Изјавата, односно пораката на американскиот дипломат Кристофер Хил за „важноста САД и ЕУ со заеднички сили да се обидат да ги решат проблемите на Западен Балкан“ отвора неколку аспекти за размислување… Може ли да се каже дека САД и ЕУ имале (или, пак, досега немале) некаква заедничка подолгорочна координирана и целисходна стратегија за решавање на проблемите на Западен Балкан или тоа го правеле само ад хок, во конкретни кризни ситуации?
Како се движи македонската ѕвездичка до местото во знамето на ЕУ
Неодамна, на Белградската безбедносна конференција, американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил (кој пред 20-25 години истата функција ја извршуваше и во Македонија), искажа став дека е „важно САД и ЕУ со заеднички сили да се обидат да ги решат проблемите на Западен Балкан, во кој Косово и понатаму со причина е тежок проблем“.
Проблемите на државите од Западен Балкан се специфични, но поврзани со ефектот на сврзани садови, а меѓународната заедница (повеќе САД) се обидува да ги реши со една иста формула за сите. Во тридецениската приказна за европско интегрирање на земјите од Западен Балкан (и Македонија како дел од него) се профилираше впечатокот дека ЕУ би ги примила само ако некој друг ги реши проблемите во регионот, дали самите земји или САД, зашто „Унијата не сака да увезува билатерални проблеми“, иако нејзините земји-членки често сами им ги создаваат таквите проблеми на земјите-кандидати. Секако, најконтроверзен пример за принципиелноста и капацитетот на ЕУ да решава (и создава) проблеми во интегративните процеси е случајот на Македонија и уцените во евроинтеграциите што ги доживува од Грција и Бугарија, и двете земји-членки на Унијата.
Во европскиот политички дискурс за Западен Балкан се чини дека некако се наметнува размислувањето дека решавањето на српско-косовското прашање е клучот за средување на сите проблематични прашања во регионот, па сите други земји треба да ги калибрираат своите внатрешни и надворешни политики во таа насока.
– Луѓето велат дека Србија едноставно треба да сфати дека Косово е независна држава, да го преболи тоа и да продолжи понатаму. И јас би сакал да го направи тоа, но факт е дека проблемот е многу покомплексен – призна и самиот американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил.
Сепак, повикот на Хил за „важноста САД и ЕУ со заеднички сили да се обидат да ги решат проблемите на Западен Балкан“ отвора неколку аспекти за размислување. Може ли да се каже дека САД и ЕУ воопшто имале некаква заедничка подолгорочна стратегија за решавање на проблемите на Западен Балкан или тоа се прави само ад хок, во конкретни кризни ситуации?
– Апсолутно постои заедничка стратегија на дејствување на САД и ЕУ за земјите од Западен Балкан, но пред сѐ таа е насочена исклучиво на стратегискиот интерес да не се врати на никој начин руското влијание во регионот, но и да се пресретне и спречи влијанието на Кина. За остварување на таа стратегија секако имаат соработници од доверба на Балканот, пред сѐ албанскиот фактор во регионот, а накратко и повремено ја вклучуваат и Бугарија. Повеќе е тоа американска стратегија, а ЕУ е инструментот преку кој се спроведува. Самата ЕУ не покажува политички капацитет за самостојно креирање стратегии и за самата себе, а не пак на глобален план – проценува поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.
Во анализите за стратегиите на меѓународната заедница за Западен Балкан, главно се констатира дека тие се водени пред сѐ од геостратегиските интереси на големите сили, во интерес на „големата слика“, без притоа да се имаат предвид националните специфики на државите во регионот, ниту добросостојбата и напредокот на граѓаните во нив.
– Неспорен факт е дека земјите од Западен Балкан се во интересната сфера на САД и ЕУ, но стратегиски тие го гледаат регионот исклучиво преку нивните интереси, без некој особен интерес за напредок и развој на самиот регион и граѓаните што живеат во тие држави. На почетокот, пред триесетина години, кога се демонтираше биполарниот свет, приказната за прераспределбата на интересните сфери беше претставена како борба за демократски вредности. Сега веќе се чини е разголена и таа приказна, односно вредностите гласно се потиснати пред голата борба за интереси. Сето тоа е резултат на состојбата што укажува дека проектот за унилатерален свет е пропадната. До формирањето на новиот свет, до задоволување на интересите на големите светски играчи – ќе биде турбулентно низ целиот свет, па и во нашиот регион на Западен Балкан. Така ќе биде додека меѓународната заедница, т.е. Западот во чија интересна зона припаѓаме, не се помири со мултиполарниот свет – вели Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.
Дали сериозните стратегии се сензитивни на дневнополитички дразби?
Експерката за меѓународни преговори и медијација Ида Мантон смета дека Македонија и Западен Балкан, воопшто треба да ја надминат практиката да чекаат САД и ЕУ да ни кажат кои ни се опциите, а наместо тоа треба самите да бараме решенија за проблемите.
– САД и ЕУ имаат долгорочна заедничка стратегија за Балканот, но приоритетите се менуваат со време, предизвиците се менуваат со секој нов потег, како на шаховска табла, пристапот и координацијата меѓу ЕУ и САД се менува зависно од тоа кој е на власт. Во време кога човештвото е под постојани закани и од човечки и од природни непогоди (војни, поплави, пожари, огромни миграции) не е едноставно да се направат правилни избори и приоритети. Јас сум во групата на тие што се спротивставуваат на изговорите, дека на пример сега, Украина е поважна од Балканот и изборот е или-или. Јас верувам дека и во Брисел и во Вашингтон, и во ЕУ и во Стејт департментот, различни се луѓето што работат на овие теми и додека едните работат, другите сигурно не се на одмор. Борбата е како нивните анализи да стигнат до масите на лидерите, на оние што донесуваат одлуки. Искрено повеќе ме плаши многугласноста (премногу готвачи за едно мени) отколку што ме загрижува мислата дека сме заборавени. За Балканот да не е „вчерашни вести“, ние треба да имаме агилна и неуморна дипломатија, а ние имаме потпросечна и често само протоколарна мрежа на политички поданици. Не мислам дека Америка и Европа треба да се занимаваат со Балканот рутински, а за да се занимаваат суштински некој треба да го одработи тоа. Досегашната пракса е ние да чекаме да ни кажат кои ни се опциите, наместо да бараме решенија за проблемите со кои се соочуваме и да не спиеме на тоа уво дека други ќе ни ги решат проблемите. Не може некој друг да нѐ спасува од нас самите. Постојано. Особено не, ако нашиот пристап е сервилен и не се темели на знаење, туку на послушност и лажни ветувања, кои многу лесно се голтаат последниве години и се мантраат како апсолутни вистини, сѐ додека не се покажат невистинити. Како ветувањето дека по Преспанскиот договор, патот до ЕУ ни е чист. Па дојде бугарското вето… Историски силното пријателство и обврската што на себе ја презеде Америка со вклучувањето во Втората светска војна и ветувањето дека ќе го одржува мирот во Европа се ветувања дадени во поинакви времиња. Ја спомнувам Втората светска војна, зашто многу од денешните конфликти ми личат на незавршени проекти на националистичките соништа на неколку лидери, кои се во потрага по некогашниот сјај, големина и колективен глад за конечна победа. Сепак, многу е сменето и многу е изградено од 1945 г. наваму. И Европа и Америка постојано работат на градење мир, на зајакнување на заедничките мултилатерални договори преку преговори, на спречување конфликти и на демократизација на авторитарни режими, особено тие што се закана за безбедноста на Европа, а Балканот е Европа. Но она што порано беше заедничка заложба, таа посветеност кон либерални вредности, е соочена со огромни предизвици – пораст на конзервативни движења во и околу Европа, кои имаат цел тектонски промени и менување на структурите на моќ и влијание. Јас би сакала да видам посуштинска посветеност и поактивна борба и од ЕУ и од САД не само во кризни ситуации, не само со медиумски кампањи и краткорочни решенија за мир во куќа, туку со пријателска поддршка за долгорочно решавање на проблемите, а не со лицемерно мешање на морковите и стаповите. Многу дипломати мора да разберат дека да се биде дипломат не значи да се избегнува одговорност и да се затскрива реата што надалеку мириса и затоа и ЕУ и САД мора да се потрудат да испратат поподготвен кадар во ова наше буре барут, оти нашиве се комплексни и долговековни маки, не се решаваат со тапкање по рамо и уставни промени без никаква анализа од институциите, кои ги градиме повеќе од 70 години токму за овие лоши времиња. Наместо да ги засилиме, имам чувство дека многу лидери сакаат да ги ослабат и да функционираат во „политички заедници“ на едномисленици. Мора да бидат многу внимателни оти тоа е во спротивност на односите на кои се темели традиционалното евроатлантско пријателство – анализира Ида Мантон.