќата на Европа и Ориентот, се одржа синоќа на Универзитетот „Пантеон Асас Сорбона 2“ во Париз, со учество на престижна академска и книжевна плејада.
Промоцијата беше отворена од потпретеседателот на Универзитетот Фабрис Далмеида, еден од најпознатите француски интелектуалци кој, го истакна фактот дека токму на предлог на оваа институција Француската академија му ја додели на Јордан Плевнеш наградата Гранд При за животно дело.
Изданието на драмата е со предговор на еден од најголемите светски театролози Жорж Бани (1943-2023), автор на монографии за Шекспир, Чехов, Брехт, Кантор,Питер Брук,Антоан Витез, итн., кој во оваа книга го напиша својот последен текст со наслов: „Јордан Плевнеш е планетарен писател”.
За драмата која е во превод на Фроса Пејоска-Бушро од македонски на француски, говореа францускиот поет и драматург Жан-Пиер Симеон, издавачот на „Собраните драми“ на Плевнеш на француски Франсис Комб, режисерот Патрик Вершурен (кој веќе четири децении ги поставува драмите на Плевнеш насекаде низ светот, како и претседателот на Академјата Маларме, Силвестр Клансие.
Сите говорници го истакнаа феноменот дека творештвото на Плевнеш го афирмира македонскиот идентитет во европски и светски рамки и токму оваа драма “Кирил и Методиј кои сте вие” е неприкосновен прилог кон глобалната трагикомедија, во која се уништува и последното зрно на човечката надеж, иако средновековните рамноапостоли говореле за „Цивилизација на љубовта и носталгија по единството” што никаде ги нема, освен во самотијата на уметничкиот сон.
Извадоци од драмата презентираше актерот на „Комеди Франсез“ Иг Баде, а специјалнен гостин на промоцијата беше Елена Стојчевска, професор по флејта на парискиот Конзерваториум „Моцарт“ која го презентираше делото за соло флејта од македонскиот композитор Томислав Зографски, посветено на Клод Дебиси.
Промоцијата му беше посветена на бесмртниот македонски актер Мето Јовановски (1946-2023), кој токму во Париз, како и низ повеќе градови на Франција, ја играше главната улога во пиесата „Европа” реализирана од група на македонски актери од Драмски театар и од францускиот театар „Ефемерид“, според романот на Ромен Гари во адаптација на Рене Калиски, во превод на Лилјана Плевнеш, а во режија на Патрик Вершурен. Тој во Париз ја доби Наградата „Актер на Југоисточна Европа“ од рацете на францускиот актер Тјери Фремон.