Во Управниот суд немало, нема и нема да има рачна распределба на судски предмети додека јас раководам, односно распределбата била и ќе биде единствено преку АКМИС системот и согласно судскиот деловник кој ја уредува распределбата на предметите. Следствено, сѐ останато е на шпекулативно ниво и со индикација ги отфрлам ваквите ситуации, изјави претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини.
Во однос на изнесените информации во јавноста, Сејдини рече дека анонимноста на пријавите непромислено упатува на фактот дека покрај негова лична дискредитација, се прави обиди за нарушување и на институционалниот капацитет и интегритет на судот.
– Најодговорно тврдам дека ништо од тоа не е точно. Ниту, рачна распределба на предмети, ниту пак 190 застарени предмети. Стојам на располагање, да видите или побарате, официјална информација да Ви доставиме дека нема застарени предмети од областа на даноците, царините и сличните предмети, каде што државата преку јавните органи утврдува обврски кон нашите граѓани – рече Сејдини.
Годишно, нагласи Сејдини, приливот на предмети во Управниот суд е околу шест илјади и во изминатите пет години додека тој раководи се совладува и секогаш е оценуван како ажурен.
– Верувам во довербата на граѓаните кон Управниот суд и кон целото судство, затоа што само со доверба и со верба секое утро дека ќе успееме да им служиме најдобро на нашите граѓани – изјави Сејдини.
Во однос на, како што рече Сејдини, шпекулациите за застареност на предмети, тој како претседател на судот, ниту пак електронскиот систем, располага со податоци кога одреден предмет ќе добие третман на застарен, даночен или царински долг за истите да бидат предмет на манипулација од чија било страна.
– Во областа на даноците и царините работат 18 колеги. Верувајте, они раководат со движењето на предметите и со решавање на предметите, така што, никој нормален нема да го дозволи тоа, а не пак судии кои макотрпно се трудат да обезбедат правда во оваа држава – нагласи Сејдини.
Освен прекршоците, кои што застаруваат согласно Законот за прекршоци, Сејдини, нагласи дека ретки се случаите на застареност во поглед на даноците и царините, а тоа е кога е веќе изминат апсолутниот рок на застареност од десет години.
За наводната штета од милион евра, нанесена од негова страна, Сејдини рече дека остава да цени јавноста, нагласувајќи дека Управниот суд е сериозна институција и ќе продолжи да работи совесно, траснпарентно и единствено согласно закон.
– Шпекулациите за наводно причинета штета од моја страна од милион евра, наведени во прилогот за кој во истиот наведуваат дека не се утврдени од Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупција, оставам да цени самата јавност и на совета на тие што го приредуваат ова шоу – изјави Сејдини.
За содржината на претставката, Сејдини рече дека не е запознаен и дека е затечен од тоа што го чул во јавноста.
– Ќе ми беше драго да ги имав кривичните пријави пред мене, односно да бев запознаен, за да можам без и воопшто да овозможиме облевање на јавниот дискурс со неточни сознанија да одговорам, рече Сејдини.
Анонимноста на пријавата, посочи Сејдини, не соодветствува со тоа што се вели дека е од вработени од Уставниот суд.
– Баш би сакал да знам ако е од вработените во овој суд, тогаш сериозно треба да се преиспитам себе си, односно мојата работа, затоа што при преземање на должноста претседател на Управниот суд затекнав 80 вработени, со сѐ судиите, денеска таа бројка е 130 – изјави Сејдини, посочувајќи дека тоа, според него не е можно, бидејќи тој лично се гордее со нив и нивната заложба и грижа што ја покажале при преселбата на судот во новите простории.
Во врска со прашањето дека ДКСК оформила предмет за него, тој одговори дека тоа е вообичаена пракса.
– Посакувам успешна работа на колегите од ДКСК, најверојатно после овој прес, кој што е редок во судството, ќе има понатамошни ситуации, ќе се обидам да Ве информирам за се преку соопштенија – изјави Сејдини.
Прашан за обвинувањата за семејни вработувања, Сејдини рече дека сите вработувања се согласно закон.