Фестивалот „Преку езерото“ е идеја за споделување на сите вредности на Балканот и Медитеранот. „Преку езерото“ е идеја за тоа како луѓето од Балканот и Медитеранот да дојдат преку езерото. Убедени сме дека филмот, уметноста воопшто, може да биде оној прв кораб што ќе отплови на другата страна од езерото на животот, истакнува Бојаџи
Јани Бојаџи, режисер
По вторпат меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“ од 19 до 23 јули годинава ќе се одржи на брегот на Дојранско Езеро. Фестивалот ќе ги збогати содржините на Дојран и ќе понуди вистинско културолошко летно освежување. Станува збор за фестивал на медитеранскиот и европскиот филм и автори што живеат или потекнуваат од овие земји, прв филмски фестивал од ваков формат во Македонија. Годинава се предвидени проекции на пет долгометражни и девет краткометражни филмови. Целиот концепт е на филмскиот режисер и продуцент Јани Бојаџи, кој вели дека Дојран е суштината на Медитеранот во Македонија, последната граница на Медитеранот и природно е таму каде што постојат граници, уметниците да се обидуваат да ги преминат тие граници.
Втора година го организирате фестивалот „Преку езерото“. Што ви беше важно да влезе годинава во програмата?
– Втората година на еден фестивал е една од најкритичните. Тоа е како кај снимањето филм. Ако првиот е успешен, тогаш сите очи се вперени кон вториот и сите очекувања се да направите ист како првиот, ако не и подобар. Минатата година имавме многу успешно деби и годинава навистина влегуваме со големи амбиции и големи стравови во исто време. Знаевме што сакаме да правиме оваа година, а тоа е да не згрешиме во однос на селекцијата на филмовите за официјалната програма. Ако така може да се каже, изборот на главното јадење ни беше опсесијата. Нашиот селектор и уметнички директор Небојша Јовановиќ направи одлична селекција на пет долги и девет кратки филмови. Сосема спокојно сега чекам да започне фестивалот затоа што на публиката ќе ѝ понудиме вистинско кинематографско уживања со филмови од Балканот и Медитеранот. Се работи за уметнички филмови, за авторска кинематографија што со себе ги носи целата фантазија, сите ароми и мириси специфични за Балканот и Медитеранот. Почнуваме со иранската грандиозна црна комедија „Трета светска војна“, филм што зборува за тоа како луѓето и системот можат да произведат навистина, ама навистина трагични луѓе и настани, а завршуваме со турската драма „Зухал“, која е ода за современа Турција, во која луѓето се поделени во можноста да го слушаат или да не го слушаат она што другите го слушаат. Тука се и филмови од Грција, Франција, Србија и други земји копродукции. Имаме вистински балкански и медитерански филмски фестивал со вкус и арома на лудост и слобода на духот, својствени за овој дел од светот.
Оваа година посветивте програма за децата, за тинејџерите, какви филмски содржини сакате да им откриете?
– Нема ништо без деца и млади. Сѐ почнува и завршува во светот на децата и младите. Дојран е специфичен по тоа што е летна дестинација токму за нив. Затоа ова година фестивалот го почнуваме со програма наменета за оваа публика. Решивме да отидеме каде што природно се децата и младите. Па така, првиот ден во паркот за деца ќе поставиме големо платно, со одличен звук и квалитетна слика каде што ќе реализираме две програми. Првата е за деца до 12 години, ќе имаме еден час анимирани филмови со синхронизација на македонски јазик. Ќе биде уживање за најмладите да можат нивните омилени херои да ги гледаат на огромно платно, не на телевизор, на таблет или на мобилен телефон, како што вообичаено им се сервира тоа дома. Потоа, за младите, за тинејџерите, во рамките на програмата за земјата во фокус, која годинава е Србија, ќе го прикажеме долгометражниот игран филм „Летото кога научив да летам“, кој зборува за првата љубов на двајца тинејџери, која ќе се случи на брегот на морето. Навистина ќе биде уживање, на огромно платно, покрај брегот на Дојран да се доживее една прва и незаборавна љубов. Не криеме, нашата намера е да ги воведеме децата и тинејџерите уште од најрана доба во светот на вистинскиот голем филм. За таа цел пред проекциите имаме и мали дидактички, сосема кратки игри на темата за филмската писменост. Целта ни е да ги образоваме најмладите за тоа што е филм и кој го прави филмот. Се радувам за оваа програма бескрајно.
Земја во фокус е Србија. Што ќе може да се погледне од српската продукција?
– Секоја година правиме омаж, фокус на една медитеранска и балканска кинематографија, со цел да може преку повеќе автори и филмови да видиме и да разбереме што се случува таму, преку езерото, во таа земја, во таа кинематографија. Решивме да почнеме со Србија од многу причини, а главната е таа што српската кинематографија е несомнено најмоќната во овој дел од светот и тенденциите и движењата во светот на филмот во Србија, вообичаено се она што подоцна ја креира целата балканска филмска приказна. За таа цел имаме пет српски филмови што се разновидни и жанровски и наративно. Целта е јасна, да ја видиме фокусирана современата српска филмска реалност. Имаме различни автори и по сензибилитет, но и генерациски, тргнувајќи од веќе класикот Дарко Бајиќ, па сѐ до Петар Ристовски, инаку син на познатиот актер и режисер со македонско потекло Лазар Ристовски, што сѐ на сѐ зборува пак за Балканот и Медитеранот како свет на навистина заемни врски. Во рамките на програмата, професорот Дарко Бајиќ ќе има свој мастерклас, каде што ќе зборува за изборот на тема кај студентите и младите автори, како основа на нивниот иден развој. Се потрудивме со професорот да договориме од Белград, од познатата филмска школа ФДУ, со него да дојдат и неговите студенти со нивните филмови и заедно со македонските студенти по филм од универзитетите за филм и уметности да бидат дел од фестивалот и навистина уште на почетокот на нивните кариери да ги поврземе меѓу себе и да создадеме нови мостови за балканско и медитеранско филмско творештво.
Како ја правевте селекцијата на филмовите, што е заедничкото што ги поврзува?
– Критериумите по кои се водиме се едноставни. Првиот и најважниот е дека сакаме ова да биде фестивал на уметноста на филмот, каде што на секаков начин ќе доминираат спецификите на филмот и духот на авторите од Балканот и Медитеранот. Сите други критериуми произлегуваат од овој и може да се сведат на неколку други, не би рекол критериуми, туку идеи. А тоа се идеите за „Преку езерото“ како фестивал на слободата на изразувањето. „Преку езерото“ како фестивал на љубовта кон уметноста на филмот. „Преку езерото“ како можност секој Балканец и Медитеранец да може да дојде преку езерото и од другата страна да го види она што несомнено му е блиско, разбирливо и препознатливо и во секоја смисла негово. „Преку езерото“ е идеја за споделување на сите вредности на Балканот и Медитеранот. „Преку езерото“ е идеја за тоа како луѓето од Балканот и Медитеранот да дојдат преку езерото. Убедени сме дека филмот, уметноста воопшто, може да биде оној прв кораб што ќе отплови на другата страна од езерото на животот. Ако го направиме тоа ние уметниците, обичниот човек, народот, полесно ќе го препознае патот кон уметноста како место за заемна љубов. Идејата е љубов. Преку езерото има идеја да ги обедини луѓето од Балканот и Медитеранот во уметноста на подвижните слики каде што духот скита без граници и без предрасуди.