Набљудував и ја видов комуникацијата помеѓу официјалните лица на меч за време на преглед на момент и тоа е мошне хаотична ситуација, не во негативна смисла, но има многу луѓе што разговараат во исто време и мислам дека би било контрапродуктивно некој да ги слуша сите тие луѓе што зборуваат еден со друг. Се тестира објавувањето одлуки за да донесеме малку поголема транспарентност во одлучувањето, но во овој момент не сме подготвени да ја отвориме комуникацијата во живо за публиката. Фудбалот е различен затоа што секој става лупа на секоја одлука и секој збор потоа би бил анализиран во медиумите и би создал многу небезбедна средина за судиите. Тие треба да се чувствуваат безбедно кога се фокусирани на донесувањето одлуки, вели секретарот и извршен директор на ИФАБ, Лукас Бруд
ФУДБАЛ
Не се планира да се емитува во живо видеокомуникација со судиите и лицата од системот видеопомошник-судија (ВАР) бидејќи би било премногу „хаотично“ да се слуша и потенцијално би се создала „небезбедна средина за судиите“, пишува „Би-би-си“. Минатиот месец, на Луис Дијаз погрешно му беше поништен гол поради офсајд, кога Ливерпул загуби со 1-2 од Тотенхем, а аудиото на ВАР за таа одлука потоа беше објавено. Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) смета дека гледачите треба да бидат информирани за одлуките, но не и да слушаат како се носат во живо.
– Категорично велам не, не треба. Ми беше дозволено да набљудувам и да ја видам комуникацијата помеѓу официјалните лица на натпревар за време на преглед на момент и тоа е мошне хаотична ситуација, не во негативна смисла, но има многу луѓе што разговараат во исто време и мислам дека би било контрапродуктивно некој да ги слуша сите тие луѓе што зборуваат еден со друг. Потоа го имате ВАР и помошниот ВАР, операторите за повторување снимки, судијата, а можеби дури и помошните судии и четвртиот судија, така што одеднаш станува мошне хаотично искуство. Дадовме зелено светло да го тестираме објавувањето на одлуките за да донесеме малку поголема транспарентност во одлучувањето, но во овој момент не сме подготвени да ја отвориме комуникацијата во живо за публиката – изјави секретарот и извршен директор на ИФАБ, Лукас Бруд, за „Би-би-си“.
ДАЛИ МОЖЕ ДА СЕ СЛЕДАТ СИСТЕМИ ОД ДРУГИ СПОРТОВИ?
Светската фудбалска федерација (ФИФА) тестира одлуките донесени со ВАР да им бидат презентирани на телевизиските гледачи и на оние на стадионот од судиите на натпреварите во некои од нивните натпреварувања, вклучувајќи го и Светското првенство за жени летово. Исто така, имаше повици фудбалот да следи други спортови, како што се рагби и крикет, во начинот на кој тие комуницираат за одлуките на теренот со гледачите, но Бруд смета дека директните споредби се нереални.
– Тоа се различни спортови со различна поставеност. Не можеме да се споредуваме само со тоа што велиме дека е исто. Во фудбалот процесите се малку поинакви. Фудбалот е различен затоа што секој става лупа на секоја одлука и секој збор потоа би бил анализиран во медиумите и би создал многу небезбедна средина за судиите. Тие треба да се чувствуваат безбедно кога се фокусирани на донесувањето одлуки – вели тој.
Еден проблем што произлезе од објавувањето на ВАР-аудиото од офсајд-грешката на натпреварот Ливерпул – Тотенхем беше неможноста да се прекине играта и да се смени неточната одлука. Правилата на ИФАБ не дозволуваат да се вратат на претходна одлука откако ќе продолжи играта, „освен за случај на погрешен идентитет или за потенцијален прекршок за исклучување во врска со насилно однесување, плукање, гризење или крајно навредливи дејства“, пишува „Би-би-си“. Сепак, Бруд, исто така, го отфрли потенцијалот за временски период во кој одлуките донесени со човечка грешка би можеле да се сменат.
– Секогаш мораме да запомниме дека овие работи не се случуваат многу често. Не треба веднаш да почнеме да ја преиспитуваме целата поставеност, бидејќи на еден од илјадниците мечеви се случи ваква ситуација. Секако дека ќе се подобриме доколку има потреба од одредени области на ВАР. Да видиме дали треба да решиме проблем каде што луѓето направиле грешка – рече тој.
Брзината на донесување одлуки со ВАР, исто така, е проблем од неговото воведување. За време на поразот на Барнли со 1-2 од Бурнмаут неодамна, на ВАР му беа потребни повеќе од пет минути за да се поништи гол поради офсајд. Запрашан за можноста за внесување полуавтоматски или автоматизиран офсајд за да им се помогне на судиите, Бруд вели: „Секогаш има развој во технологијата што се користи и сигурен сум дека во одреден момент ќе видиме нешто помеѓу полуавтоматски и автоматски одлуки, бидејќи технологијата станува подобра. Но секогаш ќе ја имате пасивната офсајд-позиција. Официјалните лица на натпреварот, сепак, треба да оценат дали играч што бил во офсајд имал влијание во играта. Сигурен сум дека одлучувањето ќе биде побрзо, но секогаш ќе има човечка интервенција кога станува збор за офсајд“.
КЛУПА ЗА КАЗНИ
Бруд, исто така, рече дека ИФАБ разгледува мерки што би можеле да се спроведат за да се намали количеството навреди што ја добиваат судиите, особено на младинско ниво. Клупа за казни за играч што добива привремено исклучување од теренот е нешто што се разгледува.
– Во моментов проценуваме какви мерки има. На младинско ниво и во голем број лиги во Англија, судиите сега носат камери на телото како форма на одвраќање од недолично однесување, а резултатите досега беа многу позитивни. Бараме различни начини, но, исто така, сакаме да им помогнеме на судиите да ги водат натпреварите на фер начин и да се погрижиме и играчите и стручниот штаб да се однесуваат соодветно. Фудбалот не е емоционална канта за отпадоци, тој е спорт, тој треба да биде забавен. Треба да се откажеме од некое длабоко вкоренето однесување – рече Бруд. Н.М.