По 51. „Студентско лето“ во Маглај, БиХ
Филип Димкоски, наш специјален известувач од Маглај
Викендов, во малото градче Маглај во Босна и Херцеговина се одржа педесет и првото издание на Интернационалниот фестивал за млади пејачи „Студентско лето“.
Во двете фестиваслки вечери, настапија триесет и четири изведувачи од седум држави и тоа Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина. Младите пејачи од регионов се натрпеваруваа во две категории и тоа поп и народна музика.
За изборот на најдобрите одлучуваа тричленото стручно жири, меѓународното новинарско жири и гласовите на публиката.
Пред повеќе од две илјади и петстотини луѓе публика, се претставија и четири македонски пејачи и тоа Огнен Здравковски, Мите Стоилков, Дамјан Стоименовски и Никола Зацески. Сите четворица настапија на поп вечерта, а со трета награда од новинарското жири си замина Мите Стоилков од Скопје.
– Првпат учествувам на овој фестивал и чест и задоволство ми е што настапував со ваков оркестар и пред ваква прексрасна публика. На фестивалот на и зад сцената владее убава атмосфера и сите меѓусебно се дружиме што е многу поважно од наградите, иако секако чест ми е што сум добитник на награда од новинарското жири – рече Стоилков непосредно по соопштувањето на наградите.
Во првата фестивалска вечер, главната нагада од стручното жири ја понесе Дуња Михајловиќ од Белград, со извонредната интепретација на песната „Само песната знае“ од Уснија Реџепова.
-Пред се сакам да им се заблагодарам на сите, на одличниот оркестар, на учесниците и на организаторите. Овде денес ми е прекрасно. Убаво се дружиме и на пробите и на фестивалската сцена. Стекнавме нови пријателства и нови искуства. Драго ми е што сум дел од сето ова. Овие мигови ќе го памтам цел живот. Секому посакувам да доживее вакво нешто – изјави Дуња Михаловиќ по доделувањето на наградата.
Победник на поп вечерта пак е Стефан Лопандиќ од Добој. Тој беше единствен учесник кој настапи со изведба на песна на италијански јазик и освен срцата на публиката, ги исполни и виоските олекувања од еномираното тричлено стручно жири.
-Задоволен сум од настапот. Не се надевав на награда иако сите некако очекуваме да бидеме наградени, што е нормално. Испеав една балада на италијански јазик која публиката убаво ја прифати. Многу сум среќен – ни рече младиот Лопандиќ.
Заради успешното минатогодишно јубилејно издание, овој фестивал годинава пристапи кон Светската фестивалска асоцијација.
-Уште минатата година, фестивалот пројави желба да се вклучи во асоцијацијата. Ги исполнува сите критериуми, голем број сега познати имиња од естрадата, музичките почетоци ги направиле токму на овој фестивал, Фактот што изведбите се во живо со фестивалски оркестар, доволно зборува за квалитетот и нивото на фестивалот – рече Марјан Катароски, претседател на Светската ацоцијација на фестивали.
Градоначалникот на Општина Маглај, кој е поддржувач и покровител на Студентско лето, задоволен од успехот на фестивалот, рече:
– Многу труд е вложено во овој фестивал низ годините. Многу генерации граѓани на Маглај, го дале својот придонес кон развојот на фестивалот. Благодарение на сите нив, ние денес го имаме овој успех. За нас ова е голем чекор, голем успех и големо задоволство и сатисвакција – изјави Мирсад Махмутагиќ, градоначалник на Маглај.
Студентско лето во Маглај, беше уште еден во низата настапи што летово ги има младиот македонски пејач Огнен Здравковски кој периодов е дел од проектот Македонија во срце те носиме, а на поп вечерта во Маглај се претстави со песна на Тони Цетински.
– Публиката прекрасно реагираше на мојот настап. Почувствував убава енергија и поддршка, Многу ми значи што имав успешен настап. Презадоволен сум. Инаку, перидов ми предстојат настапи низ градовите во рамки на проектот „Македонијо во срце те носиме“, како и нови соло проекти – најави Здравковски.
Младиот Дамјан Стоименовски од Македонска Каменица, првпат настапува на ваков фестивал.
– Се претставив со песната Громови на душа од Тоше Проески. Искрено, секогаш може и подобро да се изведе, но сепак сум задоволен. Со оглед на тоа што првпат учествувам на фестивал од ваков карактер, се чувствувам прекрасно. Многу нови познанаства и контакти, убава дружба, а и градот Маглај е прекрасен-ни рече Стоименовски.
Никола Зацески на македонската публика ѝ е познат и како пејач на народна музика, но паралелно не ги напушта ниту поп музиката, ниту оперското пеење како дипломиран соло пејач на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
-Кога се настапува во живо, атмосферата е многу подобра. На ваков начин се остварува пореален контакт со публиката. Бидејќи паралелно настапувам во три жанровски различни начини на пеење, со текот на времето сфатив дека не можам да се одделам од ниеден од нив, па во иднина размислувам за некаков спој на трите. Наскоро ќе излезе мојот албум во кој публиката ќе може да ужива и во поп, и во народна но и во класична музика – ни кажа Зацески, кој на фестивалот во Маглај ја изведе „Моја драга“ од Здравко Чолиќ.
По завршувањето на фестиваслките вечери, разговаравме со организаторите за нивните впечатоци околу годинешното издание. Срце и моторна сила на фестивалот е младиот професор по музика и пејач Бенјамин Хасаниќ, кој со невиден ентузијазам работи на развојот на овој фестивал.
-Презадоволен сум од изборот на пејачи што го направивме. Максимално се дадов во креирањето на фестивалот и резултатите се видливи. Всушност, сето тоа е препознато од публиката. Посакувам да успееме да направиме технолошки напредок во однос на начинот на гласање и во однос на озвучувањето. Сите изведувачи беа одлични и верувам дека и натаму ќе градат успешна кариера-истакна Бенјамин Хасаниќ кој годинава го работеше изборот на изведувачите, бече член на стручното жири и го напиша сценариото за фестивалските вечери.
На овој фестивал со долгогодишна традиција низ годините своите почетоци ги направиле дел од денес најисктанатите пејачи како Слаѓана Милошевиќ, Жељко Самарџиќ, Лепа Брена, Верица Ристевска, Цветанка Ласкова, Северина, Никола Давидовски, како и познатата битолска спикерка и новинарка Емилија Сарафска, која понела апсолутна победа во 1990 година.
-Од Маглај ги носам најубавите спомени во мојот живот. Настапив во живо со „Да знае морето“ од Калиопи во придржужба на забавниот оркестар на Радио телевизија Загреб. Ни еден македонски напреварувач пред мене на овој фестивал немаше освоено 9 награди. Бев апсолутна победничка. Не можев да стигнам до Битола, натоварена со куп дипломи и награди, огромна слика, комплети книги, ваучер за зимување и договор со продуксицката куќа Дискос, кој не се реализира заради војната која дојде брзо потоа – со радост и помалку ностагија ни раскажа Емилија Сарафска, која сега е вон естрадата и медиумите.
Да потсетиме, Македонија и минатата година имаше четири свои претставници, а тоа значи дека овој фестивал е добра кариерна етапа на младите македонски изведувачи.