ЕУ не е еден монолитен ентитет. Тоа што ќе го договори Европската комисија (Владата на ЕУ) може да не помине на Советот, тоа што ќе го посака парламентот може да не е повеќе предлог и да не помине зашто некоја/и земји-членки нема да попуштат надевајќи се дека инаетот ќе им донесе концесија на некоја сосема поинаква тема…

Иако меѓусебната доверба на ЕУ и земјите-кандидати од Западен Балкан е променлива варијабла поради неисполнети ветувања, отстапувања од поставените критериуми од страна на Унијата, но и поради опортунизмот на кандидатите од таа ситуација, во која гледаат можност да се одложи спроведувањето на реформите, во насока на владеење на правото, борбата против корупцијата…, сепак никој сериозно не се откажува од логичноста на присуството на земјите од регионот во ЕУ. Но актуелните предизвици со кои се соочува самата ЕУ, поврзани со нејзината ангажираност околу воените конфликти во европското соседство и последиците врз нејзината економија, создаваат разногласие и неусогласеност за процесот на проширување, кој е децениска надеж за земјите на Западен Балкан, на кои им се ветува „заедничка европска иднина“.
– Дека во ЕУ нема единствен став за перспективите на „балканскиот маратон“ кон Брисел станува сѐ појасно со секоја нова средба. Таков беше случајот и со неодамнешниот самит во Гранада. Имам чувство дека ЕУ има проблем да се определи дали ја прифаќа француската матрица и не сака понатамошно проширување или може и понатаму бесрамно да ја рециклира флоскулата „вам местото ви е во Европа“, без да сфати дека ние, како Македонија, не сме како Турција со географска можност да избираме континент! Од друга страна, ЕУ не е еден монолитен ентитет. Тоа што ќе го договори Комисијата може да не помине на Советот, тоа што ќе го посака парламентот може да не е повеќе предлог и да не помине зашто некоја/и земји-членки нема да попуштат надевајќи се дека инаетот ќе им донесе концесија на некоја сосема поинаква тема. Имам впечаток дека на почетокот од својата вето-игра, Бугарија мислеше дека Македонија им е „чип“ за шенген, па играа на таа карта. Дури ни земјите-членки не можете да ги гледате како фиксна варијабла. Словачка од 2022 г. и таа по неодамнешните избори имаат многу различни позиции, вклучувајќи и за проширувањето и за наративот на Бугарија кон Македонија. Тоа што чешкото претседателство сакаше да го постигне и тоа што можеше да го направи по францускиот предлог немаат многу заедничко со она што ги преокупираше идните претседателства. Разбирливо е дека ЕУ си има големи проблеми во моментов, но навистина не е разбирливо, како од сиот метеж во Брисел не се создаде една силна аналитичка струја, долгорочен проект за воспоставување искрен дијалог и медијациски процес што би помогнале да се имплементираат конструктивни и системски пристапи – прашува повеќе реторички професорката за меѓународни преговори и медијација Ида Мантон.
Таа смета дека со еден таков проект за медијациски процес од ЕУ би се минимизирало руското влијание во Бугарија, кое го оптовари односот кон Македонија и создаде проблем што лесно можеше да се избегне многу порано.
– Не го сметам за креативен притисокот „сменете го Уставот, па потоа ќе видиме“. Наместо тоа фокусот може да се стави на причините и леснотијата со кои Бугарија издаде околу 150.000 европски пасоши, на пресуди од Европски суд за човекови права, на меѓуинституционална соработка за да се испеглаат разликите во ставови. Ама тоа е многу обемна работа и полесно е наместо по магарето да се удри по самарот. Конечно, стаповите врз друг помалку болат, па ако Македонија ги внесе Бугарите во Уставот, ќе ѝ ги намали маките на Европа. Засега. Ама овие преседани скапо може да ја чинат Европа, која со секоја пропуштена можност да застане на страната на заложбите и принципите ризикува да отвори простор за слични идентитетски наративи во своите граници. Чувањето на Балканот во оваа чекалница што народот ја доживува како агонија е многу поопасно од ветеното проширување, кое по пат ги девалвираше и Копенхашките критериуми – предупредува Ида Мантон. Ј.П.