Бројот на загинатите во разорниот земјотрес што го погоди Мароко достигна бројка од 1.037, и повеќе стотици повредени, објави државната телевизија, а пренесе „Танјуг“.
Мароканскиот геофизички центар соопшти дека земјотресот се случил во областа Игил на планините Висок Атлас со јачина од 7,2 степени. Американскиот геолошки институт ја процени јачината на земјотресот на 6,8 степени и соопшти дека е на релативно мала длабочина од 18,5 километри.
Игил, планинска област со мали земјоделски села, се наоѓа на околу 70 километри југозападно од Маракеш. Земјотресот се случил нешто по 23 часот по локално време.
Локален функционер потврди дека најголем дел од смртните случаи се случиле во планинските области кои се тешко достапни.
Жителите на Маракеш рекоа дека некои згради во стариот град, место за светско наследство на УНЕСКО, се срушиле, а локалната телевизија прикажа слики од срушеното минаре на џамијата.
Монтасир Итри, жител на планинското село Асни во близина на епицентарот, рече дека повеќето од куќите таму се оштетени.
– Нашите соседи се под урнатините и луѓето напорно работат да ги спасат, користејќи ги расположливите ресурси во селото – сведочеше тој, а пренесе „Ројтерс“.
Европската унија е подготвена да го поддржи Мароко по смртоносниот земјотрес во кој загинаа најмалку 296 луѓе, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
– Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија и со спасувачите вклучени во операцијата за пребарување – напиша Мишел на платформата Х (Твитер).
Веста за земјотресот е „застрашувачка“, напиша тој.
– ЕУ е подготвена да го поддржи Мароко во овие тешки времиња.
Коментарите на Мишел дојдоа од индискиот главен град Њу Делхи, каде што тој учествува на самитот на Г20.
Сочувство стигнува од целиот свет за трагедијата што рано утринава го погоди Мароко, каде што повеќе од 800 луѓе загинаа како последица на разорниот земјотрес.
Францускиот претседател Емануел Макрон објави дека е „скршен“ од трагедијата во Мароко и додаде дека неговата земја е „подготвена да испрати итна помош“.
Набргу по земјотресот, француската амбасада отвори кризен центар во Мароко, каде живеат 30.000 Французи.
Во соопштението од Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин изрази сочувство и рече дека Русија ја споделува „болката и тагата на пријателскиот марокански народ“.
Шпанскиот премиер Педро Санчез на платформата Х (Твитер) испрати порака „солидарност и поддршка до народот на Мароко по овој страшен земјотрес“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, исто така, изрази сочувство до мароканскиот народ, додавајќи дека неговата земја, која и самата беше погодена од силен земјотрес претходно оваа година, е подготвена да даде поддршка.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази солидарност со Мароко, упатувајќи „најдлабоко сочувство“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „даде инструкции да му се обезбеди сета потребна помош на мароканскиот народ“, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
Африканската унија изрази „голема тага“ поради „трагичните последици“ од земјотресот.