Чест ми е што за првпат токму спроти Денот на народното востание на македонскиот народ ќе претставам дел од моето творештво во градот на непобедените, изјави Сергеј Андреевски
Во пресрет на 11 Октомври во Прилеп
Во пресрет на 11 Октомври, еден од најголемите национални празници, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде отворена поставка на дела од академскиот сликар Сергеј Андреевски. Во рамките на настанот што ќе се одржи со почеток во 18.30 часот, со наслов „Октомвриска вечер: Прослава на уметноста, поезијата и виното“, реномирани актери ќе читаат поезија од Петре М. Андреевски и Светлана Христова-Јоциќ.
– Чест ми е што за првпат токму спроти Денот на народното востание на македонскиот народ ќе претставам дел од моето творештво во градот на непобедените – изјави Сергеј Андреевски.
Според директорката на библиотеката Моника Талеска, токму овој е моделот како треба денес, 82 години по почетокот на антифашистичката борба и 32 години од независноста на Македонија, да се чествуваат големите и значајни датуми од нашето богато и бурно историско минато.
– Чест ни е што академскиот сликар Сергеј Андреевски ја прифати нашата покана за изложба со избор на негови дела, кои ќе го означат неговиот креативен и професионален развој, како реномиран уметник и македонски амбасадор на уметноста, културата, историјата, сė што е одлика на македонските вредности и убавини – вели директорката Талеска.
Како што додава Талеска, во рамките на овој настан тројца актери од прилепскиот театар, Даниела Иваноска, Наташа Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски, ќе рецитираат избор поезија од Петре М. Андреевски и од Светлана Христова-Јоциќ.
– Современите битки се водат со промоција на модерно културно „оружје“ – уметност, песна, оро, храна, вино… Оттука, за време на настанот ќе бидат дегустирани и вина од наша македонска винарница, за промоција на нашата винска култура и поддршка на бизнис-секторот – вели Талеска и испраќа честитка по повод празникот до сите граѓани на Македонија.
Поезијата на македонски автор Петре М. Андреевски (татко на сликарот Сергеј Андреевски) дава едни од најдобрите примери на македонската родољубива поезија. Тој е еден од најдаровитите и меѓу читачката публика најпопуларните македонски автори. Неговите цитати, и години по неговата смрт, сѐ уште се живи.
„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ами ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева“, запиша авторот во „Пиреј“, романот издаден во 1980 година, а до денес најистражуван од книжевната и научната критика.
Адреевски е автор на голем број дела, на седум стихозбирки: „Јазли“ (1960), „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1975), „Вечна куќа“ (1987), „Лакримариј“ (1999). Тој е автор на четири книги со раскази: „Седмиот ден“ (1964), „Неверни години“ (1974), „Сите лица на смртта“ (1994), „Боеми“ објавена постхумно. Автор е на шест романи: „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997), „Тунел“ (2003), а „Бежанци“ е објавен постхумно. Автор е на книги драми: „Време на пеење“ и „Богунемили“, на есеите „Сегашно минато време“ (2006), на стихозбирките за деца „Шарам барам“ и „Касни порасни“. Тој е добитник на голем број награди: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациновото признание“ (двапати), а двапати е добитник и на наградата „Стале Попов“. Романот „Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза. Петре М. Андреевски е меѓу најчитаните македонски автори и во нашата установа ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп. Сите негови дела ги красат полиците во одделот за деца и возрасни.
На настанот ќе се чита и поезија од Светлана Христова-Јоциќ (мајка на сликарот Андреевски), чија лирика се надградува на традиционалните вредности на македонската песна; на песната што нè одржала низ вековите. Таа спаѓа во редот на творците што во нашата тивка и еднолична средина зрачат со силна духовна енергија. На своите настапи на многу книжевни манифестации, со својот артистички пристап, ја афирмираше поезијата и ѝ даваше специфичен и необичен белег. Поезијата на Светлана Христова-Јоциќ е високовреднувана и е презентирана во повеќе средини, преку панорамски и антологиски избори, преку одделни книги со критичко-есеистички прилози и толкувања на истакнати автори. Многу нејзини проследувачи констатираа дека таа е авторка со истенчено чувство за обликување поетски свет, со оригинални и прифатливи пораки.
В.Д.