Со филмот сакав да допрам нешто лично што отсекогаш ми било интригантно, а тоа е нивото на гризење на совеста што може да го чувствува човек поради различни работи, вели Сандра
Сандра Ѓоргиева, режисерка
Краткoметражниот игран филм „Еден тон сладолед“ во режија на Сандра Ѓоргиева ja имаше македонската фестивалска премиера на фестивалот за европски филм „Синедејс“. „Еден тон сладолед“ ги следи агонијата и борбата со гризењето на совеста на тинејџерот Ведран. Во обид да се ослободи од притисокот, тој ѝ го комплицира животот на Ева, млада самохрана мајка на малата Софија. Со низа апсурдни ситуации проблемот станува сè поголем, сè посериозен и тежок колку еден тон сладолед. Филмот сe снимаше во 2021 година во Скопје, а главните улоги ги толкуваат Бодан Киранџиски и Јелена Јованова, а за првпат на филм се појавува Јована Иванова. Како сценаристи на филмот се потпишуваат режисерката Ѓоргиева и Јаков Попоски, директор на фотографија е Ѓорѓи Клинчаров, а монтажата е на Михајло Чунихин. Сценограф на филмот е Влатко Чачоровски, костимографка е Емилија И. Атанасовска, музиката ја компонираше Јован Јовановски, а дизајнот на звукот го работеше Сашко Потер Мицевски. Како продуценти се потпишуваат Илија Тирицовски и Пеце Талески од „ОХО продукција“. Со Сандра Ѓоргиева разговараме за деталите на „Еден тон сладолед“.
Каков филм е „Еден тон сладолед“?
„Еден тон сладолед“ е краток филм, драма со трилер-елементи, кој се занимава со одговорноста и гризењето на совеста на млада личност што е на прагот на светот на возрасните, а веќе со себе носи огромен товар и притисок за тешка одлука. Имајќи ги предвид страшните и трагични настани предизвикани од млади луѓе во блиското минато, би рекла дека е филм со есенцијално важна тема за нашето општество баш сега и се надевам дека ќе допре до повеќе луѓе.
Каква метафора е сладоледот во филмот? И каква симболика носи со себе насловот?
Сладоледот е апсурден елемент и е метафора за маката и неискупувачкото извинување, а во исто време и привидна причина за акцијата на главниот лик Ведран. Чувствувајќи се виновно за паѓањето на сладоледот на малата Стефи, Ведран, со желба да ја подобри барем малку ситуацијата, чувствува потреба да носи сѐ поголемо количество сладолед. Тој оди по високите температури, минува голема дистанца, но сладоледот се топи. Како Сизиф, кој никако да се ослободи од каменот, така и Ведран никако не може да се доизвини докрај. А мерата еден тон во насловот, секако, алудира на еден тон вина и гризење на совеста.
Какви прашања поттикнува филмот? Какви вистини сакавте да обелодените?
За да обелоденам вистини треба да знам вистини. А самиот факт дека филмот ми е средство за искажување, тоа значи дека постојано сум во процес на истражување, барање, буричкање по субјективното длабоко. Со филмот сакав да допрам нешто лично што отсекогаш ми било интригантно, а тоа е нивото на гризење на совеста што може да го чувствува човек поради различни работи. Јас, а верувам дека и сите ние имаме смешни и апсурдни начини на кои сме се обиделе да поправиме некоја ситуација. Но што се случува кога станува збор за трагичен настан? Што кога во тоа е одговорна добра личност? Претпоставувам дека животот и нејзе ѝ застанува, дека затвор е излишна казна… дека вистинскиот затвор е во главата и во душата, а тоа е исто со смртна казна.
Која е улогата на Ведран? На какви пропусти ни укажува?
Би рекла дека Ведран укажува повеќе на позитивни особини отколку на пропусти. Тој се чувствува лошо до тој степен, што насекаде ја гледа бељата што ја направиле. Тој е единствениот од друштвото што, всушност, прави нешто за да се искупи, да помогне, притоа имајќи притисок знаејќи дека ќе ги повлече сите со себе. Тежок период за петнаесетгодишник, чиј лик ми е многу мило дека му припадна на младиот, но повеќе професионален од некои професионалци Бодан Киранџиски. Ведран, кој во филмот нигде не е ведар, ги претставува сите оние „некул“ деца, со чисто срце и простодушна наивност. Реткост е денес во ваков брз и нарцисоиден свет да наидеш на нив. За нив е филмот.
Дел од приказната нераскинливо се и Ева и Стефи…
Ева и Стефи се првите на кои Ведран наидува и во агонијата поврзува дека тие се вмешани во настанот. По нашки кажано „кој си ја има мувата на капата“. Ева, одиграна од Јелена Јованова, со која имав чест вторпат да работам, исто така претставува еден ендемски вид луѓе пред изумирање, а тоа се луѓето што сослушуваат со отворено срце, не осудуваат, помагаат без да се наметнат.
Каков фестивалски живот му следува на „Еден тон сладолед?
Додека беше во процес на постпродукција, филмот беше претставен на „Сараевскиот филмски фестивал“ во програмата „Пак енд пич“. По премиерата на „Синедејс“, филмот учествуваше на фестивал во Мароко во официјална селекција, исто така сега следува фестивал во Словенија, а нашата публика ќе може да го гледа и на „Дрим шорт“ во Струга. На „Бич филм фестивал“ во Охрид доби „Спешал меншн“. Не знам каде би било наредно, само се надевам дека ќе стигне до поголема публика.
Во што ја вложувате вашата енергија периодов, кои се вашите актуелни ангажмани?
Во моментов сум во препродукциска фаза на „Потврда за живот“, следен проект на кој работам повторно со Јаков Попоски, косценаристот на „Еден тон сладолед“. Сценариото се развиваше на Мидпоинт во Прага и во Трст, а е по вистинска приказна во мојот роден град Штип.