Ексклузивна репортажа за „Нова Македонија“ од Сицилија од нашата дописничка од Прилеп
Сицилија. Остров во Средоземно Море? Не е баш така… Таа е многу е повеќе од тоа, барем за мене… Таа е своевиден центар на Средоземјето, околу кој низ историјата до денес гравитираат и настани и луѓе. Сицилија отсекогаш била интересна дестинација за луѓето од целиот свет. Затоа Сицилија е богата и со историја и историски настани, градби, артефакти, митови и легенди. За мене, Сицилија претставува „ковчег со скриени богатства“ што чека да биде отворен. Повторно и повторно…
Текст и фото: Каролина Мицевска
Сицилија ја посетив изминатите денови. Илјадници посетители има во текот на целата година, но сега „вриеше како во кошница“, бидејќи повеќето беа дојдени на летување.
Островот отсекогаш бил стратегиска точка и цел на голем број освојувачи. И така, кога првпат ќе стапнете на тлото на Сицилија, ќе ги забележите влијанијата на Грците, Арапите, Норманите… Ќе сфатите дека Сицилија е земја на контрасти, на различна култура, архитектура. Културата е разновидна, ама уникатна. Првиот впечаток е дека домаќините се гостопримливи, има добра храна, пијалаци, во кои ќе уживате при вашиот престој на островот, кој е посебен.
Сицилија е најголемиот остров во Италија, со површина од 25.700 квадратни метри и со околу пет милиони жители. Кога ќе почнеш да ја истражуваш, ќе те плени, не само со убавата природа туку и со плодните полиња, обработени до секој сантиметар, плантажите со маслинки, портокали, лозја, со вкусот, бојата и мирисот.
Откако се сместивме во местото Сан Алесио Сикуло, нашето патување го започнавме од Палермо, кој нуди амбиентални споменици и локален пазар и е гастрономска престолнина на Сицилија. Необичен град со многу противречности, најважен град на истокот на островот со повеќе од 300 илјади жители. Кога ќе пристигнете, на влезот на градот ќе ве дочекаат неколку авении, широки, пространи, во кои се вози по неколку ленти. Што да разгледате во Палермо?
Најпрво појдете во стариот дел на градот преку триумфалната градска Порта нуова, изградена во 15 век, пораскошно уредена во 16 век, откако низ неа поминал моќниот цар Карло V Хабсбуршки. Тогаш била наречена Австриска врата, но сега го носи името Нова порта. Потоа прошетајте низ главниот плоштад и влезете во необичната катедрала, а потоа и до главната палата. Палацо деи Нормани е кралска палата изградена врз арапска палата од 9 век. Некаде сѐ уште се забележуваат сводовите во арапски стил. Кралската палата е една од најстарите резиденции во Европа.
Она што навистина ќе ве воодушеви е театарот „Масимо“, најголемата оперска куќа во Италија, трета во Европа, отворена во 1897 година. Задолжително влезете внатре за да уживате и да го почувствувавте италијанскиот културен дух. Впрочем, Палермо во 2018 година беше европски град на културата, а најголемиот дел од настаните се случуваа токму во убавиот театар „Масимо“. Ако ви остане време, појдете до еден од четирите градски пазари, кој ќе ве плени. Многубројни тезги со разновидно овошје, зеленчук и риба. Прошетајте низ тесните улички и почувствувајте го духот на градот. Ама вкусете и од традиционалната храна во некој од многубројните ресторани, така брзо ќе ви мине времето, и назад кон местото каде што сте сместени.
Сиракуза, Етна и Катанија – туристички атракции
Ако ви дозволува времето, посетете ги убавите плажи Чефалу, Изо бела, Џардини Наксос, ама задолжително посетете ги и одличните туристички дестинации – градовите Сиракуза и Катанија и вулканот Етна.
Сиракуза, светски познат град, местото каде што живеел Архимед, кому во центарот му е подигнат споменик. Град под заштита на УНЕСКО. Најјужен дел од Сицилија, кој ќе ве плени уште кога ќе стапнете во него. Старите делови на градот Ортигија, уште се во класичен барок, со преубавата катедрала, изградена на темелите на стар грчки храм посветен на божицата Атина. Најпрво ќе ве пресретне преубава фонтана, која ќе ве намами за фотографирање, а потоа кога ќе прошетате низ тесните улички, кои се вистински лавиринт, ќе излезете на главниот плоштад пред катедралата „Санта Марија дела Короне“, градена во различни стилови, со столбови што оставаат без здив.
Тука се поставени скулптурите на апостолите Петар и Павле, кои се свртени кон плоштадот. И преостанатите градби на плоштадот се од различни периоди, како што се Градската куќа, Бискупскатапалата, црквата „Санта Лучија“… Сѐ е под заштита на УНЕСКО.
Не треба да се трошат многу зборови за да се каже дека вулканот Етна е вистински споменик на природата и со своите 3.320 метри е местото откаде се гледа цела Сицилија. Етна е последниот жив вулкан во Европа, кој иако е опасен, сепак има плодно вулканско земјиште, кое овозможува развој на земјоделството, покрај туризмот. Етна е вистинско искуство за секој посетител. Дали со автомобил или со автобус, можете да стигнете до 2.000 метри надморска височина, до просторот каде што има многубројни сувенирници и од каде што тргнува жичницата за во висините. Ако сте пољубопитни, со жичницата можете да се искачите уште повисоко за да ги видите уште поубаво кањоните настанати од ерозијата низ годините. Ако не, ќе се задоволите со она што ќе го видите тука. А, околу вас грамадни камења, скулптури, кратери, кои сведочат за силните ерупции на Етна. Времето брзо минува, тука се останува најмногу докај 16 часот, за потоа се продолжува кон Катанија, втор по значење град на Сицилија, сместен на јужниот брег на островот.
На прв поглед Катанија изгледа како обичен град со неуредени улици, сиви и црни фасади настанати од користење на вулканскиот камен, со многу метеж. Но, штом го започнете разгледувањето на градот, Катанија се претвора во сето она што го замислувате за Италија. Ова е град на Сицилија што ви се отвора како бисер со многу волшепства и го исполнува срцето на секој посетител. Затоа го нарекуваат Милано на југ. Целиот град е атракција, иако преживеал многу катастрофи – од напади на пирати, бомбардирања во Втората светска војна, епидемии, глад до природни катастрофи од ерупциите на вулканот Етна. Катанија целосно била разорена во 1669 година, па потоа обновена.
Катанија е моќен и жив град, во исто време елегантен. На секој чекор, па и во сувенирниците, ќе забележите слон, тоа е заштитникот на градот, кој ги симболизира силата и сигурноста на сицилискиот народ. Градот уште при првата моја посета, пред седум години, ме плени, и затоа посакав по вторпат да дојдам.
Таормина – најшармантниот град на островот
Таормина. Прекрасен дење, а шармантен навечер. Сицилиското Сан Тропе. Место каде што престојувале многубројни уметници – Гете, Ото Геленг, Труман Капоте, Ги де Мопасан. Град на значајниот филмски фестивал, кој кога го посетив овој јуни беше во полн ек. Изграден е на 300 метри над Јонско Море. Задоволство е да се шета низ Таормина, која ве освојува на прв поглед со малите живописни средновековни улици, скриените премини од една до друга страна, одличните ресторани, кафе-барови и продавници.
Посетете ја улицата Корсо Умберто, главна пешачка артерија со премногу палати, продавници, ресторани. Внимателно разгледајте ги објектите, куќите, кои се убаво уредени, а на балконите има различни детали, кои ќе ве остават без здив. На краевите на улицата се издигаат старите градски капии – на исток Порта Катанија, на запад Порта Месина. На половина пат на улицата е Дуомо де Таормина од средновековниот период и најважната верска градба во Таормина. Тука има фонтана од 17 век (Фонтана ди Пјаца Думо) формирана од четири коња, од кои од еден тече вода.
Од терасата „9 април“ имате најубав панорамски поглед. Тоа е најважниот и најубав плоштад во градот. Ако ви се искачува по скали, на врвот горе е дворецот Таормина. Разгледајте ги и палатите Корваја и Ди санто Стефано, а потоа изгубете се низ тесните улички и откријте ја секоја педа од Таормина, за кога ќе се изморите да седнете во некој од рестораните и да вкусите бадемово вино, аперол или сладолед со посебен вкус. Полека и овој ден ќе ви мине.
До следната средба со Сицилија!