Леталото „Псајки“, кое ѝ припаѓа на американската вселенска агенција НАСА, беше успешно лансирано и го започна своето шестгодишно патување до истоимениот астероид.
Астероидот Псајки, според научниците, некогаш бил делумно јадро на една планета во раните денови на Сончевиот Систем. Астероидот богат со железо и никел може да содржи индиции поврзани со формирањето на планетите, вклучувајќи ја и Земјата.
Вселенското летало „Псајки“ беше лансирано неодамна со ракетата „Фалкон хеви“ на „Спејс екс“ од вселенскиот центар Кенеди во Флорида, а податоците од телеметријата покажаа дека пристигнало во вселената во добра состојба. Мисијата беше одложувана неколку пати, но лансирањето конечно се случи.
На леталото ќе му бидат потребни околу шест години за да стигне до астероидот, а потоа ќе орбитира 26 месеци, проучувајќи го со различни инструменти. Леталото ќе користи камери за поглед одблиску, магнетометар за пребарување на магнетното поле, спектрометар на гама-зраци за откривање високоенергетски гама-зраци и неутрони, како и радиоантена за мапирање на гравитацијата на вселенската карпа.
-Возбуден сум што ќе се отвори научната ризница на „Псајки“ како прва мисија на НАСА во „металниот свет“. Со проучувањето на астероидот Псајки, се надеваме дека ќе добиеме подобро разбирање за универзумот и нашето место во него, особено во однос на мистериозното метално јадро на нашата планета Земја – рече Никола Фокс, соработник во Дирекцијата за научна мисија на НАСА.
Астероидот Псајки орбитира околу Сонцето во појасот помеѓу орбитите на Марс и Јупитер. Истражувачите проценуваат дека од 30 до 60 отсто од неговото јадро е комбинација од железо и никел.
– Врз основа на податоците што ги имаме, би рекла дека повеќе од половина од нив се метал. Ќе видиме нов вид објект, така што многу наши идеи би можеле да се докажат како погрешни – рече Линди Елкинс-Тантон, професорка на Државниот универзитет во Аризона.
Леталото исто така ќе ги тестира ласерските комуникации на НАСА во длабоката вселена, експериментален комуникациски метод што би можел стопати да го зголеми пропусниот опсег во однос на сегашниот стандард, а тоа се радиобрановите.