Кога ќе се оспори националниот идентитет се оспорува и македонскиот народ како државотворен. Овие аспекти имаат фундаментално значење при дефиницијата за рушење на државата, поточно она малку што остана од државноста. Пред анексија најчесто претходи асимилација, тврдат нашите соговорници, професори, историчари, правни експерти… Димензијата на асимилацијата на конститутивниот народ на македонската држава (која на мала врата континуирано се протнува во Уставот, а тој процес и продолжува) само потврдува дека во согласност со меѓународното право асимилацијата – не е дозволена!

Кога ќе се оспори и промени името се оспорува и националниот идентитет, а се оспорува и македонскиот народ како државотворен

Исклучително агресивното бугарско инсистирање за внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав, по принципот сега и веднаш, говори дека плановите на официјална Софија се многу подлабоки отколку што некој тука сака да ги прикаже, како обична мала „техничка интервенција“.
Имено, многу недоумици се појавуваат во македонската јавност зошто е тоа енергично инсистирање за впишување на Бугарите во Уставот и доколку се случи тоа, како бугарската страна ќе го искористи во иднина. Веќе можеше да се забележи дека се користи секоја можност да се истакне „бугарскиот“ карактер на Македонците, како она што беше со графата за националност во изводите од матичните книги на родените, кога една бугарска фондација блиска до бугарскиот претседател Радев јасно ги повика сите да се пишуваат како Бугари.
Неизвесно е и на кој начин Бугарија ќе ги активира изјавите дадени на нотар за бугарското потекло на сите оние македонски државјани што извадија бугарски пасоши, така што и тука се поставуваат многу дилеми што ќе се случи кога бугарското малцинство ќе се впише во Уставот.

Сведоци сме на јасен показател на класична асимилаторска политика, која треба да добие и уставноправна верификација

За познавачите на состојбите сите овие елементи се јасен показател за класична асимилаторска политика, која треба да добие и уставноправна верификација од македонска страна. Нивното мислење е дека за да се спречи ваквата асимилаторска намера, Македонија мора да се повика на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, усвоена од Обединетите нации во 1965 година.
– Оваа конвенција претставува уште една правна основа за докажување на постоењето на „националната дискриминација над македонскиот народ“, не само во својата матична држава туку и надвор од неа. Оваа дискриминација се врши со т.н. национална анихилација (Преспанскиот договор), односно административно бришење на основниот национален детерминатор (односно на сите деривации на терминот „Македонија“, односно „македонски“). Попопуларно кажано „северизација“ (на сè што е македонско). Понатаму, оваа конвенција е правна основа за докажување и на нелегалната национална асимилација (т.е. обидот за бугаризација, како еден „вид нелегална операција во меѓународното право“!). Секако, и националната анихилација, како и националната асимилација (во облик на бугаризација), претставува вид дискриминација и повреда на основното право да се поседува националниот и културниот идентитет (колективното човеково право) – вели професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев.

Од промената на името на државата потекнуваат и промената на идентитетот и отворањето на вратите за асимилаторските политики од соседите

Според него, целосно е оспорен националниот идентитет на македонскиот народ како државотворен и воопшто како носител на македонскиот суверенитет, а зад тоа се кријат сосема поинакви асимилаторски намери.
– Кога ќе се оспори националниот идентитет се оспорува и македонскиот народ како државотворен. Овие аспекти имаат фундаментално значење при дефиницијата за рушење на државата, поточно она малку што остана од државноста. Пред анексија најчесто претходи асимилација. Димензијата на асимилацијата, која сега на голема врата се става во македонскиот устав, само го потврдува она што често го говорам, дека во согласност со меѓународното право асимилацијата не е дозволена – појаснува професорот Јанев.
Тој смета дека со самиот факт што мораше да се промени Уставот како услов за исполнување на наводните ЕУ-стандарди произлегува дека нешто поврзано со идентитетот претходно не било коректно уредено.
– Поточно, со самиот тој факт се проблематизира и националниот идентитет, како и унитарниот карактер на државата, но и на државноста, која со претходната проблематизација е оспорена – додава Јанев.
Водејќи се од повеќегодишното искуство во меѓународното право, професорот го лоцира изворот на проблемите токму во промената на името на државата, од каде што потекнуваат и промената на идентитетот и отворањето на вратите за асимилаторските политики од соседите.
– Државното име само го одразува националното име – идентитетот и му дава на колективниот државен карактер. Но доколку држава го промени оригинерното име, особено ако немаме согласност ниту од оваа генерација на народот, тогаш имаме присилно создавање нов (вештачки) идентитет, со кој се врши анихилација на изворниот идентитет. Менувајќи го државниот, како и националниот идентитет, се врши бришење и создавање на октроираниот идентитет, додека на меѓународен план се прави делегитимизација на постојниот државноправен (национален) идентитет – заклучува професорот Јанев.


Најновиот пример за анихилација и асимилација на македонскиот народ со ревизија на историските факти

Синхронизирани декларации во бугарското собрание дека Илинденското востание е бугарско

Како потврда на шизофрената теза од Софија дека „не постојат македонски народ, македонски јазик и македонска историја“, во највисокиот законодавен дом во Бугарија беа изнесени синхронизирани изјави/декларации од одредени политички чинители со кои се ретушира и суштински се видоизменува историјата и Илинденското востание се прогласува за целосно – бугарско (!?). Тоа е уште еден доказ со кој вербално се изнесува и потврдува карактерот на досегашните официјални политики на Софија (во случајов од страна на ГЕРБ и ПП како доскорешни носители и на извршната власт) за анихилација и асимилација на македонскиот народ со ревизија на историските факти!
За потсетување и појаснување, во пресрет на 2 Август и Илинден, на говорницата на бугарскиот парламент се изнесени две експликации со кои во бугарскиот парламент историски се ревидира Илинденското востание, односно, според изјавите „илинденско-преображенско востание“, како што тие го декларираат, е бугарско (?!).
Во една од дискусиите стои и дека „Илинденско-преображенско востание е венецот на бугарското национално ослободително движење“.
За да биде иронијата поголема оваа дискусија ја изнесе и партијата Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков, кој уште на првата средба во Скопје со премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе ја остават историјата настрана и оти ќе се посветат на економијата.