Хакерите преку специјални алатки откриваат податоци за жртвите, како што се нивните броеви и е-адреси, за преку нив да пристапат до платежните картички и профилите на социјалните мрежи
Животот денес не може да се замисли без паметните телефони. Нив ги користиме за комуникација и забава, но и за работа и како платежни средства и апарати со кои ги проверуваме и менаџираме средствата. И иако сето ова звучи навистина практично, не може да се одрече дека истовремено постојат и опасностите во сајбер-просторот и ризиците што укажуваат дека личните податоци може да бидат украдени и злоупотребени. Постојат хакерски групи што за краток период можат да воспостават контрола врз сите апликации што ги користи жртвата, а придружно да ги променат и да ракуваат со сите лозинки што се запомнети во паметниот телефон.
Европската полиција (Европол) и многу други институции сè повеќе се свесни за ризиците што постојат во областа на сајбер-криминалот и сè повеќе го истакнуваат значењето на сајбер-безбедноста, со нагласка на безбедноста на паметните телефони. Во изминатите години, со брзиот и константен развој на телефоните, институциите што се занимаваат со сузбивање на сајбер-криминалите констатираат дека, покрај компјутерите, овие напади сѐ почесто се насочени кон телефоните и апликациите што се користат на нив, па затоа е неопходно да се посвети внимание за нивна заштита. Најголема закана за безбедноста на граѓаните се оние измамници и хакери што можат од нула да дојдат до целосна контрола на нечиј уред, користејќи специфични методи. Повеќе случаи се забележани во поголемите европски метрополи кога вакви измамници напаѓаат телефони на случајни минувачи и во метроа и во автобуси.
Доволно е измамниците да се приближат до човекот што го користи телефонот и е вклучен на некоја социјална мрежа, за да ги забележи името и презимето. Таквиот податок е доволен за овие луѓе преку хакерски алатки да откриваат податоци за жртвите, како што се нивните броеви и е-адреси, а преку нив може да пристапува до сите профили на социјалните мрежи на жртвата и целосно да управува со нив. На тој начин хакерите имаат контрола врз целиот социјален и културен живот на жртвите, односно информации за тоа кога измамените одат на работа, кога се враќаат, навиките, местата што ги посетуваат и слично. Безбедносните експерти сметаат дека ваквите напади се почести, бидејќи луѓето сè почесто своите секојдневни активности или ги објавуваат или ги прават на Интернет, договараат состаноци, ги проверуваат платежните картички, плаќаат сметки, подигнуваат и изработуваат документи и многу други работи што може криминално да се злоупотребат.
Постојат повеќе прирачници за совети како луѓето да ја заштитат својата безбедност кога ги користат паметните телефони. Можен знак дека некој паметен телефон или компјутер е цел на хакерски напади е нивно забавување, односно побавна работа од вообичаено, потоа се појавуваат пораки со мали прозорчиња за „случајни грешки“ и слично. Оваа листа се дополнува со тоа дека еден од најконкретните знаци дека уредот е хакиран може да бидат и неовластените активности на платежните картички и онлајн-сметките на жртвите. Хакерските напади кон телефоните и профилите на социјалните мрежи се директно поврзани со безбедноста на банкарските системи, односно навлегување и крадење сметки преку откривање пинови за кредитни картички за банкомати. Безбедносните експерти сметаат дека на онлајн-криминалците им треба многу помалку време за брзо да ги откријат лозинките на жртвите. Постојат многу совети за тоа како корисниците да ги заштитат своите компјутери и паметни телефони од сајбер-напади.
Еден од најчестите совети што може да се сретнат е дека заштитниот софтвер и оперативниот систем треба постојано да се апдејтираат, односно надградуваат. При пребарување на Интернет, се советува да не се отвораат сомнителни линкови или реклами, да се преземаат апликации и софтвери од лиценцирани и извори на кои може да им се верува, да се активира опција за известување при симнување сомнителни содржини или апликации. Кога станува збор конкретно за профилите на социјалните мрежи, еден од најважните совети е податоците, фотографиите и видеата што се објавуваат на социјалните мрежи да не бидат јавни, туку приватни (да ги гледаат само пријателите или избрана група луѓе).
Според сајбер-полицијата во Европа, но и службите за онлајн-криминал во целиот свет, заканите насочени кон картичките се едни од најчестите напади во сајбер-светот во изминатите години. Причината е едноставна, на овие хакери главниот мотив секогаш им се парите. На надлежните им се познати два начина на злоупотреба на платежни картички. Првиот е преку физичко користење на картичката на банкомати или терминали. Картичките што се користат можат да бидат вистински, изгубени, украдени или фалсификувани, односно направени копии на вистинските со користење туѓи податоци. Вториот начин на измама што е наведен во безбедносните анализи е без физичко поседување платежна картичка или, со други зборови, користење само на податоците од картичката. На овој начин криминалните активности се одвиваат на Интернет преку онлајн-трансакции или купување некакви производи. За разлика од првиот начин за злоупотреба, каде што картичката директно се употребува на банкомати или терминали, на вториов вид измама тоа е непотребно. Потребни се податоците за некоја картичка, односно името и презимето на сопственикот, адресата, бројот на картичката, датумот на истекување и безбедносниот код. Забележани се случаи во кои на ваков начин често преку туѓи сметки онлајн се купуваат авиобилети, се плаќаат рентани автомобили или некаков друг вид имот.
Често се случува да се нарачуваат и разни производи и стоки на Интернет, кои подоцна измамниците ги продаваат. До овие информации најчесто се доаѓа преку пуштање вируси што ги собираат податоците, а честопати податоците од туѓи картички можат да се најдат и да се купат на нелегални т.н. црни сајтови на Интернет. Безбедносните агенции констатираат дека една од најоштетените индустрии на глобално ниво од измамите со платежни картички е авиоиндустријата. Тоа е така поради тоа што преку користење украдени или хакирани податоци од туѓи картички најчесто се купуваат авионски билети. Овде, пред сè, станува збор за злоупотреби од страна на поголеми организирани криминални групи и штетата што ја предизвикуваат на авиокомпаниите се проценува на повеќе од една милијарда евра годишно.
Причините зошто токму преку измами се купуваат авиобилети, според досегашните регистрирани случаи, се согледуваат во тоа што криминалните групи купуваат карти со кои потоа патуваат односно се шверцуваат мигранти, а патуваат и луѓе што се занимаваат со трговија со дрога, оружје или, пак, се поврзани со тероризам. Измамите преку користење на податоците од картичките се многу почести во однос на минатото. Ваквите измами се позастапени на територијата на Европа во споредба со измамите со физичко употребување на податоците. Причината за овој тренд се согледува во тоа што на ваков начин криминалците немаат потреба да имаат физички контакт со картичката, но и со жртвите, па измамите можат да ги извршат на безбедна далечина и на сигурна локација за нив, притоа сокривајќи ја ИП-адресата од која пристапуваат.