На осмото издание на МФФ „Киненова“ за најдобрите филмови ќе одлучува меѓународно жири во состав Лех Мајевски, поет, сликар, писател, режисер и визуелен уметник од Полска, Дебора ван Дам, режисерка и кинематограферка од Холандија, и Дејан Дуковски, писател и сценарист од Македонија.
– Низ играта на светлото, сенките и боите на филмската проекција се изнедрија универзуми на осум нови храбри филмски авторски гласови од целиот свет со нивните деби-филмови, преку кои публиката имаше можност да ги види актуелните приказни од Бразил, Англија, Шпанија, Иран, Грузија, Македонија, Србија и Украина – велат организаторите.
Лех Мајевски е поет, сликар, писател, режисер и визуелен уметник. Член е на Академијата за филмски уметности и науки и Европската филмска академија. Работејќи во САД, Бразил, Англија, Полска, Германија, Литванија, Франција и Италија, Мајевски ги гради своите визии во неговите слики, филмови, инсталации, романи, театар и оперски постановки. Студирал на Краковската академија за ликовни уметности и дипломирал на Националното филмско училиште во Лоѓ, Полска. Неговиот режисерски потпис е на филмови како „Витез“, „Затвореникот од Рио“, „Евангелие според Хари“, „Собата на срна“, „Баскијат“, „Војачек“, „Ангелус“, „Градината на земните задоволства“, „Стаклени усни“, „Воденицата и крстот“, „Онирика“ и „Долина на боговите“. Презентирани на фестивали во Торонто, Њујорк, Рио де Жанеиро, Ерусалим, Москва, Берлин, Венеција и Кан, овие филмови добија голем број награди.
Дебора ван Дам (Хаг) студирала право во Лајден. По дипломирањето, таа работела во корпоративниот свет неколку години. Набрзо потоа, таа се префрла на „раскажување приказни“. Во 2006 година Дебора го имаше своето филмско деби, за кое доби номинација за наградата за имиџ и звук во 2007 година. Филмовите на Дебора се карактеризираат со интимни набљудувања во кои се разоткрива личната „драма“. За документарниот филм „Бебето“ (2013) Дебора го добива признанието од жирито на Нипков. Дебора сè повеќе го користи медиумот за фотографија за да раскажува приказни, и автономно и во комбинација со филм.
Дејан Дуковски е драмски писател и сценарист. Дипломира на отсекот за драматургија на ФДУ, Скопје, во класата на европски прославениот драмски писател и професор Горан Стефановски. Предавал на ФДУ во Скопје, на отсекот за филмско и ТВ-сценарио. Ги напишал драмските текстови: „Балканска“, „Балкански вампир“, „Силјан Штркот Шанца“, „Балканот не е мртов“, „Буре барут“ (текстот е поставен на театарските сцени во целиот свет и учествувал на голем број европски и светски фестивали, каде што освоил голем број награди). В.Д.
Лех Мајевски: Не навестувај што ќе се случи, го уништуваш изненадувањето
Под менторство на Лех Мајевски, кој е и член на меѓународното жири на осмото издание на „Киненова“, се одржа работилница под наслов „Европски филмски приказни“ со шест млади филмски автори од европските земји. Проектот е реализиран со поддршка на Европската Унија и Амбасадата на Полска во Скопје.
– Прво правило за пишување сценарио е не навестувај што ќе се случи, го уништуваш изненадувањето. Намести ја ситуацијата и оди, тоа е доволно. Ова е кино, не треба многу да се објаснува, вежбајте да ги опишете ликовите на најкраток можен начин. Вие ја гледате личноста, но читателот не ја гледа, значи треба да најдете начин да му ја опишете најефектно што може. Читателите ги забораваат имињата, не користете имиња, тие се апстрактни, користете прекари. Филмот е конкретен, на пример човекот запалил цигара… нема само да го кажете тоа, покажете каква цигара со акција, не со зборови. Кога опишувате лутина, нека скрши нешто, нека се покаже дека е лут, значи акција, не зборови. Не користете дијалог, туку лица. Најдобрите кадри се оние каде што нема дијалог – рече Мајевски.
Главната цел на работилницата е да го подобри и дополни образовниот процес на младите филмски професионалци од европските земји, давајќи им можности за добро вмрежување и заедничка работа за градење нови начини за нивните идни професионални кариери.