Во овој фељтон разгледувам еден сегмент од пропагандните војни во Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во споменатиот период, Македонија е арена на пропагандни активности и конфронтации меѓу грчката, српската, бугарската и романската пропаганда. Во натпреварот за македонското православно население, пропагандите не избирале средства и методи. Притоа највулгарно биле злоупотребувани елементарните верски, просветни и хумани потреби на македонскиот народ за наметнување национална свест за политичките претензии на спонзорите. Во пропагандниот натпревар за „душите на живите“ не биле поштедени ниту мртвите. Притоа започнала една бизарна битка за гробишта и мртовци, која е непоимлива за христијанскиот морал и етика, како и воопшто за човечкиот разум. Во прилогов загатнувам еден сегмент од пропагандната војна во османлиска Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кој досега не бил обработуван. Станува збор за една бизарна „битка за гробишта“ меѓу православните христијански заедници во Македонија. Во историската литература може да ce сретнат само некои морничави фрагменти од оваа „битка за гробишта“, кои ce спомнати колку за илустрација на суровоста на пропагандите и човечката безобѕирност.
Друга трагикомедија во врска со погребувањето на егзархистите ce одиграла во село Фурка, Дојранско. Ова село имало 68 семејства, од кои 61 биле егзархиски, a седум патријаршиски. Всушност како патријаршисти останале само свештеникот и неговите најблиски роднини. Со одлука на власта во нивни раце ce наоѓале црквата и гробиштата, a од нивната средина бил избран и селскиот мухтар (старешина). Во селово била сместена воена и жандармериска караула.
Во ова село на 14 август 1905 година починала една девојка од егзархиската заедница. Бидејќи егзархистите во селото немале свој свештеник побарале дозвола од власта погребот да го изврши егзархискиот свештеник од Дојран. Но оттаму не добиле одговор. На 15 август семејството на покојната испратило телеграма со платен одговор до генералниот инспектор Хусеин Хилми-паша. Конечно на 16 август во селото пристигнал егзархиски свештеник во придружба со еден суварија. Свештеникот носел белешка за командирот на жандармериската караула во која било наведено дека опелото треба да го изврши во домот на починатата, но дека му е забрането да оди во црквата и на гробиштата зашто тие им припаѓаат на патријаршистите. Бидејќи во тоа време жандармерискиот началник бил отсутен од селото, свештеникот му ja предал белешката на воениот офицер. Последниот го одобрил наведеното, па дури потоа дозволил да почне копањето на гробот. Во меѓувреме, од полето ce појавил патријаршискиот свештеник. Тој, откако поразговарал со офицерот што живеел во неговата куќа, почнал да ги брка работниците од гробиштата, a од офицерот побарал да ce прекине погребот. Тогаш еден селанец го потсетил офицерот за писмото до жандармерискиот командир и замолил да го одобри погребот, бидејќи покојната почнала да ce распаѓа од горештините. Меѓутоа воениот офицер одговорил дека не ги признава одлуките на цивилната власт и го нападнал селанецот. Тогаш на гробиштата избиле општа расправија и тепачка меѓу војската и селаните.
Поради метежот народот ce разбегал, a погребот не бил извршен. Погребот конечно бил извршен дури на четвртиот ден (17 август) откако во селото ce вратил жандармерискиот командир. Во врска со овој случај, мајорот Вороњин од руската офицерска мисија во својот извештај забележал дека положбата на егзархиското население во ова село е крајна тешка „а со последниот случај е крајно возбудена… (поради што б.н.) тука е невозможно ни да ce мисли за некакво востановување на мир меѓу христијанското население на казата, доколку цивилните власти бидат толку многу несправедливи кон егзархиското население, a антагонизмот ce разгорува секој ден“.
Ново Село (Солунско) имало 120 семејства, од кои 60 биле егзархисти и 60 патријаршисти. Егзархиската заедница во селото била формирана околу 1890 година. Поради недоразбирањата околу користењето на селската црква, истата таа од власта била затворена седум години. Во 1903 година, патријаршистите без дозвола ja отвориле црквата и почнале да ja користат. Поттикнати од тоа егзархистите неколкупати ce обратиле со молби до власта барајќи во црквата да ce воведе принципот „мунавабе“ т.е. менување. Во пракса тоа значело наизменично користење на црквата од двете заедници по една недела. Сепак, власта не го одобрила барањето. Така, единствената селска црква останала во рацете на патријаршистите. Независно од недоразбирањата за црквата, двете заедници ги закопувале своите мртовци во единствени селски гробишта.
Меѓутоа принципот бил нарушен по петнаесетина години. Инцидентот го предизвикале патријаршистите при погребот на едногодишниот Славчо од егзархиската заедница. На 17 август 1906 година, егзархистите во поворка ce упатиле кон гробиштата да го погребат споменатото дете. Таткото на починатото дете претходно насетил дека патријаршистите може да предизвикаат непријатности при погребот, бидејќи епитропот не му го дал клучот од портата на гробиштата. Затоа го известил жандармерискиот чауш Хусеин и го замолил како претставник на власта да не допушти несакани работи. Последниот одговорил дека егзархискиот свештеник може да ja придружува поворката само до пред влезот на гробиштата. Koгa поворката пристигнала пред гробиштата, таму била пресретната од грчките учители: Христо Темелеиди и Георги Димитров, како и од гркоманот Никола Христов. Тие ce заканиле cо револвери и биле готoви да пукаaт во поворката доколку егзархискиот свештеник влезе во гробиштата за да го изврши погребот. При таква закана, за да ce избегне крвопролевањето, семејството на покојното дете прифатило погребот да ce изврши без последно опело од свештеникот. При овој случај, интересно е да ce обележи дека жандармерискиот чауш го минал времето во разговор со патријаршиските претставници во куќата на мухтарот Таше Дончев, без да преземе конкретни мерки.
Во почетокот на март 1910 година, грчката пропаганда со поткуп „успеала да му го земе умот на егзархискиот свештеник“ Стојан Рушков од селото Елшан (Серско) и да го „конвертира“ во гркоман. Со оглед на фактот што споменатиот свештеник бил ракоположен од егзархиски (бугарски) владика, чија црква од Патријаршијата била прогласена за шизматичка, грчкиот владика од Сер одлучил овој свештеник претходно да го подложи на „гревопрочистување“. Taкa, на 8 март 1910 година „несреќниот свештеник“ од страна на грчкиот владика бил произведен во „ѓакон“, a за 14 март (стар стил) било закажано негово повторно ракополагање за „свештеник“, овој пат од „правоверен“ владика. Во меѓувреме грчката пропаганда мобилизирала уште неколку приврзаници во околните села. Тие со заплашување, поткуп и други методи настојувале да го натераат егзархиското население да ce врати кон Патријаршијата. И овој пат во борбата по „душите на живите“ во игра биле внесени мртвите.
Така, на 20 март (стар стил) 1910 година, во с. Просеник (Серско) починал Дина Влахов, истакнат поборник за преминување на селаните од Патријаршијата кон Егзархијата. Патријаршистите забраниле покојниот да биде погребан во гробиштата што дотогаш биле единствени за двете „партии“. Поради тоа егзархистите ce пожалиле кај серскиот мутесариф. Последниот во селото го испратил жандармерискиот јузбашија со инструкции да го организира погребот на постојните гробишта. Меѓутоа, патријаршистите одбиле да го дадат клучот од портата на гробиштата, кои биле оградени со камена ограда, под изговор дека патот кон гробиштата минува низ црковниот двор, a црквата им припаѓала ним. Во такви околности, јузбашијата нашол соломонско решение. За да не ja крши портата, тој наредил телото на покојниот да ce внесе во гробиштата со помош на скали преку ѕиданата ограда. Дури потоа бил извршен погребот. Управникот на бугарскиот конзулат во Сер овој мизерен и трагикомичен чин го оценил како „успех“. Ама успех?!
(Продолжува)
Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев