Фото: принтскрин

Владата го послуша гласот на бизнисот и во средата ги повлече законите за ДДВ, за добивка и за солидарен данок, но со тоа е задоволен само првиот дел од барањето на Стопанската комора на Македонија, од каде што бараат сосема да биде запрена целата натамошна процедура додека не се дојде до најдобро решение

Ако сакаме предвидлива бизнис-клима мора да се носат клучни, издржани закони што би го подобриле работењето на компаниите, а не да се туркаат ад хок решенија, по скратена постапка. Тоа мора да престане. Не може да се менуваат правилата прекуноќ, ниту треба да се менуваат со секоја промена на власта. Неопходен е континуитет. Бизнисот бара систем, но смета и дека секое решение донесено од страна на државата треба да биде добро, не само за стопанството туку и за граѓаните.
Ова се главните поенти од прес-конференцијата во Стопанската комора, каде што зборуваа претседателот на комората, Бранко Азески, потпретседателот Зоран Јовановски и извршниот директор Антони Пешев.

Тие изразија задоволство дека Владата го испочитувала барањето на бизнис-секторот и ги повлекла законите за ДДВ, за добивка и за солидарен данок, но со тоа е задоволен само првиот дел од барањето на комората и затоа претседателот Бранко Азески апелира сосема да биде запрена натамошната процедура и во заеднички консултации со бизнис-заедницата да се дојде до најдоброто решение.
– Ние не можеме да штрајкуваме. Нудиме дијалог за кој веруваме дека Владата ќе има слух – одговори Азески на новинарското прашање што ако сепак законот биде донесен.

Според него, решението е во потпишувањето на декларацијата, во склучување договор меѓу државниот и приватниот сектор со кој би се регулирале меѓусебните односи. Азески уште еднаш укажа на потребата од потпишување на декларацијата што комората ја донесе минатата година и зад која стојат МАНУ, универзитетите во земјава, Организацијата на работодавачи, Делегацијата на германското стопанство и Занаетчиската комора. Тоа, нагласи, ќе значи национален консензус околу клучните прашања и гаранција за спроведување долгорочни економски политики, односно „враќање од партиската кон државната агенда“.

Ад хок носењето ваков данок, во втората половина на деловната година, создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, дециден е Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора.
– Законот е селективен и се однесува само на компаниите што остваруваат приход поголем од 615 милиони денари (10 милиони евра), се врши оданочување на добивката независно дали таа е резултат на пазарните услови или е резултат на зголемени инвестиции и продуктивност, а тоа ги дестимулира успешните компании – посочи Јовановски.

Извршниот директор Антони Пешев потенцираше дека бизнисот не слушнал никакво образложение дека некоја фирма ја нарушила монополската позиција на пазарот за да се оданочува „солидарно“.
– Најголемиот дел од компаниите што ќе бидат погодени од законот се странски и за нив тој е неразбирлив, непредвидлив и ненајавено ретроактивен. Тоа ви е исто како да играте натпревар и во првото полувреме владеат едни, а во другото полувреме сосема други правила – објасни Пешев. Според него, постои уште една дилема без одговор – ако законот има социјална димензија, каде е програмата според која ќе се распределуваат и трошат собраните пари?

Владата пресмета дека од овој данок ќе собере 90 милиони евра од околу 200 компании што оствариле вкупен приход од над 10 милиони евра и чиј профит е поголем од 20 отсто во однос на четиригодишниот просек. М.Ј.