Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
ДА ГО НЕГУВАМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Како да го негуваме? Со читање! Со многу читање. Со пренесување на јазикот преку домашното творештво, песна, фолклор. Децата се првиот пренос и извор за понатаму да тече бистра вода. Ако не им зборуваме, ако не им читаме, ако не им раскажуваме – сме ги утнале сите борби за идентитетот на јазикот. Оти тој не е само дневно прашање. Тој е смисла и организам што се движи и ако го скамениме и предадеме на времето ќе го изгубиме ко игла во сено.
Како да се популаризира и актуализира? Да се смисли национална стратегија за јазик, каде што секој медиум и образовна установа ќе објавуваат јавни обуки за писменост, читање, дикција, креирање текст, говорење. Сево ова во светот е пракса, само кај нас никој нема поим кој е последниот нов збор во јазикот. А можеби само не сум упатена, не знам.
На пример, она што го креираат од екипата на „Биби и Боби“ е супер почеток на една дигитална преносна комуникација преку јазикот со најмалите. Тоа е само еден сегмент.
Следно, поткастот како концепт мора и нужно треба да биде смислен и говорен од луѓе што се вклучени во него – зошто да не се снимаат поткасти на темата јазик, лекции, макар и Јутјуб-туторијали? Ни недостигаат акција и свест. Сигурна сум дека за да навлезе во секоја пора од општеството, мора прво да се создаде таква навика, чувство за јазикот. Младите не се виновни што не зборуваат добро македонски. Виновни се нивните родители, а потоа и целиот образовен и општествен колапс, кој нема никаква перспектива за да го смени тоа. Решенија има, само треба да нè подбере малку историјата. Оваа поновата, каде што во сиот распад на сите нешта ќе останеме сами и голи, само со јазикот на рамења.
Ана Голејшка-Џикова, поетеса и писателка за деца