Интервју со м-р Илија Митевски, историчар што се занимава со истражување на македонската историја, градот Кратово и активен промотор на културата на Кратово и неговите особености
Илија Митевски, магистер по историски науки, е еден од најангажираните македонски историчари, кој се занимава со истражување на далечното и блиското минато на градот Кратово, инаку и промотор на културата на Кратово и неговите особености. Митевски е автор на неколку книги, а меѓу нив е и научниот труд „Историјата и културата на Кратово и Кратовско од најстарите времиња до денес“, како и туристичкиот водич за градот Кратово, кој е прогласен за еден од најдобрите туристички водичи во Македонија.
Меѓу другото, м-р Илија Митевски со својата дејност има и голем придонес во заштитата и промоцијата на културното наследство на градот Кратово. Во оваа конотација, Митевски е еден од основачите на Музејот на град Кратово, а со својата дејност придонесува во создавањето и збогатувањето на музејската поставка. Со Митевски разговараме за неговата научна дејност, но и за одредени проблеми со кои се соочува тој, но и неговите колеги.
Дали може да ни кажете нешто за основањето на музејот во Кратово?
– Формирањето на Музејот на град Кратово датира уште од 1983 година кога се формираше музејска збирка во состав на штотуку изградениот дом на културата „Лазар Софијанов“. Во 1993 година, по моја иницијатива, беше формирана институцијата, односно музејот, која има цел да се грижи за движното и недвижното културно наследство на Кратово и Кратовско. Благодарение на моите активности низ годините, денес музејот на Кратово има три тематски збирки – археолошка збирка, историска збирка и етнолошка збирка. Археолошката збирка при Музејот на град Кратово е разновидна и содржи предмети од праисторијата, антиката, средниот век и нумизматиката. Денес во музејот се изложени повеќе од 1.000 етнолошки, историски и археолошки музејски предмети.
Зошто решивте да се занимавате со научноистражувачка дејност?
– Според моите видувања, не постоеше комплетен историски труд за градот Кратово, кој има многу богато историско и културно наследство. Кратово е еден од најстарите градови во Македонија, а неговото подрачје било населено уште од времето на Римската Империја. Во византиско време, Кратово е познато како Коритос, а во овој период е значаен рударски центар, што се потврдува од подземните тунели и премини, како остатоци од рудниците. Од втората половина на 14 век, Кратово е во рамките на Османлиската Империја, а градот бил посетен и од султанот Мурат. Монетарниците, кои датирале уште од Римската Империја, по доаѓањето на Османлиите, најдоцна, повторно биле активирани и во наредните два века во нив се изработувале монети со ознака „К“, што значи дека се изработени во Кратово. По Австроунгарската војна од 1689-1690 година и Карпошовото востание, градот бил опустошен, а рударските окна затворени. Во однос на просветната и културната дејност, треба да се спомене дека градот Кратово ја имал својата Кратовска книжевна школа, која заедно со книжевното училиште на манастирот „Св. Гаврил Лесновски“ била особено активна од 12 до 14 век, со што Кратово станал културен центар. Сето ова придонесе да ја напишам и да ја објавам книгата „Историјата и културата на Кратово и Кратовско од најстарите времиња до денес“.
Зошто се решивте да објавите туристички водич за Кратово?
– Како што веќе напоменав, Кратово има богато историско и културно минато. Мојата цел беше да се запознаат туристите, но и пошироката јавност со историјата и културата на Кратово, а најпривлечни и специфични се градските кули, кои се атрактивни како градби. Кратово е редовна дестинација на голем број туристи, како во текот на целата година така и во лето. Магнет е за туристи од разни краеви, најмногу од Англија, Холандија, Словенија, Германија, но и од Охрид, Скопје и други наши градови. Преку туристичкиот водич, тие се запознаваат со особеностите на Кратово. За споменатиот туристички водич добив награда, како најдобро напишана и уметничко дизајнирана. Беше прогласен за еден од најдобрите туристички водичи во Македонија.
Дали научно истражувачката дејност е напорна?
– За пишувањето еден труд се потребни време и труд, тоа е макотрпен процес што се состои од истражување и анализа. Конкретно за моите дела истражував во нашите архиви, но и во Бугарија каде што престојував подолг период. Покрај „Историјата и културата на Кратово и Кратовско од најстарите времиња до денес“ објавив и труд што е насочен кон истражување на Ќустендил, особено активноста на Кратовци во овој град. Исто така го истражувам и периодот помеѓу 1946-1963 година, затоа што е многу интересен, тука се Информбирото, просветата, одземањето имоти, образованието итн., а овој период на Кратово не е обработуван во нашата историска наука. Истражувањето е макотрпен процес и за да се создаде еден научен и истражувачки труд е потребна консултација на многубројна литература, како и поткрепа со соодветна историска документација, извори, спомени и слично. Меѓутоа моите авторски права се нарушуваат од одредени поединци, кои објавуваат дело што речиси целосно е базирано на моите истражувања и пишувања. Притоа тие не ме посочуваат како извор, а директно се наведуваат како автори. Оваа состојба е алармантна. За споредба, имав гости од Германија, кои ми посочија дека многу строго се почитува и заштитува авторското право во оваа држава. Сметам дека е редно време државата да преземе активности во оваа насока, а морам да посочам дека кај нас постои и Закон за авторски права.