Брисел точно знае кој ја прави состојбата да ескалира на Косово / Фото: Архива

ЕУ признава дека не успеа да постигне одржлива деескалација на Косово

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека натамошната ескалација на Косово и Метохија не е опција и дека е време да се смени курсот. Зборувајќи во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за можните последици за двете страни, Лајчак рече дека за тоа ќе одлучуваат земјите-членки на Европската Унија.
– Но знаеме какви ќе бидат последиците доколку нема деескалација на теренот. Ќе има дополнително насилство. Затоа наша одговорност е да не дозволиме да се случи такво нешто – рече Лајчак.
Тој изјави дека властите во Белград и во Приштина разбираат дека е неопходна деескалација, како и одржување нови избори. Сепак, како што рече, на минатонеделната средба во Брисел, Белград и Приштина не успеаја да се договорат за понатамошни конкретни чекори, иако претставниците на Европската Унија претставија сеопфатна патоказ.
– И покрај нашите најдобри напори, не успеавме да постигнеме одржлива деескалација. Наместо тоа, имаше насилни судири, апсења и реторика од двете страни насочени против САД и другите партнери – рече Лајчак во дискусијата во Комитетот за надворешни работи на ЕП за актуелната криза.
Тој наведе дека на средбата во Брисел документ за чекорите за деескалација им бил презентиран на Албин Курти, премиерот на привремените институции на Приштина, и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Според него, од Србија се бара да ги повлече демонстрантите, да соработува во процесот на гонење на сторителите, да ги ослободи полицајците и „да нема ново движење на силите кон границата“. Од друга страна, како што наведува тој, од властите во Приштина се бара градоначалниците Албанци да работат од алтернативни места, повлекување на косовските полицајци од општинските згради и укинување на блокадата за увоз на стоки од Србија во Косово.
Тој го пофали ослободувањето на тројцата косовски полицајци што беа уапсени од српските власти. Притоа додаде дека поради сегашните односи меѓу Белград и Приштина, постои голема пречка за двете страни на нивниот пат кон Европската Унија.
– Сакаме да го промениме тоа – нагласи Лајчак.
Тој изјави дека постои страв од ширење на кризата во целиот регион и дека ситуацијата нема да се деескалира доколку не почне имплементацијата на договорите постигнати годинава во Брисел и Охрид.
Зборувајќи за улогата на САД, Лајчак рече дека ЕУ и САД имаат најдобра соработка досега на ова прашање, а Вашингтон е загрижен и за ситуацијата на Косово и Метохија. Според него, САД очекуваат Европската Унија да реагира одлучно и да не дозволи никаква нестабилност.

Санкции за Косово?

Генералниот директор на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување, Јан Герт Копман, во Брисел изјави дека ќе предложи листа на санкции за властите во Приштина поради непочитување на барањето за деескалација во северно Косово.
– Санкциите вклучуваат стопирање на работата на телата во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, ќе ги прекинеме финансиското планирање за Косово и инвестициските предлози за Западен Балкан – истакна Копман на седницата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ).
Тој додаде дека за Косово ќе биде прекината поддршката преку процесот на јавни набавки и потпишувањето нови договори, како и посетите на високо ниво.
Косовските власти не одговорија на барањата на претставниците на ЕУ за понатамошни чекори и затоа ЕК ќе воведе привремени санкции, посочи Копман и додаде дека има малку знаци дека ќе дојде до деескалација од страна на Приштина.

Еди Рама гледа опасност од создавање Донбас среде Балканот

Албанскиот премиер Еди Рама уште еднаш укажа на сериозноста на ситуацијата во Косово, апелирајќи до меѓународната заедница за наоѓање мировно решение.
– Изгледите за создавање Донбас среде Балканот поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово се вистинска закана – апелираше Рама во вторникот на заедничка прес-конференција на НАТО, на која присуствуваше и генералниот секретар Јенс Столтенберг.
– Сите ние мора да направиме нешто за да го спречиме ова, со промовирање на дијалогот, подигање на високо ниво во Европската Унија, со поддршка на САД и јасно ставање на знаење преку НАТО дека КФОР ќе биде таму за да гарантира и воспостави целосен интегритет за какво било нарушување што може да настане поради неодговорна ескалација – рече Рама.
Тој изрази надеж дека ќе надвладеат разумот и деескалацијата, бидејќи, како што рече, натамошната ескалација на ситуацијата може да донесе „катастрофален крај“.
– Не сакаме да го видиме крајот на Западен Балкан, бидејќи направивме многу добра работа – рече Рама.