Кога ќе се случи некој немил настан, се потсетуваме на луѓето со кои некогаш сме имале некаков контакт, соработка, пријателство… По заминуавњето на големиот балкански актер Жарко Лаушевиќ во средата и голем број македонски јавни личности, се простоија од него, потсетувајќи се на средбите со Лауш и споделувајќи спомени и фотографии од овие настани.
Соња Јаќовска-Самарџиева, уредник во Македонска телевизија, која исто така е и актерка, ни раскажа за соработката со Лаушевиќ за време на снимањето на филмот „Пат на југ“.
-Во 1988 година, јас како студент на Факултетот за драмски уметности, бев дел од екипата во филмот „Пат на југ“ (El camino del sur) на аргентинскиот режисер Хуан Баутиста Стањаро. Се сеќавам, како вчера да беше… Аудицијата беше во просториите на „Вардар филм“ и се знае на аудиција доаѓаш среден, нашминкан, дотеран. Во тоа време, превозно средство ми беше мојот црвен велосипед. И таква, разлетана во косата, во вцрвенети образи од ветрот, влегов во просториите на „Вардар филм“. Режисерот веднаш ме забележа и набрзо ми кажаа дека ми е доделена и улога – да ја играм девојката на Жарко Лаушевиќ. Каква чест беше тоа за мене. Снимањето беше во околината на Скопје. Имавме една зедничка сцена на свадбата на неговата сестра која ја играше Мирјана Јоковиќ. Бидејќи со Мирјана Јоковиќ се познававме од претходно, од моите денови поминати во Белград додека го снимав „За сега без добар наслов“ на Срѓан Карановиќ, таа ми помогна околу сцената со Лаушевиќ. Тој беше пријатен, непосреден и многу пријателски расположен. Неговата популарност беше во подем, веќе беше ѕвезда, но сепак заедничката сцена помина со таква едноставност, професионално, како цел живот заедно да играме – сподели со нас незбаоравен спомен Соња Јаќовска-Самарџиева.
Две фотографии на Жарко Лаушевиќ засекогаш ќе останат и меѓу спомените на Тони Цифровски, уредник на Културната програма на Македонско радио-Радио Скопје, како сведоци за сребите со големиот уметник, со биографија која тешко се носи на плеќите. Едната е снимена многу одамна, кога Лашуевиќ со претстава на Југословенско драмско позориште гостуцвал во Скопје, а втората е од гостувањето на Лаушевиќ на фестивалот „КинеНова“ пред неколку години.
-Првата средба (од првата фотографија) е од многу одамна. Со колешката Јасмина Догова за тогашната емисија „Ритам на младите“ снимавме разговори со ѕвездената екипа на претставата „Театарски илузии“ со која Југословенско драмско позориште од Белград гостуваше во Скопје. Режисерот Слободан Унковски ги обедини Мира Фурлан, Мирјана Карановиќ, Милош Жутиќ,… и најголемиот миленик, не само на младата генерација, во тој момент, Жарко Лаушевиќ. Поради недоразбирања со колегите од соседството, беше познат по тоа што не дава интервјуа. Ние решивме да си ја пробаме среќата и – наидовме на исклучително благодарен соговорник кој за Македонското радио зборуваше со посебен пиетет. Разговаравме за театарот и филмот и предупредуваше за злото што беше надвиснато над народите од некогашните југословенски простори, со надеж дека сепак ќе биде победено…Втората фотографија е снимена при неговото гостување на нашиот филмски фестивал „КинеНова“ , кога Лаушевиќ беше дојден да го прими признанието за посебен придонес кон филмската уметност. Зад него беа годините на успех, приватната трагедија и повторното издигнување над пепелта со нови актерски ангажмани. Се присетивме на некогашниот разговор и му беше многу мило што сум ја сочувал и дигитализирал старата фотографија и ме замоли да му ја испратам за, како што рече, „да и’ покажам на сопругата (втората, н. заб.) дека некогаш навистина сум имал коса“. Штета што од размената на телефонските броеви не изнедривме и нов разговор, интервју… Чекајќи прва прилика, останавме без една невидено ретко благородна и исклучително талентирана уметничка големина – со голема почит ни рече Тони Цифровски.
И новинарот Бране Стефановски, кој го преведе романот на Жарко Лаушевиќ „Годината минува, денот никогаш“ на македонски јазик, на социјалните мрежи сподели свои сеќавања за големиот балкански глумец и писател.
– Голема е жалоста за големиот глумец и мој пријател Жарко Лаушевиќ. Вечна му слава . Ја имав таа чест да ја преведам неговата прва книга „Годината минува, денот никогаш“ на македонски јазик во 2012 година. Друга негова книга се уште не е преведена на македонски – напиша тој на својот профил на Фејсбук.
За време на работата на преводот со Лаушевиќ размениле многу пораки, а Стефановски сподели некои од нив:
„Драг Бране, чувствувам потреба да ти ги пренесам впечатоците на Мира и повторно да ти кажам дека заврши одлична работа. Ти благодарам и се надевам на продолжување на соработката. Со почит Жарко Лаушевиќ“ и „За втората книга ќе побарам друг издавач, но преведувачот на македонски секако нема да го сменам. Многу те поздравувам и се слушаме набрзо, твојот пријател Жарко Лаушевиќ“ – се потсети Бране Сефановски на својот почитуван пријател.