Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широкораспространета болест што се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae. Вирусот на конго-кримска хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска, објаснуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Смртноста од ККХТ достигнува и до 40 проценти

Доколку пронајдете крлеж припиен на кожата, не вадете го сами, појдете на лекар!

Веста дека дваесет и седумгодишна жена од плачковичкото село Кучица во општината Карбинци почина од конго-кримска хеморагична треска (ККХТ), по каснување од крлеж, одекна исклучително силно во јавноста. Според Институтот за јавно здравје, на 27 јули во лабораторијата за вирусологија на ИЈЗ бил докажан причинител на конго-кримска хеморагична треска кај пациентка што била хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Како се пренесува

– Вирусот се пренесува на човек пред сè од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачувања, органи или други телесни течности на заболените лица. ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и за животните, а лекувањето е симптоматско – објаснуваат од ИЈЗ.
Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време на колење на животните и непосредно потоа. Поголемиот дел случаи на заболување се однесуваат на луѓе што се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работниците во кланици и ветеринарите.

Знаци и симптоми на болеста

Должината на периодот од заразувањето до појавата на симптомите зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично од еден до три дена, а максимум девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично од пет до шест дена, со документирани максимум 13 дена.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето се исто така присутни.
– Може да се јави жолтица, а во потешки случаи и промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модринки, како и крвавење од носот. Закрепнувањето е бавно – објаснуваат од ИЈЗ.
Лекарите апелираат граѓаните каснати од крлеж да побараат лекарска помош и да не се обидуваат сами да го отстранат од телото.
Прва опишана епидемија на ова заболување во Македонија е во 1971 година, при што заболеле 13 лица, а две починале, во едно семејство во селото Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед на тоа дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата република, ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемична во Косово, а регистрирани се повремени случаи и во неколку други европски земји.

Исходот заврши фатално, и покрај преземените мерки

Во врска со најновиот случај, началничката на Инфективно одделение во Клиничката болница-Штип, Дијана Шишкова-Гајдарџиска, изјави дека 27-годишната жена што почина била примена на одделението минатата недела, но поради дополнителни анализи во лабораторија и влошување на состојбата била хоспитализирана во Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Од Институтот за јавно здравје дополнуваат дека тим од Одделот за епидемиологија, во соработка со епидемиолог од Центарот за јавно здравје-Штип, веднаш направил увид во селото Кучица, во Клиничката болница во Штип и во ИМП-Штип.
– Се направи епидемиолошка анкета за пациентката, од која дознавме дека била касната од крлеж, кој бил изваден во домашни услови. По појавата на симптоми неколку дена по каснувањето, најпрво била хоспитализирана во Штип, а потоа во Скопје – велат од ИЈЗ.
Со оглед на тоа што болеста се пренесува и преку крв од заразено лице, направени се испитувања на сите контакти во семејството, како и во Клиничката болница-Штип и во Брзата помош, при што се класифицирани според ризикот.


Крлежот пренесува уште еден вирус, со симптоми слични на грип

Вирусот алонгшан (ALSV), кој за среќа овој пат не резултира со сериозни здравствени проблеми кај човечката популација, е пронајден кај крлежи во Европа, и тоа во Финска, Франција, Русија, Швајцарија и сега во Германија. Регистрирано е дека вирусот алонгшан преку крлежите се шири низ поголемиот дел од Европа. Оваа констатација во јавноста ја проследија германски експерти, односно ја потврди Центарот за медицина во Дизелдорф (ЦРМ).
Истражувачите од Универзитетот за ветеринарна медицина (ТИХО) во северниот германски град Хановер пронајдоа докази за пренос на ALSV преку крлежи на диви животни, односно елени во северозападната германска покраина Долна Саксонија.
Научниот директор на ЦРМ, Томас Јелинек, изјави дека неодамнешните топли зими и потоплите лета им одат во корист токму на тие инсекти.
Сепак, ALSV во моментов не е поврзан со ништо полошо од симптоми слични на грип.
Најчеста болест што се пренесува преку крлежи во Европа е лајмската болест, која може да се лекува со антибиотици во раните фази.
Раниот летен менингоенцефалитис (ФСМЕ) е исто така особено распространет во многу области, но против него е можна вакцинација.


Заштита од крлежи

Мерките за превенција и контрола на заболувањето се насочени кон намалување на ризикот за пренос од крлеж на човек:
– Доколку престојувате во место каде што има крлежи, носете облека што нема да остава откриени делови од телото – покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – вратот, главата.
– Носете светло обоена облека за да се овозможи лесно откривање крлежи на облеката.
– Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин, или употребете купена облека, специјално третирана со перметрин, за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката. Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото.
– Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои можат да се нанесуваат на гола кожа. За постигнување максимален ефект, нанесувајте репелент на еден-два часа, ако престојот во ризични предели е подолготраен (поновите хемиски производи овозможуваат заштита од осум до дванаесет часа). Употребувајте ги според пропишаното упатство, бидејќи при честа и ексцесивна употреба кај деца, иако ретко, можни се несакани ефекти во смисла на сериозни невролошки компликации.
– По можна експозиција на убоди од крлежи, направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите деца. Особено внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде што крлежите најчесто се закачуваат, вклучувајќи ги и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите исто така често се закачуваат во превиткувањата на телото (во пазувите и во ципите, под градите кај жените, стомачните превиткувања и слично).
– Настојувајте да ги контролирате животните за присуство на крлежи, а доколку имаат, соодветно елиминирајте ги.
– Избегнувајте ги региони во кои се присутни крлежи и деловите од годината кога се тие најактивни.

Намалување на ризикот за пренос од животно на човек:
– Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење.
– Практикувајте карантин за животните пред да влезат во кланици или рутински да се третираат со пестициди, две недели пред колењето.

Намалување на ризикот за пренос од човек на човек:
– Избегнувајте близок физички контакт со лица заболени од ККХТ.
– Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болни луѓе.
– Редовно мијте ги рацете со вода и сапун по активностите за грижа/нега или посетата на болни луѓе. Н.Б.З.