Излезе од печат романот „Записите на црвот Смолински“ од младиот автор Азем Делиу од Приштина, Косово. Романот беше во најтесен круг за Европската награда за книжевност.
Ова е роман што на читателот му го остава истиот впечаток што го остава и краткиот роман „Странецот“ на Албер Ками, кој со своите одвај 100 страници своевремено им го сврти вниманието на читателите и на книжевната критика. Секако дека романот е книжевен жанр што е голем тест за зрелоста на авторот, но во случајот со Азем Делиу ни се случува блесок на еден книжевен талент, кој ветува дека има уште многу што да му каже на својот читател. Романот што возбудува и восхитува уште со првата своја реченица, зборувајќи за кафкијанската атмосфера во која потонува овој грешен 21 век, зборува за човековата слабост и недореченост, за неговата неснаодливост во цивилизациската напнатост што ни ја понудува лажниот реалитет на виртуелноста, но зборува и за еден тажен поглед назад, кон смиреноста и вистинските вредности во човековото опкружување.
Азем Делиу (1996) е млад писател од Приштина, кој студирал албанска литература на Универзитетот во Приштина. Ги објавил стихозбирката „Погребен дожд“ (Тирана, 2013) и двата романа „Илегален љубовник“ (Тирана, 2016) и „Записите на црвот Смолински“ (Тирана, 2018), кој влезе во потесниот избор за наградата за литература на Европската Унија во 2020 година. Делови од неговите дела се објавени на албански, српски, хрватски, босански, турски, англиски, бугарски и германски јазик. Добитник е на пет меѓународни стипендии „Рајтер ин резиденс“ и бил гостин на повеќе меѓународни литературни фестивали. Неговиот прв роман е преведен на англиски, а во моментов се преведува на полски, германски и на француски. Живее во Приштина.
Книгата е поддржана од регионалната мрежа за културна разновидност РЕАД.
Промоцијата ќе се одржи на платото пред МКЦ, на 11 јули, во 20 часот. Промотор на книгата ќе биде уредникот Сашо Огненовски, а гостинка на промоцијата, покрај авторот, ќе биде и преведувачката Јордан Шемко Георгиевска.